Регион
Радев води пред вториот круг од претседателските избори во Бугарија
Кандидатот за нов бугарски претседател поддржан од опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), Румен Радев води пред Цецка Цачева, кандидат на владејачката Граѓани за европска бугарија (ГЕРБ) пред вториот круг од претседателските избори кои ќе се одржат во неделаа, а неговата победа може да доведе до нови парламентарни избори, доколку премиерот Бојко Борисов го одржи ветувањето и поднесе оставка доколку биде поразена кандидатката на неговата партија од десниот центар.
Поранешниот командант на бугарските воздухопловни сили води со 51 отсто во однос на 40-проценти колку што анкетите ѝ даваат на 58-годишната Цецка Цачева, која е претседателкана парлaмeнтот.
Победата на 53-годишниот поранешен генерал Румен Радев, покрај нестабилноста којашто би ја предизвикал премиерот Бојко Борисов со евентуалната оставка, може да доведе до приближување на Бугарија кон Русија, и со тоа да го предизвика незадоволството на Европската унија и на НАТО, сметаат аналитичарите во Брисел.
Радев, пак, ги отфрла ваквите стравови за приближување кон Русија. Истакнува дека тој е „генерал на НАТО формиран во САД“ и дека Бугарија нема алтернатива за припадноста во ЕУ и НАТО. Цачева, пак, во кампањата се претставува како фактор на стабилност.
Таа е најквалификуваната за оваа должност, иако не е најхаризматична ниту најпопуларна, смета премиерот Борисов, кој вети дека ќе поднесе оставка уште по првиот изборен круг, но се премисли и најави дека тоа ќе го стори доколку Цачева кончено биде поразена. Но најавата за негова оставка, повеќе ги мобилизираше неговите противници отколку приврзаниците, сметаат политичките коментатори.
Радев, инаку, ново лице во политиката, владејачката партија го нарекува „црвен генерал“ кој на власт ќе ги врати социјалистите и ќе предизвика „замрзнување на европските фондови“, но тој ја освојува наклонетоста на избирачите кои се фрустрирани од политиките на политичката елита која ја сметаат за корумпирана и самодоволна. Неговата предност е одраз на разочарувањето на бугарските избирачи од владата на премиерот Борисов, којашто не успеа да спроведе темелни реформи, ниту да ги сузбие корупцијата во една од најсиромашните членки на ЕУ.
Поранешниот пожарникар, каратист, телохранител, полициски началник и градоначалник на бугарската престолнина Софија, 57-годишниот Бојко Борисов десетина години доминира на тамошната политичка сцена. На земјата ѝ ја донесе многу посакуваната доза стабилност, откако кон крајот на 2014 година, по вторпат стана премиер.
Сепак, сиромаштијата, корупцијата и бавното спроведување на реформите и натаму ја оптоваруваат Бугарија, а последните месеци загриженост предизвикуваат и илјадниците мигранти кои Бугарија ја гледаат како прв чекор кон посакуваниот Запад. Радев ветува дека ќе ги зајакне граничните контроли за да го спречи приливот на мигранти, и по примерот на соседна Романија и поуспешно да се пресмета со корупцијата. Во Бугарија, власта и одлуките ги носат владата и парламентот, а претседателот има право на вето, ги именува клучните функционери и е врховен командант на воените сили.
Прозападно ориентираниот досегашен претседател Росен Плевнелиев, инаку близок на Борисов, не сакаше да се кандидира за новиот петгодишен мандат./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Спасувачка операција во БиХ по поплавите: трудница во тешка состојба, 10-годишно момче со тешки скршеници со хеликоптер е префрлено во Мостар
Доктор Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ во Мостар, потврди дека во првиот бран на евакуација од Јабланица помош им била укажана на четири лица, од кои две биле пренесени со хеликоптер.
-Се работи за трудница во осмиот месец од бременоста, која беше евакуирана од екипите на Планинарската спасувачка служба, а која за жал го загуби бебето. За жал моментално е во животна опасност. Не можам да дадам прогнози, бидејќи се работи со повеќекратни повреди опасни по живот – изјави Дурановиќ за Avaz.ba.
Со неа, додаде таа е донесен и нејзиниот сопруг, а неговиот живот не е во опасност.
-Потоа со хеликоптер е пренесено 10-годишно момче, кое има скршеници и во моментов не е ни во животна опасност, како и маж, кој засега е стабилен – изјавила таа.
Таа нагласи дека целосно се ослободени сите капацитети на оваа болница за потребите на прием и згрижување на повредените жители на Јабланица.
– Вработените нема да ги напуштат работните места до дополнително известување, а сите што беа ослободени ги повлековме од дежурство – рече таа.
Засега немаат информации од терен колку евентуално повредени може да очекуваат во наредните часови.
– Целосно сме подготвени и во контакт сме и со нашите колеги во СКБ Мостар – изјави Дурановиќ.
Инаку транспортот и евакуацијата на повредените од Јабланица се одвива во исклучително тешки услови.
Според досегашните информации, припадници на ГСС на носилки ги носат повредените до изворот Комадино, а потоа со помош на чамци се транспортираат до мостот Бегиќ и Беговиќ.
Инаку според медиумите во регионот најмалку 14 лица загинале во поплавите и свлечиштата што ја погодија населбата Јабланица на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица сè уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.
Регион
Најмалку 14 загинати во Јабланица, објавена првата официјална информација за жртвите од поплавите во БиХ
Дарко Јукан, раководител на Секторот за односи со јавноста, потврди дека во Јабланица загинале најмалку 14 лица.
Тој објави дека се пронајдени 14 тела и дека има многу жртви, а најкритична е состојбата во областа Долна Јабланица, на патот од Мостар кон Сараево, по обилните врнежи во текот на ноќта, што предизвика одрони и свлечишта на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица сè уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.
Тој изјави дека се ангажирани припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина, полицијата и меѓународните сили, кои се на обука и дека има проблеми со прекин на комуникациите.
„Ќе побараме помош од меѓународната заедница и од другите земји“, додаде тој за „Ал џезира“.
Вооружените сили на Босна и Херцеговина ќе бидат ангажирани со полн капацитет да му помогнат на населението во поплавените подрачја, изјави министерот Хелез за „Аваз“.
„Трудницата, чие дете ѝ почина во утробата, е евакуирана од подрачјата погодени од поплавите на југот на Босна и Херцеговина и е оперирана во Мостар“, изјави Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Муиќ“, за Радио Слободна Европа.
Регион
Исчезна пат поради порои во Босна и Херцеговина, пруга виси во воздух
Во близина на изворот Комадино, недалеку од Јабланица во Босна и Херцеговина, патот е целосно исчезнат поради пороите и одроните што го зафатија теренот. На фотографијата може да се види и како железничката пруга виси во воздухот бидејќи водата ја однела почвата под неа.
Малку претходно Планинарската служба за спасување (ГСС) Јабланица ги повика жителите да се обратат за помош и пожарникарите со заеднички сили се обидат да ги спасат загрозените од поплавите предизвикани од обилните врнежи во текот на ноќта. Потврдено е дека Јабланица е целосно блокирана.
„Полицијата нè извести дека е блокирана и пругата. Во моментот не можете да влезете или да излезете од Јабланица. Фиксните телефони работат, но мобилните немаат сигнал“, велат од ГСС.
Поради големите поплави и одрони, загрозено е голем дел од населението, а според достапните информации, има голем број повредени и исчезнати лица.