Регион
(Видео) Сирени за тревога и собрани граѓани во српските општини на северот од Косово

Припадници на косовската полиција попладнево ги опколија зградите на општините во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, по што се вклучија сирените што жителите од тие области ги активираат за да алармираат на опасност.
Сирените за тревога се огласија и во Северна Митровица, а во Лепосавиќ нема сигнал за мобилен телефон, јавува „Косово онлајн“.
Повеќе десетици вооружени припадници на косовската специјална полиција со џипови пристигнале до зградите на локалната самоуправа во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан. На влезовите во зградите се собрани и десетици Срби, вработени во привремените власти на тие општини.
Србите од тие градови, видно вознемирени од развојот на настаните, почнаа да се собираат околу општинските згради, а во непосредна близина се и припадници и џипови на КФОР и на ЕУЛЕКС.
Извори на РТС од Зубин Поток информираат дека специјалните сили имаат намера да го „закачат сино-жолтото знаме што ја симболизира државноста на Косово“ на општинската зграда, во која е сместено и Привремениот општински орган на Владата на Србија.
Нешто по 12:30 часот, во Зубин Поток се огласила и сирената за воздушен напад, поради што граѓаните почнале да се собираат во центарот на оваа општина.
View this post on Instagram
Сето ова се случува во време кога поголем дел од вработените во Привремените тела и другите институции се на пат за Белград, за да присуствуваат на состанокот свикан од претседателот на Србија.
Косовската полиција е присутна и пред општината во Звечан, но се уште не пријавила за што всушност се работи. Според изјави на присутните, таму има и две возила на ЕУЛЕКС.
Милија Бишевац, поранешeн советник во Собранието на општина Зубин Поток, од пред граѓанската иницијатива „За Зубин Поток“, потврди за Радио Слободна Европа дека граѓаните се собираат пред општинската зграда уверени дека „новоизбраниот градоначалник Измир Зеќири се обидува да влезе во зградата.“
„Тука има џипови и се верува дека тој (градоначалникот) е внатре и дека се обидува да влезе во општинската зграда“, рече Бишевац.
Бишевац потврди дека се вклучени сирените за опасност и дека на терен околу општинската зграда има припадници на косовската полиција и на ЕУЛЕКС.
„Народот е собран таму и ќе почекаме да видиме што ќе се случи“, додаде тој.
Од ЕУЛЕКС се уште не потврдуваат зошто се присутни во општината во Зубин Поток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Ќучук за тепачката во бугарскиот парламент: Како сценарио од латиноамериканска серија

„Ова не е некоја серија од Латинска Америка, туку се случува во европска Бугарија – снимка која доби популарност не се само во Бугарија, за жал!“, изјави лидерот на европските либерали по повод скандалозните снимки од плукањето и тепачката во бугарскиот парламент.
Тој пред своите колеги во Европскиот парламент изрази загриженост дека ваквите скандалозни слики се случуваат во време кога треба да се реши судбината на Бугарија, по пет последователни парламентарни избори и реторички праша: „Вака ли ќе се управува со Бугарија?“.
Ја цитираше и снимката од разговорот помеѓу лидерот на ПП, Кирил Петков и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Ќучук кажа дека има и протечени скандалозни информации со кои сигурно веќе се запознаени неговите колеги во ПП-како идеи за незаконска смена на вработени во државната администрација, прислушување на одредени луѓе, смена на началници на полицијата, со цел да се обезбеди победа на следните избори.
Регион
Бугарското Обвинителство побара одземање на имунитетот на Борисов

