Регион
(Видео) Хрватски вицепремиер пукаше со пиштол низ прозорец на автомобил, па поднесе оставка

Вицепремиерот и министер за земјоделство, шумарство и рибарство Јосип Дабро од десничарското Движење Татковина поднесе оставка поради видеото на кое тој пука со пиштол низ прозорец на автомобил во близина на населено место.
Хрватските медиуми јавуваат дека тој испукал девет истрели.
„Според она што може да се види на видеото, Дабро се вози на совозачкото седиште и е облечен лежерно, облечен во шорцеви и маичка, што навестува дека видеото е снимено во потоплите денови. Во позадина се слуша народна песна“, пренесе „Индекс.хр“.
Изгледа дека пукал во близина на населено место бидејќи низ прозорецот се гледаат уличните светла, а во еден момент се гледа и куќа. На снимката, Дабро најпрво го репетира пиштолот и вели: „Само за брат ми Марио“.
Потоа преку прозорецот испукува девет истрели од пиштол, а потоа пее. Кон крајот на снимката, Дабро го става пиштолот во просторот во близина на совозачкото седиште каде што седи и вели: „Поздрав, брат Марио, добра ноќ“.
„Тоа е истрел од пред неколку години, а јас пукав од пиштол со ќорци“. „Тоа беше некаква приватна прослава, можеби дури и раѓањето на синот на мојот брат“, се обиде да се оправда пред медиумите.
Сепак, според информациите од упатени извори, синоќа на разни затворени групи почнале да излегуваат повеќе снимки од Дабра, кој очигледно сакал да се снима додека пука, пишува „Јутарњи лист“.
Информациите за нови скандалозни снимки од пукотници на отворено стигнаа до врвот на владата, поради што премиерот Андреј Пленковиќ побара веднаш да поднесе оставка.
Еден од соговорниците на „Јутарњи лист“, кој е добро информиран за синоќешните случувања во Владата, вели дека објавените снимки биле правно, политички и морално неодбранливи, но дека снимката која јавноста се уште не ја видела е капката што ја прелила чашата.
Во текот на ноќта Дабро најави оставка и прес-конференција на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Петгодишно девојче се лизнало од жичара во Словенија: паднало од висина од пет метри

Несреќа се случила во словенскиот ски-центар Копе, кога петгодишно девојче од Хрватска се лизнало од жичара и паднало од висина од околу пет метри.
Таа била тешко повредена и со возило на Брза помош била пренесена во болница.
Нејзиниот живот не е во опасност, пренесува „24 часа“.
Девојчето се возело на жичара со уште две деца и едно возрасно лице кое ја придружувало. Додека се возела се лизнала под заштитната шина и паднала од висина од околу пет метри.
Полицијата прибира информации во врска со одговорноста на возрасното лице кое го ставило девојчето на жичницата, а се работи за сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Девојчето било дел од група деца кои го посетиле ски-центарот Копе организиран од спортски клуб.
Регион
(Видео) Вучиќ на тренинг во парк со Вучевиќ и Мали: „Решиле да не бркаат, можеби веслата ќе ни помогнат“

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм сподели видео каде тренира во паркот заедно со премиерот Милош Вучевиќ и министерот за финансии Синиша Мали.
„Милош Вучевиќ, Синиша Мали и јас дојдовме да тренираме. Пропаднавме целосно, освен Синиша. Овде во паркот, милина една, се правиме дека не ни е ладно и се правиме дека работиме некој сериозен тренинг. Ми требаа пет минути да сфатам како функционира ова, сè ме боли. Нешто како веслање, не можам да одам до крај. Решиле да не бркаат, можеби веслата ќе ни помогнат. Па, сега можам да кажам дека работевме и сме подготвени за пливање и веслање. Во веслањето е спасот, нема предавање. Па, сега да јадеме плескавица. Доста е“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Тешка несреќа: воз налетал на автомобил во Србија

Во вечерните часови кај Лазаревац се случи тешка сообраќајна несреќа кога патнички автомобил, кој поминувал на железнички премин, налетал на воз.
„Според првите информации, состојбата на луѓето во автомобилот се уште не е позната“, изјавиле очевидци за агенцијата РИНА.
Оттаму наведуваат дека судирот бил силен, а припадници на сообраќајната полиција во моментов се на терен и вршат увид.
Подоцна ќе бидат утврдени сите околности на несреќата, а наскоро се очекуваат повеќе информации, пренесуваат српските медиуми.