Македонија
(Видео) Џамбаски ја блокира куќата на Борисов поради Македонија: Не треба да се дозволи национално предавство

Европратеникот Ангел Џамбаски заедно со партиските поддржувачи ја блокира куќата на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. Акцијата се случи доцна синоќа, но Борисов не се појави, пишуваат бугарските медиуми.
Причина за незадоволството е барањето на ГЕРБ да се поддржи францускиот предлог за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Пред неговата куќа, пак, беа раширени пароли во кои се повикуваше Борисов да не ја предава Македонија.
Пред куќата на поранешниот премиер биле неговите сопартијци, меѓу кои Десислава Атанасова, Георг Георгиев и други, јавија медиумите. Според нивните извештаи, следувале благи судири, но тензиите се намалиле кога Џамбаски ги уверил дека целта не им е да прават ексцеси. Тој апелирал до претставниците на ГЕРБ дека се пред важни одлуки и мора да ги бранат бугарските позиции.
„Дојдовме да го запознаеме човекот што се двоуми. Сакаме да им кажеме на господинот Борисов и на сите пратеници дека оваа кауза ги надминува сите внатрепартиски престрелки. Не треба да се дозволи национално предавство во наредните денови“, повикал Џамбаски.
„ГЕРБ никогаш не извршила национално предавство. Ние го потпишавме договорот за добрососедство и рамковниот став. Европската комисија и ЕУ како гарант за исполнување на условите поставени од ГЕРБ се засноваат на овој предлог“, рекол Георгиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Власта нема поддршка во парламентот за уставни измени и се плаши од избори

„Некако со ковидот немам среќа, пред две години и сега сум заразен со вирусот и тоа ме попречува во мојот ангажман. Но, сигурен сум и верувам дека бројот на советници на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово ќе се зголеми, а д-р Мевмед Џафери ќе биде новиот градоначалник во Маврово и Ростуше и покрај бројните нерегуларности на власта кои доаѓаат до мене како информација од терен“ напиша на Фејсбук лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој вели: „и понудив на власта излез од ќорсокакот во кој ја однесоа државата. Понудив на првата собраниска седница да се стави по предлог на владата точка со која ќе отпочне процесот за измени во Уставот и доколку власта на ДУИ и СДСМ обезбеди поддршка од 80 пратеници, тогаш јас сум подготвен трајно да ја напуштам политиката (состојба која сум сигурен дека ќе ја израдува корумпираната и предавничка власт, криминалците но и инсталациите на власта денес, но и тие од минатото), во спротивно да одиме на предвремени парламентарни избори“.
„Во првиот случај, ако навистина верува власта (како што брифира, директно или преку своите инсталации) дека има 80 пратеници, тогаш нема подобар начин да се потврдат тие политики и да се “вивнеме” со нив кон европските височини, а и ќе се спасат од мене во политиката, та нели е тоа цел во една политичка борба. Во вториот случај да одиме на предвремени избори и да оставиме народот да избере влада која ќе има народен кредибилитет, а не ваков инсталиран каков што има оваа влада. Фер понуда…, искрен да бидам очекував сериозно да размислат и барем еднаш да го стават државниот и народен интерес пред личниот (велам личен бидејќи таму веќе нема ниту партиски). Тие сепак ми потврдија дека сум бил оптимист, додека првиот човек во владата молчи (сигурно од ПР агенцијата му велат не одговарај ти, ќе одговориме преку прокси, а човекот има рејтинг едноцифрен процент) одговорија преку министерот за култура (развеселување), а денес слушнавме и дека тоа што до вчера беше најважно сега и не е толку важно, па ќе ни кажат дека тоа што во јули беше најважно и во септември почнуваме со уставните измени, сега во август и не е толку важно, имало време“ се вели во Фејсбук статусот на Мицкоски.
Неговиот став е дека „власта не ја интересираат ниту европски височини, ниту европски вредности, туку исклучиво лични привилегии, корупција и многу украдени народни пари преку тендери во четири очи“.
Македонија
Министерката Тренчевска во Гевгелија: Се грижиме за најранливите граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во рамките на денешната посета на Општина Гевгелија, оствари средба со пензионерите на оваа општина, ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „ Детска радост“, Центарот на социјална работа и посетата на Општина Гевгелија ја заокружи со посета на домот на корисници на права и услуги од системот на социјална заштита.
Со пензионерите се разговарало за унапредувањето на животниот стандард на оваа ранлива категорија на граѓани, преку воведувањето на новата методологија за раст на пензиите.
„Со пензијата во месец септември пензионерите ќе имаат дополнително околу 8% до 10% плус на својата сметка, што претставува рекордно зголемување на пензиите во историјата на државата. Со ваквиот начин на усогласувањето на пензијата и со директната финансиска помош која беше предвидена за месец април, мај и јуни во 2022 година, за 12 месеци, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус во буџетот во однос на 2021 година – рече министерката Тренчевска.
Таа ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „Детска Радост“, при што присуствуваше и на музичка точка подготвена од децата на оваа градинка. Во склоп на ЈОУДГ „Детска Радост“ , во тек е постапка за доградба на детската градинка „Сончогледи“, со површина од 1150м2, која ќе обезбеди опфат на нови 135 деца од предучилишна возраст. Почетокот на градежните работи се очекува да бидат означени најдоцна до крајот на годинава.
За социјалните права и услуги од системот на социјална заштита, министерката разговараше со вработените во Центарот за социјални работи-Гевгелија, кои информираа дека на ниво на општина во моментов има 248 корисници на Гарантирана минимална помош, 1254 корисници на услугата помош и нега од друго лице, право на попреченост користат 168 лица, 18 корисници на Дневен центар на лица со попреченост, како и дека непречено тече исплатата на останатите социјални права.
Министерката го посети и домот на Фанка Динева, лице корисник на лична асистенција, право на нега од друго лице и право на мобилност. Додека нејзиниот партнер Јонче е корисник на личен асистент. На средбата изразија задоволство од поддршката која ја обезбедува државата за лицата со попреченост.
Македонија
Бугарските историчари: Она што за нас е буквална вистина, за многу луѓе во Македонија звучи како вистинска револуција

