Регион
Би-би-си: Дали грчката крајбрежна стража е делумно виновна за смртта на неколку стотици луѓе
Би-би-си објави дека се појавија нови докази, кои дополнително фрлаат сомнеж на верзијата на грчката крајбрежна стража за настаните во врска со потонувањето на бродот минатиот месец, во кој загинаа речиси 600 мигранти.
Двајца преживеани опишаа како крајбрежната стража извршила притисок врз нив да ги идентификуваат деветте Египќани во бродот како трговци со луѓе. Новото видео од преполниот брод што потона во морето исто така фрла сомнеж во верзијата на грчката крајбрежна стража.
Видеото е снимено кога бродот наводно бил на стабилен курс, а BBC Verify потврди дека е снимено кога крајбрежната стража тврдела дека на бродот не му треба спасување. Сервисот исто така потврди дека поголемиот брод во заднина е танкерот со нафта Faithful Warrior, од кој беше побарано да достави резерви до бродот со мигранти.
Официјалниот извештај на грчката крајбрежна стража веќе беше оспорен во извештајот на BBC Verify, но сега новинарите од овој медиум дојдоа до судски документи, кои покажуваат сериозни несогласувања помеѓу изјавите на сведоците на преживеаните земени од крајбрежната стража и доказите подоцна презентирани на судот.
Преведувач исто така го даде својот извештај за минатогодишната истрага за шверц на луѓе откако друга група мигранти беше спасена од крајбрежната стража. Тој опишува како сведоците на тој инцидент биле заплашени од крајбрежната стража.
Би-би-си наведува дека „откритијата отвораат нови прашања за тоа како грчките власти се справуваат со вакви катастрофи“ и дека и грчката крајбрежна стража и владата одбиле да ги коментираат овие наводи.
Заплашување на преживеаните?
Двајца преживеани во катастрофата велат дека грчките власти ги замолчеле и ги заплашиле мигрантите, а навестиле дека можеби крајбрежната стража е виновна за трагедијата. Изминатиов месец беа изнесени тврдења дека крајбрежната стража користела јаже за да го влече рибарскиот брод поради што бродот потонал.
„Јажето го закачија на левата страна. Сите се преселиле на десната страна на бродот за да го балансираат. Грчкиот брод бргу се придвижи поради што нашиот брод се преврте. Продолжија да го влечат доста далеку“, рече еден од двајцата преживеани, кој сакаше да остане анонимен.
Мажите опишале како поминале два часа во водата пред да бидат земени од крајбрежната стража.
Кога пристигнале на копно во Каламата, тврдат дека крајбрежната стража им кажала на преживеаните да молчат кога почнале да зборуваат за тоа како грчките власти ја предизвикале катастрофата.
„Кога луѓето одговорија дека грчката крајбрежна стража е причината, службеникот задолжен за сослушувањето побара од преведувачот да му каже на соговорникот да престане да зборува“, рече еден од преживеаните. Тој додаде дека на спасените им било кажано дека треба да бидат благодарни што не загинале.
Мажите изјавија за Би-би-си дека се плашат да зборуваат јавно да не бидат обвинети и тие како Египќаните.
Неуспешни судски случаи
Би-би-си доби и судски документи, кои го доведуваат во прашање начинот на кој се собираат докази за судењето.
Во првичните изјави на петте преживеани никој не спомна дека крајбрежната стража се обидела да го влече бродот со мигранти со јаже. Но, неколку дена подоцна пред судијата сите изјавија дека имало неуспешен обид за спасување.
Една изјава на почетокот гласеше:
„Бродот на крајбрежната стража дојде да помогне и одеднаш бродот се преврте и се најдовме во водата. Потоа не спасија со гумен чамец“.
Оваа изјава е преземена од интервјуто на грчката крајбрежна стража со преживеаните.
Меѓутоа, истото лице подоцна пред судот изјави:
„Грчкиот брод врза јаже на предниот дел на нашиот брод и почна полека да нè влече, но јажето се скина… Вториот пат кога го врзаа, првин почувствувавме дека нè влечат, а потоа ни се преврте бродот. Грчкиот брод забрза, а ние викавме на англиски: Стоп!“
BBC Verify не разговараше со овие сведоци и затоа не може да каже зошто ги смениле своите изјави.
Грчката крајбрежна стража првично негира дека го користела јажето, но подоцна го повлече тоа признавајќи дека јажето било користено. Сепак, таа изјавила дека тоа било само за да се обиде да се качи на бродот и да ја процени ситуацијата. Се вели дека имало најмалку два часа пред да се преврти рибарскиот брод.
Потврдено е дека загинале 82 лица, но Обединетите нации проценуваат дека уште околу 500 ги загубиле животите.
Грчките власти велат дека обвинетите Египќани се дел од шверцерски синџир и дека биле идентификувани од сопатници. Тие се соочуваат со доживотен затвор доколку бидат прогласени за виновни.
