Регион
(Видео) Србија користела кинеска опрема за да ги потисне протестите во Белград
Српската полиција ги потиснува демонстрациите со антитерористички екипи, кои кинеската специјална полиција ги обучи кон крајот на минатата година, пренесува „Брејтбарт“ повикувајќи се на информации на „Дојче веле“.
Веста доаѓа откако Кина во саботата го склучи својот прв европски договор за оружје со Србија.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во вторникот објави дека повторно ќе биде воведен полициски час на национално ниво поради коронавирусот како резултат на порастот на бројот на нови случаи во последните неколку дена.
Ова разбесни илјадници граѓани, кои ја обвинуваат владата за предизвикување на вториот бран бидејќи прерано ги олесни претходно воведените мерки, и ги поттикна да протестираат против новите ограничувања во вторникот вечерта во Белград, каде што демонстрантите влегоа во зградата на парламентот.
Како одговор српската интервентна полиција употреби строги мерки за да ги потисне демонстрантите прскајќи ги толпите со солзавец и тепајќи ги демонстрантите со палки. Немирите продолжија во средата вечерта во Белград и другите српски градови, иако претседателот Вучиќ се повлече во врска со своите планови за нови антипандемиски мерки.
„Демонстрантите во Белград ги гаѓаа безбедносните сили со камења, факли и со празни шишиња. Некои од нив ги фрлаа канистрите со гас назад кон полицијата. Бидејќи толпата растеше, интервентната полиција ги потисна демонстрантите подалеку од зградата на парламентот, од каде што почна митингот во средата. Големи групи интервентни полицајци, вклучително и возила што припаѓаат на специјалниот антитерористички одред, патролираа низ градот“, се наведува во извештајот.
Специјалните антитерористички одреди во Србија се најдоа во меѓународниот печат кон крајот на ноември 2019 година кога на единиците им се придружија кинеските безбедносни сили во заедничка вежба во близината на Белград.
„Кинеската специјална полиција учествуваше на нивната прва заедничка вежба за обука во Европа придружувајќи се на елитната српска антитерористичка единица и на локалната полиција во вежбите во кинеската челичарница во близина на Белград“, објави „Ројтерс“.
Српскиот министер за внатрешни работи во тоа време, Небојша Стефановиќ, рече дека планира поголема соработка со кинеските агенции за спроведување на законот додавајќи дека Србија учи од поголема и посилна земја.
Минатата есен српската полиција почна со заедничка полициска патрола со кинеските полицајци, кои беа распоредени во Србија за да помогнат со сè поголемиот број кинески туристи и работници во земјата, објави „Евроњуз“.
„Полицајците од Кина ќе им помагаат на српските полицајци во комуникацијата со кинеските државјани и во нивната комуникација со државните органи на Србија“, рече Стефановиќ во септември 2019 година посочувајќи дека заедничките патроли ќе почнат во октомври.
Преку својата иницијатива „Белт енд роуд“, Пекинг инвестира милијарди долари во заеми за изградба на железници, патишта и електрани, главно со кинески работници, во цела Србија.
„Форин полиси“ пишува дека од август 2018 година во Белград е воспоставен системот за набљудување „Безбеден град“ на кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“. Официјално објавен од српското МВР во јануари 2019 година, полицискиот проект предвидува инсталирање 2.000 камери со висока резолуција, кои користат софтвер за препознавање лица и регистарски таблички, на 800 локации во Белград во текот на следните две години.
Српските организации за човекови права го критикуваа системот за надзор за кршење на слободите на граѓаните и граѓанските права, а особено за неговиот потенцијал да ја потисне слободата на изразување во форма на мирни протести. Според извештајот, Вучиќ на претходните големи протести на опозицијата во првата половина на 2019 година наредил надзорни беспилотни летала да ги следат демонстрациите.
На 4 јули Србија првпат ги покажа воените беспилотни летала купени од Кина. Во воената воздушна база во Батајница, во близина на Белград, Вучиќ откри дека Србија неодамна примила пратка од кинески извидувачки беспилотни летала и ракети. Продажбата претставува прв договор на Кина зо оружје со европска земја.
„Шест беспилотни летала CH-92A и 18 проектили ‘воздух-земја’ – FT-8C им се предадени на српските вооружени сили за зајакнување на нивните можности за извидување“, се вели во соопштението на српското Министерство за одбрана.
„Ова станува модерен начин на војување. Во тој поглед претходно немавме никакви шанси да се натпреваруваме со посериозни земји“, рече Вучиќ за продажбата на оружјето.
„Сега почнуваме и важно е дека договоривме трансфер на технологија со Кина, така што нашиот ‘Пегаз’ може полека да се внесе во системот на српските вооружени сили“, рече претседателот осврнувајќи се на беспилотните летала „Пегаз-011“ развиени од Србија.
Иако точната вредност на договорот со оружјето со Кина останува непозната, Вучиќ рече дека оружјето не е скапо и оти Србија би купила и повеќе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.