Софиското градско обвинителство побара одземање на имунитетот на лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов, за да биде ставен од истрага во случајот за перење пари, познат во Бугарија како „Барселонагејт“, пренесува „Еурактив“.
Истрагата почна пред речиси три години, додека Борисов сè уште беше премиер, кога во анонимна група на Фејсбук беше споделено видео за луксузен имот во богато предградие на Барселона каде што поранешната бугарска манекенка Борислава Јовчева живееше со своето дете.
Анонимниот клип алудираше дека детето е на Борисов, нешто што тој секогаш го негираше. Случајот прво го истражуваше шпанското обвинителство, кое откри индиректни траги на перење пари, но без директно поврзување со Борисов, а во 2021 година истрагата беше префрлена во Бугарија.
Бугарското обвинителство почна да покажува активен интерес во истрагата „Барселонагејт“ пред само три недели, откако партијата на Борисов објави дека ја поддржува долгоочекуваната судска реформа во земјата насочена кон намалување на овластувањата на бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев.
Веднаш потоа Гешев се закани дека ќе го исчисти „политичкото ѓубре“.
Во вторникот, Градското обвинителство на Софија побара одземање на пратеничкиот имунитет на Борисов бидејќи постојат доволно докази за перење пари. Бугарските пратеници можат сами да се откажат од имунитетот или тој да им биде одземен со гласање на парламентот
„Бев без имунитет две години. Сега категорично нема доброволно да се откажам од имунитетот, бидејќи треба да си слеп за да не видиш што се случува во моментов“, рече Борисов.
Според него, обвинителството дејствувало во вторникот за да спречи избор на редовна влада со поддршка на неговата партија и коалицијата „Промената продолжува – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која ги поддржува судските реформи.
Тензиите околу Борисов и обвинителството се случуваат во екот на преговорите за формирање а редовна прозападна влада меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ, што ќе стави крај на политичката криза во земјата која трае две и пол години. Се очекува гласањето да биде кон средината на следната недела.
„Не се грижам за „Барселонагејт“. Воопшто. Не сум имал, немам и нема да имам имот во Шпанија! Што повеќе да одговорам?“ изјави Борисов.
Клучен сведок во случајот е поранешната манекенка и мис на Бугарија, Ивајла Бакалова, која е пријателка на Јовчева и живеела во куќата во Барселона. Таа тврди дека Борисов е татко на детето на Јовчева и дека знае доволно за „Барселонагејт“.
На крајот на минатата недела, пратеничката група на ГЕРБ објави дека ќе ги бојкотира сите барања на обвинителството за одземање на имунитетот на бугарските пратеници. Кандидатот за премиер Николај Денков повика обвинителството да не се користи како политичка алатка.
„Обвинителството не треба да се користи како политички клуб. Мигот кога првите две политички сили ќе кажат дека се подготвени да владеат, ќе видите што ќе се случи“, рече Денков.
Пратениците од другите политички партии, популистичката Има таков народ и проруските БСП и Вазраждане повикаа да се укине имунитетот на Борисов за да може да биде под истрага за „Барселонагејт“.
„Ако тој тврди дека е невин, тоа треба да го докаже во транспарентен судски процес“, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова.
Регион
Вјоса Османи: На Србија не ѝ е местото меѓу европските народи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на самитот на европската политичка заедница што се одржува во Кишињев, изјави за „Данас“ дека Србија и криминалните структури се одговорни за ескалацијата на насилството на Косово и дека на Србија не и е местотона овој европски самит, ниту во европската заедница на народи.
„Србија не припаѓа на европската заедница“, рече Османи и додаде дека членовите на криминалните структури на северот на Косово се под меѓународна потерница и дека српските власти се во многу блиски односи со нив.
Пред Османи, на црвениот тепих кај претседателката на Молдавија, Маја Санда, свечен пречек имаше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој на новинарско прашање дали ќе се сретне со некој од косовските функционери рече дека не знаеше кој е таму од Косово.
„Отсекогаш сум бил лидер кој се залага за мир и правиме многу за да ги зачуваме мирот и стабилноста во регионот“, изјави Вучиќ за новинарите во замокот Мими во близина на Кишињев.
Тој по пристигнувањето на Самитот рече дека средбите со францускиот претседател и германскиот канцелар Емануел Макрон и Олаф Шолц нема да бидат лесни, но дека се важни и дека ќе се обиде да ги врати работите во нормала, ситуацијата во Косово да се деескалира, како и да се зачува мирот и стабилноста.
„За танго се потребни двајца, не зависи се од нас“, изјави претседателот на Србија. Вучиќ изјави дека утринава разговарал и со Србите од северот на Косово и дека ги моли да бидат „решени да истраат на правото и правдата“.