Регион
Бугарите повторно на гласање: Петти вонредни избори за неполни две години

Во Бугарија денеска владее изборен молк бидејќи во недела се одржуваат петтите вонредни избори за неполни две години.
Никаков вид политичка и изборна пропаганда не е дозволена на денот на изборниот молк и на самиот ден на гласање. Согласно Изборниот закон, 24 часа пред изборите и на денот на изборите апсолутно е забрането да се рекламираат резултати од истражувања кои на кој било начин би ја откриле распределбата на политичките сили, за граѓаните мирно да одлучат кои од 15-те регистрирани партии и 7 коалиции би ги поддржале.
Дополнително значење на изборниот молк му дава и тоа што околу 7 до 14 отсто од гласачите одлучуваат кого ќе поддржат во последен момент.
Според социолозите, процентот на такви гласачи е доволно голем за да се променат резултатите од прелиминарните испитувања на јавното мислење.
Во комбинација со очекуваниот низок одѕив од околу 40 отсто и речиси еднаква поддршка за првите две партии, одлуките на бугарските гласачи во последен момент би можеле значително да ја свртат вагата, а победникот на изборите најверојатно ќе биде решен во последен момент.
Гласачите се надеваат дека новоизбраниот парламент ќе формира стабилна влада која ќе почне да ги решава наталожените проблеми во државата, инфлацијата, безбедноста, реформите во важните сектори како правосудството, здравството итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Бугарското Обвинителство побара одземање на имунитетот на Борисов

Софиското градско обвинителство побара одземање на имунитетот на лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов, за да биде ставен од истрага во случајот за перење пари, познат во Бугарија како „Барселонагејт“, пренесува „Еурактив“.
Истрагата почна пред речиси три години, додека Борисов сè уште беше премиер, кога во анонимна група на Фејсбук беше споделено видео за луксузен имот во богато предградие на Барселона каде што поранешната бугарска манекенка Борислава Јовчева живееше со своето дете.
Анонимниот клип алудираше дека детето е на Борисов, нешто што тој секогаш го негираше. Случајот прво го истражуваше шпанското обвинителство, кое откри индиректни траги на перење пари, но без директно поврзување со Борисов, а во 2021 година истрагата беше префрлена во Бугарија.
Бугарското обвинителство почна да покажува активен интерес во истрагата „Барселонагејт“ пред само три недели, откако партијата на Борисов објави дека ја поддржува долгоочекуваната судска реформа во земјата насочена кон намалување на овластувањата на бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев.
Веднаш потоа Гешев се закани дека ќе го исчисти „политичкото ѓубре“.
Во вторникот, Градското обвинителство на Софија побара одземање на пратеничкиот имунитет на Борисов бидејќи постојат доволно докази за перење пари. Бугарските пратеници можат сами да се откажат од имунитетот или тој да им биде одземен со гласање на парламентот
„Бев без имунитет две години. Сега категорично нема доброволно да се откажам од имунитетот, бидејќи треба да си слеп за да не видиш што се случува во моментов“, рече Борисов.
Според него, обвинителството дејствувало во вторникот за да спречи избор на редовна влада со поддршка на неговата партија и коалицијата „Промената продолжува – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која ги поддржува судските реформи.
Тензиите околу Борисов и обвинителството се случуваат во екот на преговорите за формирање а редовна прозападна влада меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ, што ќе стави крај на политичката криза во земјата која трае две и пол години. Се очекува гласањето да биде кон средината на следната недела.
„Не се грижам за „Барселонагејт“. Воопшто. Не сум имал, немам и нема да имам имот во Шпанија! Што повеќе да одговорам?“ изјави Борисов.
Клучен сведок во случајот е поранешната манекенка и мис на Бугарија, Ивајла Бакалова, која е пријателка на Јовчева и живеела во куќата во Барселона. Таа тврди дека Борисов е татко на детето на Јовчева и дека знае доволно за „Барселонагејт“.
На крајот на минатата недела, пратеничката група на ГЕРБ објави дека ќе ги бојкотира сите барања на обвинителството за одземање на имунитетот на бугарските пратеници. Кандидатот за премиер Николај Денков повика обвинителството да не се користи како политичка алатка.
„Обвинителството не треба да се користи како политички клуб. Мигот кога првите две политички сили ќе кажат дека се подготвени да владеат, ќе видите што ќе се случи“, рече Денков.
Пратениците од другите политички партии, популистичката Има таков народ и проруските БСП и Вазраждане повикаа да се укине имунитетот на Борисов за да може да биде под истрага за „Барселонагејт“.
„Ако тој тврди дека е невин, тоа треба да го докаже во транспарентен судски процес“, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова.
Регион
Вјоса Османи: На Србија не и е местото меѓу европските народи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на самитот на европската политичка заедница што се одржува во Кишињев, изјави за „Данас“ дека Србија и криминалните структури се одговорни за ескалацијата на насилството на Косово и дека на Србија не и е местотона овој европски самит, ниту во европската заедница на народи.
„Србија не припаѓа на европската заедница“, рече Османи и додаде дека членовите на криминалните структури на северот на Косово се под меѓународна потерница и дека српските власти се во многу блиски односи со нив.
Пред Османи, на црвениот тепих кај претседателката на Молдавија, Маја Санда, свечен пречек имаше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој на новинарско прашање дали ќе се сретне со некој од косовските функционери рече дека не знаеше кој е таму од Косово.
„Отсекогаш сум бил лидер кој се залага за мир и правиме многу за да ги зачуваме мирот и стабилноста во регионот“, изјави Вучиќ за новинарите во замокот Мими во близина на Кишињев.
Тој по пристигнувањето на Самитот рече дека средбите со францускиот претседател и германскиот канцелар Емануел Макрон и Олаф Шолц нема да бидат лесни, но дека се важни и дека ќе се обиде да ги врати работите во нормала, ситуацијата во Косово да се деескалира, како и да се зачува мирот и стабилноста.
„За танго се потребни двајца, не зависи се од нас“, изјави претседателот на Србија. Вучиќ изјави дека утринава разговарал и со Србите од северот на Косово и дека ги моли да бидат „решени да истраат на правото и правдата“.
Регион
(Видео) „Што се криеш бе, дојди!“ – тепачка во бугарскиот парламент

Тензии во бугарскиот парламент доведоа до пресметка меѓу пратеничките групи на „Вазраждане“ и „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).
Во видеото од пленарната сала се гледа метежот што уследи по читањето на декларацијата на Преродба. Дел од пратениците се собрале околу собраниската говорница каде Цончо Ганев од Преродба го исплукал Јавор Божанков од ПП, пренесе БТВ.
Потоа пратениците се довикуваа на пресметка со изрази како „Што се криеш, ела, бе!“. Како што пренесе бугарската телевизија, на Манол Пејков од ПП-ДБ му ја одрале кожата на образот, а заменик од Преродба завршил со скршени очила.
„Пред речиси три години во Бугарија започнаа протести на кои учествуваа стотици илјади бугарски граѓани. На протестите се бараше оставка од тогашниот премиер Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев. Застанавме зад овие протести, како и други партии, а денес преговараат за кабинет со оние што ги нарекуваа ‘мафијаши’ долги години“, рече Искра Михаилова од Преродба.
Според неа, од записите што протекоа пред неколку дена, се покажало дека има предавници не само на сопствените зборови и гласачи, туку и на државата во целина. Михаилова побара вториот мандат да му се врати на претседателот.
Јавор Божанков од ПП-ДБ кажа дека бугарски национален интерес во овој момент е да има влада, а странски интерес е да нема.