Свет
Путин со делегација од министри и високи функционери пристигна во Кина
Рускиот претседател Владимир Путин ја почна денеска дводневната посета на Кина, каде што со кинескиот лидер Ши Џинпинг ќе разговара за проширување на врските и за горливите глобални прашања, пренесува агенцијата „ДПА“.
Путин е придружуван од делегација составена од министри, бизнис лидери и високи функционери, вклучувајќи ја и гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, како и шефовите на големите енергетски компании како „Гаспром“ и „Роснефт“, соопшти Кремљ.
Поради западните санкции воведени како одговор на руската војна против Украина, многу руски компании станаа зависни од Кина како трговски партнер. Во видеото снимено пред неговото пристигнување во Пекинг, Путин изјави дека е задоволен што повторно ја посетува Кина и ги истакна поблиските контакти меѓу луѓето благодарение на новиот договор за безвизен режим меѓу двете земји. Путин исто така посочи дека обемот на трговската размена меѓу земјите пораснал на повеќе од 200 милијарди долари.
До посетата на Путин на Кина доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на таа земја. Иако се очекува Ши да го информира Путин за тие разговори, официјални лица од Кремљ изјавија дека посетата била планирана однапред и дека не претставува директен одговор на Трамп.
Пекиншкиот „Глобал тајмс“ (Global Times) напиша дека Кина сè повеќе се развива во центар на светската дипломатија. Повикувајќи се на аналитичари, медиумот наведе дека од Студената војна наваму е исклучително ретко една земја да ги прими лидерите на САД и Русија еден по друг во рок од една недела.
Разговорите меѓу Путин и Ши се закажани за утре, а ќе бидат фокусирани на понатамошниот развој на она што двете страни го опишуваат како привилегирано стратешко партнерство, како и на регионалните и меѓународните прашања.
Според Кремљ, лидерите ќе потпишат заедничка декларација и низа билатерални договори. Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека вкупно би можеле да се потпишат околу 40 документи кои ги опфаќаат индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Уапсени двајца Срби на изборниот ден во Косово поради сомнеж дека влијаеле врз гласачи
Косовската полиција за време на изборниот ден привела две лица во селото Гораждевец поради сомневање за влијание врз гласачи, јавија српските медиуми.
Радио Гораждевец објави дека станува збор за Р. З. и М. Д., а по налог на надлежните органи бил извршен претрес на нивните семејни куќи за прибирање докази.
Истражните органи испитуваат сомневања дека приведените вршеле недозволено влијание врз гласачи.
Социјалистичката партија на Србија (СПС) преку соопштение најостро го осуди „денешното апсење во Гораждевец“ на угледниот домаќин и официјален претставник на тоа српско село – М. Д.
Во соопштението стои дека заедно со него бил приведен и Р. З., кој е еден од значајните српски претставници во овој крај.
СПС оцени дека тоа претставува „најгрубо кршење на човековите права од страна на (премиерот на Косово Албин) Курти“, и дека уште еднаш се покажува дека Србите немаат ни најосновни права.
„Особено загрижува што денес се одржуваат избори и дека ова е очигледен обид за заплашување на приврзаниците на Српска листа (која има поддршка од официјален Белград)“, стои во соопштението.
СПС, коалициски партнер во владата во Белград, побара од меѓународните сили „итно да реагираат и да ги применуваат одредбите од Резолуцијата на СБ на ОН 1244“.
Фото: ЕПА
Регион
Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово
Првичните резултати од денешните парламентарни избори во Косово повторно покажуваат убедливо водство на „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти.
Според првичните резултати движењето „Самоопределување“ на Курти има околу 42,3% од гласовите. На второ место е Демократската партија на Косово (ПДК) со приближно 21,6%, а потоа следи Демократската лига на Косово (ЛДК) со околу 17,3%. Алијансата за иднината на Косово (ААК) и другите партии остануваат под 8%.
Иако Курти повторно ја обезбедува првата позиција, резултатите не се доволни за самостојно формирање влада, па косовските медиуми јавуваат дека следуваат преговори за коалиција. Официјалните резултати се очекуваат во наредните денови.
Ова беа трети парламентарни избори во Косово за 18 месеци. Курти победи и на претходните избори, но не успеа да се договори за претседател на собранието па тоа беше распуштено во април годинава.
Фото: Депозитотос
Свет
Русија постави нов услов за крај на војната со Украина
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека целосното обновување на правата на говорниците на руски јазик во Украина е еден од клучните услови за постигнување долгорочно решение на војната.
Москва со години го обвинува Киев за дискриминација на руската малцинска заедница и граѓаните кои зборуваат руски јазик. Кремљ токму тврдењата за јазична дискриминација и, како што наведува, русофобија ги користеше како едно од главните оправдувања за започнување на целосната инвазија врз Украина во 2022 година.
Лавров ги повтори тие обвинувања вчера во видеопорака објавена по повод Денот на рускиот јазик.
„Меѓу нашите апсолутни приоритети се заштитата и поддршката на оние на кои рускиот им е мајчин јазик,“ рече Лавров. „Ќе продолжиме решително да се спротивставуваме на сите облици на јазична дискриминација и русофобија, каде и да се појават.“
Особено се осврна на Украина, тврдејќи дека Русија „сигурно ќе постигне“ обновување на правата на говорниците на руски јазик, за кои вели дека биле мета на украинските власти.
„Решавањето на тоа прашање е еден од нужните услови за долгорочно решение на украинскиот конфликт,“ рече Лавров.
Изјавата на Лавров доаѓа ден откога рускиот претседател Владимир Путин го одби предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директна средба.
Фото: Депозитотос
