Регион
(Видео) Исповед на турист евакуиран од невидените пожари на Родос: „Бегството оттаму беше како да е крај на светот“
Екстремните горештини предизвикаа бројни пожари низ регионот, а делови од островот Родос горат веќе петти ден. На грчките пожарникари им помагаат и екипи од Словачка.
Неколку локации на истокот од островот беа евакуирани, вклучително и три приморски одморалишта. Во саботата околу 2.000 туристи почнаа да се евакуираат од Киотари и Лардос на југоисточниот дел на островот.
Иан Мурисон, од Лондон, престојувал во областа Киотари на Родос кога забележал темни облаци како минуваат над неговиот хотел додека тој вечерал во четвртокот навечер. Два дена подоцна, Мурисон рече дека појадувал на плажа кога повторно го забележал портокаловото небо.
„Забележавме дека морето почна да поцрнува од саѓи, а врз луѓето паѓаше пепел. Можам само да го опишам како речиси филмско искуство каде што сите гледаат во небото бидејќи доби многу чудна портокалова боја, а сите само гледаат наоколу и прашуваат „што се случува?“ – изјави тој за Скај њуз од спасувачкиот брод.
Мурисон додаде дека само 100 од околу 1.200 луѓе успеале да се качат во автобусите за евакуација, а другите морале да пешачат по жешкото време околу пет километри.
Бегството од пожарот на Родос беше како да е „крајот на светот“, вели британски турист за Скај њуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Тоа не придонесува за дијалогот“: Унгарија нема да го поддржи членството на Косово во Советот на Европа
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека Будимпешта нема да го поддржи членството на Косово во Советот на Европа.
Сијарто, одговарајќи на прашањето на српската новинска агенција „Танјуг“, изјави дека ставот на Унгарија во однос на членството на Косово и претходно беше јасен, а Унгарија се заложува за мир, стабилност и безбедност во регионот на Западен Балкан.
„Навиваме за успех на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но сметаме дека фактот што Косово аплицира за членство во меѓународните организации не придонесува за тој дијалог. Унгарија нема да го поддржи приемот на Косово во Советот на Европа“, изјави Сијарто.
Сијарто денеска во Будимпешта се сретна со министерката за економија на Србија, Адријана Месаровиќ, со која разговараше за унапредување на економската соработка меѓу Србија и Унгарија.
Утврдено е дека односите меѓу двете земји се најдобри досега.
Регион
(Видео) Вучиќ преку инстаграм бара Трифуновиќ да биде ослободен
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Инстаграм побара итно вклучување на државните органи на Република Србија за ослободување на актерот Сергеј Трифуновиќ. Тој се осврна и на случајот со Северина, која Србите ја задржаа на граница.
„Пред неколку дена видовме општа хајка против државата Србија, организирана и надворешно и внатрешно, само затоа што естрадна уметница од Хрватска беше задржана десетици минути на граничниот премин. Таа не беше приведена, уапсена или малтретирана. Истите луѓе внатре и надвор молчеа кога адвокатот Бериќ беше уапсен во Хрватска, тој беше во притвор 15 дена поради објавена песна на неговиот Фејсбук профил“, рече Вучиќ.
„Вчера беше приведен и уапсен и одведен од граничниот премин Сергеј Трифуновиќ, човек кој е мој политички противник, основачот на Движењето на слободни граѓани. Но, тој е и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, тој беше уапсен, а никој не разбра за што. Најпрво барам од властите во Србија да се обидат да се борат за правдата и слободата на Сергеј Трифуновиќ преку сите дипломатски канали и апелирам до хрватските власти да разберат дека притворањето на Србите не води кон развој на подобри односи и не сакам да ги изговарам грубите зборови и квалификации што тие ги искажаа за Србија“, продолжи тој.
„Молам и барам да постапат рационално и да го ослободат Сергеј Трифуновиќ“, заклучи тој.
Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е уапсен во вторник околу полноќ на граничниот премин Бајаково додека преминувал од Србија кон Хрватска. Потоа бил спроведен во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит. Трифуновиќ пред судот изјави дека не се чувствува виновен за она за што е обвинет. Судењето на српскиот актер продолжува денеска во 12:30 часот, пренесуваат хрватските медиуми.
Регион
Гори рафинерија кај Атина: хеликоптери и 11 противпожарни возила на терен, наредена итна евакуација
Пожар избувна во втората по големина нафтена рафинерија во Грција, а работниците беа евакуирани бидејќи црн чад се прошири на небото, соопштија властите и компанијата „Мотор Оил“.
Локалните медиуми објавија снимка од големиот пламен во рафинеријата, која се наоѓа на околу 70 километри западно од Атина.
„Денеска, 17 септември, од засега непознати причини избувна пожар од големи размери во делот на единиците за рафинирање на јужната рафинерија на Мотор Оил во Аги Теодори. Ситуацијата е под контрола. Од пожарот полесно се повредени тројца вработени од фирма-изведувач, кои се пренесени во болницата Коринт и им е укажана неопходната нега. Од почетокот на инцидентот сме во континуирана соработка со надлежните служби. Им благодариме на Противпожарната служба и нејзините луѓе за соработката од првиот момент“, соопшти „Мотор Оил“.
Противпожарните екипи на лице место испратија три хеликоптери и 11 противпожарни возила, соопштија од противпожарната единица.
Се повикува населението да ја напушти областа.
Локалните власти го затворија автопатот во близина на рафинеријата, а железничката компанија соопшти дека возовите се запрени.