Економија
Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот
Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека американската поморска блокада врз Иран дополнително ќе ги намали испораките од регионот на Персискиот Залив.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладне достигна 101,85 долари, што е зголемување од 6,65 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, барелот поскапе за 6,07 долари и достигна цена од 102,64 долари.
Пазарите на почетокот на неделата беа потресени од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување поморска блокада на Иран, поради незадоволството од позицијата на Техеран во преговорите во Исламабад.
САД се залагаа за итно отворање на Ормуски теснец, но Иран инсистирал на прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и на одмрзнување на својот имот.
По објавата на примирјето меѓу САД и Иран во средината на минатата недела, Израел повторно изведе воздушни напади врз Либан, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.
По заминувањето на американските преговарачи од Исламабад, предводени од потпретседателот Џејмс Дејвид Венс, Трамп најави блокада на влезот во Ормускиот теснец, додавајќи дека американската морнарица ќе ги запира сите бродови што платиле транзитна такса на иранските власти.
Американската морнарица за Ројтерс појасни дека блокадата ќе биде воспоставена во Оманскиот Залив и во Арапското Море, источно од теснецот, при што првично беше наведено дека ќе се запираат сите бродови, а подоцна дека ќе се блокираат само оние со ирански пратки.
Вашингтон на тој начин сигнализира дополнителна ескалација на конфликтот, кој веќе сериозно ги намали испораките на нафта од регионот.
Техеран возврати дека американската блокада претставува „пиратство“ и предупреди дека, доколку иранските пристаништа бидат загрозени, нема да бидат безбедни ниту пристаништата во Персискиот и Оманскиот Залив.
Од почетокот на март, Иран извезол околу 58,75 милиони барели нафта, според податоците на порталот Windward.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нејзините членки во петокот изнесувала 105,28 долари, што е намалување за два долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција
Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.
На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.
Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:
„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.
Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.
„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.
Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.
Економија
Германија почнува да гради нови електрани на гас поради недостиг на електрична енергија
Германската влада го отвори патот за изградба на нови електрани на гас во обид да ја пополни празнината во снабдувањето со обновлива електрична енергија, испраќајќи закон за изградба на електрани на гас до Бундестагот.
Целта е електраните на гас да го заменат постепеното напуштање на јагленот како гориво, планирано за 2038 година, и да служат како резерва во иднина за време на периоди на ниско производство на електрична енергија од сончеви електрани и ветерни фарми.
До 2030 година, уделот на обновливите извори на енергија во потрошувачката на електрична енергија треба да се зголеми на 80 проценти, во споредба со 53 проценти во првиот квартал од 2026 година.
Симулациите на Федералната агенција за мрежи покажуваат дека недостигот на снабдување ќе биде неизбежен од 2031 година па натаму ако не се преземат мерки. Изградбата на нови електрани треба да започне најдоцна од таа година. Тие исто така мора да бидат дизајнирани така што ќе можат да користат водород како гориво на јаглеродно неутрален начин по 2045 година.
Потрошувачите на електрична енергија во Германија ќе плаќаат нова такса од 2031 година за покривање на трошоците за изградба.
Нацрт-законот сега влегува во парламентарна постапка, по што регулативите мора конечно да бидат одобрени од Европската комисија според правилата за државна помош.
Овој потег доаѓа во време кога цените на фосилните горива низ целиот свет нагло растат поради војната со Иран и блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран.
Тендерите за нови електрани се планирани во неколку фази во текот на наредните години. Почнувајќи од летото 2026 година, ќе се објавуваат тендери за почетни 11 гигавати нов капацитет. Овој капацитет мора да се одржува во период од 15 години.
фото/Depositphotos
Економија
Николоски: Доброто планирање е клучно за реализација на капиталните инвестиции, реализиравме 75 проценти
Со добро планирање, успеавме до сега да реализираме 75 % од средствата за капитални проекти од буџетот на Министерството за транспорт, што е одличен реузлтат. Доколку има простор, подготвени сме да потрошиме и дополнителсни средства ако буџетот тоа го дозволува, истакна вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски.
„Многу сум задоволен од реализацијата на буџетот во Министерството за транспорт. Во делот на капиталните расходи сме некаде 75 % реализација, што е резултат на едно добро планирање што го направивме минатата година. Ако ме прашувате за следна година и за следната година очекувам иста да е состојбатa во првите месеци. Доколку има простор во буџетот, ние со тимот во Министерството сме подготвени да конзумираме поголем буџет доколку има простор”, изјави вицепремиерот Николоски.
