Регион
„Беше нормален само кога беше мал“ – се огласи таткото на убиецот од Градачац
„Не знам што го навело да ја направи оваа грешка. Сигурно му изгорел мозокот. Како дете од пет, шест години беше нормален, а потоа не. Тој не се хранеше со мене, порасна далеку од мене“.
Фикрет Сулејмановиќ, татко на масовниот убиец од Градачац, Нермин Сулејмановиќ, откри дека се срами од својот син, кој уби тројца луѓе пред четири дни.
„Мајка му почина пред неколку години, таа живееше со него. Полицијата го знаеше подобро, само да го уапсеа навреме, да го отстранеа, да направеа било што… но видовте дека никој не се занимавал со тоа, па чекавме да експлодира и го направи тоа што го направи“, вели таткото на Нермин, Фикрет.
Човекот раскажа дека се сретнал со својата снаа Низама Хеќимовиќ, која синот ја уби во петокот и нивното осуммесечно бебе и дека тогаш се надевал дека монструозниот Нермин се смирил.
„Решив еден ден да ги видам, па ја наведнав главата и отидов кај нив. Ги видов Низама и бебето пет минути. Бев среќен. Имаше дете, мислев дека ќе се подобри, дека ќе биде подобар поради бебето. Сепак, тој остана ист. Кој не би се надевал дека неговото дете ќе биде подобро, кој не би?“, прашува таткото.
Вели дека од болка не може ни да мисли на масакрот.
„Само пијам апчиња и гледам во таванот и си замислувам дека не знам ништо. Би сакал да преспијам се’, еден месец и да се разбудам. Не се чувствувам добро, не знам веќе што зборувам“ рекол Фикрет.
Нермин Сулејмановиќ, кој изврши тројно убиство, почнувајќи од невенчаната сопруга Низама Хеќимовиќ, веќе бил пријавен во полиција за семејно насилство.
Тој ја уби сопругата пред викендицата во Шибовац, недалеку од Градачац.
Како што можеше да се види на вознемирувачкото видео кое сега е избришано, тој ја прашал жената зошто го пријавила во полиција, а таа му одговорила дека се плашела за себе и за детето.
Откако ја претепал и убил својата невенчана сопруга, Нермин уби уште две лица, татко и син (23), турски државјани, Џенгиз Ондер и Џенгиз Денис. Ранета е и сопругата на убиениот, која е во критична состојба на Клиниката за анестезиологија и реанимација во Тузла.
Претходно денес, медиумите во Босна и Херцеговина објавија дека никој не сака да го преземе телото на Нермин Сулејмановиќ, па ни неговото семејство, и не се знае кога ќе биде погребан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

