Свет
Осмооделенец уби осум ученици и еден наставник во училиште во Турција
Девет лица, меѓу кои осум деца, беа убиени денес во пукотница во училиште во југоисточна Турција, изјави турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифчи, додавајќи дека 13 лица се ранети, а шест се во критична состојба.
Зборувајќи со новинарите на прес-конференција во покраината Кахраманмараш каде што се случи крвопролевањето, Чифчи рече дека нападот бил „личен“ инцидент. „Ова беше чисто личен напад извршен од еден од учениците, не е терористички инцидент“, рече Чифчи.
Претходно, локалниот гувернер изјави дека ученик отворил оган во средно училиште во југоисточна Турција, втор таков напад во училиште во Турција за два дена.
„Осмоодделенецот дојде со пет пиштоли и седум шаржери, за кои веруваме дека му припаѓаат на неговиот татко, поранешен полицаец. Влегол во две училници каде што биле петтоодделенци, пукајќи случајно, предизвикувајќи смрт и повреди“, рече гувернерот Мукерем Унлуер.
Тој додаде дека вооружениот напаѓач се самоубил.
Осмоодделенците во Турција обично имаат 13 или 14 години, додека петтоодделенците имаат 10 и 11 години.
Пукањата во училиштата се ретки во Турција. На прашањето на новинарите дали властите ќе преземат некакви мерки по пукањата оваа недела, Чифчи рече: „Ќе преземеме потребни мерки на претпазливост“, без да даде детали.
Локалните медиуми објавија дека таткото на вооружениот напаѓач е уапсен.
Непотврдени снимки од надзорните камери од училиштето го покажуваат вооружениот напаѓач како пука во двајца ученици како одат по ходникот, а неколку ученици скокаат од прозорецот на вториот кат на училиштето додека во дворот се слушаат истрели.
Kahramanmaraş Ayser Çalık Ortaokulu’nda yaşanan silahlı saldırıda öğrenciler okul camlarından atlayarak hayatta kalmaya çalıştılar.#kahramanmaraş pic.twitter.com/5SLTcwKQig
— Sol Yumruk (@Sol_Yumrukk) April 15, 2026
фото/Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Авионска несреќа во Германија: Летало се урна во станбена зона, загинаа две лица
Две лица загинаа кога мал авион се урна во станбена зона во германскиот град Лимбургерхоф, јужно од Манхајм. Според медиумските извештаи, леталото експлодирало во воздух, а делови паднале врз куќите кои биле во близина.
Портпаролот на полицијата Торстен Мишлер изјави дека според досегашната истрага, двајцата патници во авионот загинале во несреќата, пренесува „Билд“.
Според германските медиуми, уште едно лице е повредено, додека бројни делови од леталото паднале во станбената зона по експлозијата на авионот во воздух.
Несреќата се случила околу 11:30 часот, а сведоци изјавиле дека авионот пред падот закачил една куќа.
Полицијата соопшти дека на терен се ангажирани бројни екипи на итните служби и дека подрачјето околу местото на несреќата е обезбедено.
Причината за падот на леталото засега не е позната, а истрагата е во тек.
Свет
Се евакуираат девет села во јужен Либан пред најавените воздушни напади
Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа предупредувања за евакуација до жителите на девет села во јужен Либан, пред, како што наведоа, планираните воздушни напади врз Хезболах.
Според воените најави, на жителите на селата Какајет ал-Шубара, Каутариет Ел Сајада, Меруанија, Гасанија, Тефахта, Ирзај, Баблија, Инсар и Ал-Баисари им беше наредено да се повлечат најмалку еден километар од нивните населби, објави „Тајмс оф Израел“.
Портпаролот на ИДФ, полковник Авичај Адраи, рече дека војската дејствува против Хезболах поради, како што рече, кршење на договорот за прекин на огнот, со порака дека операциите не биле насочени против цивили.
Израелската армија објави дека дрон лансиран од Либан активирал сирени во областа на планината Мерон, но дека нема повредени во инцидентот и дека „ситуацијата е завршена“.
Како што претходно денес објави либанската агенција ННА, израелските воени авиони утрово извршија воздушни напади врз градот Џохмор ел Шакиф на југот на Либан.
Според истиот извор, градовите Кфар Тебнит, Арнун и Џохмор ел Шакиф, како и подрачјето на патот Арнун-Кфар Тебнит, биле изложени на силно артилериско бомбардирање.
Израел и Либан претходно се согласија да го продолжат примирјето прогласено од американскиот претседател Доналд Трамп на 16 април за 45 дена, како што објави Стејт департментот синоќа.
Свет
Путин во официјална посета на Кина на 19 и 20 мај
Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја посети Кина на 19 и 20 мај на покана на кинескиот претседател Шји Џинпинг, соопшти денеска прес-службата на Кремљ.
За време на посетата, Путин и Шји ќе разговараат за билатералните односи меѓу Москва и Пекинг, како и за меѓународни прашања, а планирано е да потпишат заедничка изјава и неколку договори, објавија руските медиуми.
Како што е наведено, двајцата лидери ќе присуствуваат и на церемонијата на отворање на Годината на образованието на Русија и Кина за периодот 2026-2027 година.
Како што е најавено, Путин за време на престојот ќе се сретне и со премиерот на Државниот совет на Кина, Ли Чијанг.
