Регион
(Видео) Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени

Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Со литија против земјотресите: Грците изнесоа мошти од светци на улиците, постојано се молат

Грците, беспомошни и преплашени што Санторини непрекинато се тресе десет дена, бараат помош од Господ. Илјадници земјотреси, со јачина од над 3 степени според Рихтеровата скала, го тресат овој прекрасен остров повеќе од една недела, поради што луѓето сега „се свртат кон светците“ за помош.
Во атмосфера на длабока посветеност и вера, десетици жители на селото Емпорио на Санторини излегоа на улиците и учествуваа во големата поворка за да го прослават празникот Свети Хараламбос, додека се молеа да престанат земјотресите.
Носејќи транспаренти, грчки знамиња, моштите на Свети Хараламбос и икони, верниците ги носеа светите мошти низ улиците на селото, барајќи божествена заштита и мир за нивното место.
Како што информираат жителите на областа, поворката била организирана во консултација со селскиот свештеник, во обид да се обезбеди духовно ослободување од сеизмичката активност што го погодува Санторини.
„Свети Хараламбос помага со болести. Секогаш шетавме низ селото, сега свештеникот вели дека оваа литија ќе биде и за болести и за земјотреси“, изјави жител на селото за Прототема.
На мештаните им се придружија и жителите на другите села. Велат дека дошле да се молат да престанат земјотресите.
„Поради празникот Свети Хараламбос, мислевме дека треба да одржиме поворка за помош од земјотресот“, додава една жена која дошла од друго село на Санторини.
„Господ да нè помилува и да стави крај на ова зло. Ако е суша или слично, правиме литија. Секогаш има голема литија за Свети Хараламбос. Најчесто одевме по уличките, но поради ситуацијата не можеме да одиме таму. Верувам дека земјотресите ќе престанат, Господ знае“, додава друг жител на селото Емпорио.
Регион
Дојава за бомба во средно училиште во Загреб, полицијата: Учениците се безбедни

Извештај за закана за бомба дојде од Загребското стручно училиште за лични услуги, лоцирано на улицата Савска, објавија хрватските медиуми.
Полицијата по пријавата веднаш излегла на местото на настанот. Од загрепската полиција за хрватски Индекс потврдиле дека добиле пријава.
„По електронска порака која пристигна на адресата на воспитно-образовната установа, истата е евакуирана, а учениците се безбедни. Полициски службеници веднаш се испратени на местото на настанот и ги спроведуваат сите неопходни превентивни дејствија“, накратко изјавиле од полицијата.
Како што пренесе Индекс, полицијата нагласила дека учениците не се во животна опасност и побарала да не се шири непотребна паника. Нејасно е дали оваа дојава е поврзана со оние кои минатата недела пристигнаа на адресите на околу стотина средни училишта низ Хрватска. Сите дојави беа лажни.
Регион
Земјотрес во Хрватска

Земјотрес со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Хрватска.
Земјотресот е регистриран во 6 часот и 10 минути со епицентар на островот Паг, на 4 километри југоисточно од градот Паг.
Засега нема информации за материјална штета или повредени.