Бугарската вистина ќе биде револуција во Македонија затоа што досега сме учеле сосема други факти во нашите историски учебници. Ова го смета професорот Даниел Вачков, кој е дел од мешовитата историска комисија.
Тој и останатите бугарски членови од мешовитата историска комисија ги претставија како победа одлуките за заеднички чествувања на историските личности и препораките за менување на учебниците по историја, посебно тоа што признавме дека цар Самуил бил бугарски, а Кирил и Методиј потекнувале и твореле во големата бугарска држава.
„Кој ја знае историјата, ќе види дека тоа што го договоривме се наоди на работи кои се познати во Бугарија одамна и никој не ги доведува во прашање. Она што е буквална вистина за нас, за општеството во Македонија, за многу луѓе ќе звучи како вистинска револуција. Бидејќи во нивните учебници до ден денес се пишуваат сосема други работи, се кажуваат сосема други работи“, вели професорот Даниел Вачков за „Труд“.
Националната платформа „За Македонија“ која ја сочинуваат дваесетина еминентни професори по историја, научници и новинари, а ја предводи Пламен Павлов прогласи прва победа во битката за историјата.
Според историчарите од Софија, македонската страна признала дека цар Самуил е бугарски крал, а Охрид бил бугарски книжевен центар во кој Климент и Наум на покана на бугарскиот кнез Борис-Михаил ја ширеле словенската писменост.
Според професорот Пламен Павлов, кој е член на оваа платформа, од бугарска гледна точка нема ништо проблематично во македонските препораки.
„Неосновани се сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле во средновековните црковни структури во денешна Македонија – и ова е добро, да не се тврди дека македонската црква поаѓа речиси од апостол Павле. Ние треба да ги вклучиме во поширок регионален контекст на териториите западно од античка Тракија, што ќе ги претстави историските процеси на позначаен начин. Во нашите учебници се работи за античка Македонија, но може да се зајакне, особено што од моја гледна точка, и не само моја, таа е тракиска држава. Грците овде ќе врескаат, ама така е“, рече Павлов за „Труд“.
Тој порача дека овие измени веднаш треба да се стават во бугарските учебници и апелираше побрзо да се затворат прашањата од ренесансата и 19 век.
„Со темпото со кое одиме, во 22 век, нема да можеме да разјасниме што е Гоце Делчев, со оглед на тоа што тој самиот кажа дека е Бугарин“, додаде Павлов.
Нашите историчари кои се дел од оваа комисија на последниот брифинг со новинарите тврдеа дека препораките нема да сменат ништо во сфаќањето на нашата историја и нема да допрат до нашиот идентитет.
– Овие препораки не допираат до македонскиот идентитет. Тоа се личности од светско значење и ние инсистиравме на повеќестрано чествување за да има симболично значење за регионот и пошироко. Нема бришење на историски факти, тие не ни можат да се избришат – истакна еден од членовите на историската комисија на брифингот во МНР.