Преживеаните велат дека некои од деветте осомничени ги малтретирале оние што биле во бродот, а други сведоштва велат дека други, всушност, се обиделе да помогнат.
Но, преживеаните, кои разговараа со новинарите на Би-би-си изјавија дека крајбрежната стража им наредила на сите преживеани да кажат дека деветте Египќани се виновни за трговија со нив.
„Тие беа затворени и погрешно обвинети од грчките власти како обид за прикривање на злосторството“, рече еден од нив.
Заменик-обвинителот на Врховниот кривичен суд на Грција ја води истрагата, но многуте повици за меѓународна, независна истрага, вклучително и од ОН, досега се игнорирани, наведува Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Запалени фигури на политичари: албанските пратеници од опозицијата протестираа во Собранието
Пратениците на албанската опозиција денеска протестираа во Собранието, палејќи фигури на политичари, а потоа се судрија со обезбедувањето, откако нивниот колега Ервин Салијањи беше осуден на затворска казна за клевета.
Пратениците на конзервативните демократи кои повикаа на бојкот на денешната седница се обидоа да им го блокираат влезот во салата на своите колеги од владејачката Социјалистичка партија, пренесува АП.
Chaos has continued in the #Parliament in #Albania. Prime Minister #EdiRama's party on Wednesday expelled 23 opposition MPs, who will no longer be able to participate in parliament for 60 days. this has fueled clashes between the majority and opposition groups in parliament. pic.twitter.com/GotXgfHyd1
— Isa Myzyraj (@IsamyzyrajAlb) October 3, 2024
Салијањи во 2018 година побара оставка од тогашниот министер за внатрешни работи поради обвинувања дека братот на министерот извршил незаконски активности, кои подоцна се покажаа како лажни, анализира медиумот.
Демократите ја прекинаа парламентарната седница во понеделникот, велејќи дека осудата на Салијањи е политички мотивирана и повикаа на протести во Тирана.
Пратениците денеска се скараа со обезбедувањето и ги запалија фигурите на премиерот Еди Рама и министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај.
Откако не влегоа во салата, пратениците од опозицијата го прекинаа протестот, а социјалистите ја затворија седницата и си заминаа.
Демократите долго време го обвинуваат Рама за злоупотреба на власта.
Рама ги предводеше социјалистите од 2005 година и моментално е во третиот премиерски мандат.
Следната година во Албанија треба да се одржат парламентарни избори, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ: На 24 ноември ќе ја отвориме брзата пруга Нови Сад – Суботица; За две години Белград-Будимпешта за 2 часа и 40 минути
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека на 24 ноември ќе биде отворена новоизградената делница на брзата пруга од Нови Сад до Суботица.
Вучиќ, за време на тестирањето на пругата со специјален воз на германските железници, рече дека кога ќе се отвори пругата, од Белград до Суботица ќе бидат потребни само еден час и 10 минути.
Тој додаде дека при денешното тестирање на брзата пруга, возот ќе достигне брзина од 200 километри на час, пренесуваат медиумите во регионот.
„Денес имавме тешка дискусија со мисијата на ММФ, но на добар пат сме. А утре или задутре ќе имаме одлични вести за Србија. На тоа се надеваме со децении“, рече Вучиќ. пренесува Танјуг.
Вучиќ изјави дека изградбата на брзата пруга од Нови Сад до Суботица е голема работа за цела Србија и дека очекува Унгарија да го заврши својот дел од пругата за две години, кога ќе биде потребно два часа и 40 минути за патување од Белград до Будимпешта.
За време на тест возењето од Белград до Суботица, Вучиќ рече дека по поврзувањето со Будимпешта, Србија очекува понатамошни врски преку Ниш до Солун, како и со Истанбул, но дека за тоа е потребно да се обезбедат пари.
„Со изградбата на оваа пруга се се менува. Со поврзувањето со Будимпешта очекуваме зголемување на бројот на туристи“, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за изградбата на пругата, Вучиќ рече дека се е направено по највисоки стандарди, дека пругата е изградена за да нема бучава при возењето и дека станиците на трасата се многу добро уредени.
Регион
Пет училишта во Сараево добија дојава за бомба: во тек е евакуација и увид
Денеска, во пет училишта во Сараево пристигнале дојави за подметнати бомби, потврди портпаролката на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево, Мерсиха Новалиќ.
Како што пренесува сараевскиот портал „Кликс“, извештаите за поставени бомби стигнале до Високата музичка школа, Гимназијата „Обала“, Средното училиште за применета уметност и Електротехничкото училиште за енергетика.
Дополнително, пишува „Кликс“, читателите ги информирале дека дојава за бомба била поставена и во училишниот центар „Маариф“ во Мојмил.
Полицијата во моментот е на терен. Во некои училишта сè уште е во тек евакуацијата на персоналот и учениците.