Регион
(Видео) 11 загинати во пожари во Турција, и Грција се бори со огнот
Најмалку единаесет лица загинаа, а десетици се повредени во пожар со ниска вегетација што ветрот го прошири во неколку села на југоистокот на Турција, одземајќи животи на стотици животни, а со пожарите денеска се бори и Грција. Турскиот министер за здравство Фахретин Коча објави „единаесет смртни случаи и 78 повредени лица“, од кои пет морале да бидат примени на интензивна нега.
Коча претходно рече дека има „44 повредени, од кои десет лица во тешка состојба“, во оваа рурална област лоцирана меѓу градовите Дијарбекир и Мардин, во близина на сириската граница. На социјалните мрежи масовно се споделуваат фотографии од десетици кози, овци и магариња кои лежат во изгорената трева во претежно земјоделскиот и сточарскиот регион.
Според министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, пожарот избувнал доцна во четвртокот поради палење на стрништа во област лоцирана на околу триесетина километри јужно од градот Дијарбакир, каде што термометарот преку ден се искачува над 40 степени. Пламените јазици се проширија со ветрот и брзо зафатија пет села.
Пожарот е ставен под контрола во текот на ноќта, но службите и денеска се на терен поради страв од повторно разгорување на пожарот, вели министерот.
И Грција во петокот се бори со неколку шумски пожари во јужниот дел на нејзиното копно, поттикнати од бурните ветрови. Десетици пожарникари со помош на осум авиони беа распоредени во регионите Ахаја и Илија и во близина на градот Краниди на полуостровот Пелопонез. На жителите на неколку села во овие области им било кажано да ги напуштат своите домови.
Шумските пожари се вообичаени во оваа медитеранска земја, но стануваат поразорни бидејќи летата стануваат потопли и суви, што научниците го поврзуваат со климатските промени.
„Брзината на ветерот често надминува 95 километри на час, што го спречува леталото да се приближи“, рече портпаролот на грчката противпожарна бригада Василис Ватракоганис на брифинг со новинарите.
„Сите сили за цивилна заштита денеска се во подготвеност“, додаде тој, бидејќи за неколку часа во земјата избувнаа околу 45 шумски пожари. Уште еден шумски пожар што накратко им се закануваше на домовите во крајбрежен град во близина на Атина беше ставен под контрола рано денеска, соопштија пожарникарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Падна дел од фасадата на зграда на главниот плоштад во Загреб
Парчиња од фасадата од предниот дел на зградата паднале на плоштадот Бан Јелачиќ,објави порталот „Индекс“.
Полицијата ја опколила областа, а потоа работата ја презеле во свои раце пожарникарите и комуналните служби.
„Граѓаните и туристите го искористија денешното убаво време за да се прошетаат низ центарот на метрополата. Сепак, во популарниот загрепски сообраќаен шпиц околу 13 часот, на повик на загрижени минувачи пристигна полицијата, а потоа и загрепските пожарникари“, пишува „Јутарњи лист“.
Загрепските пожарникари ги извадиле остатоците од почетниот дел од фасадата кој не престанал да се распаѓа.
Според „Јутарњи лист“, отстранети се околу два метри материјал кој претставувал сериозна опасност.
За среќа нема повредени, а се уште не е позната висината на материјалната штета.
Во Загреб веќе се случи дел од фасадата да се откине од зградите во самиот центар на градот.
Пред само неколку недели, дел од фасадата се откина од зграда, исто така во близина на главниот плоштад во Загреб.
Минатото лето, дел од фасадата падна во близина на Хрватскиот народен театар, а пожарникарите потоа извадија приближно три квадратни метри од фасадата, која се закануваше да падне врз минувачите.
Исто така, во февруари годинава на аголот од улиците Илица и Томиќева од објектот паднало парче фасада, при што немало повредени.
Регион
Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.
Регион
Голем протест на пензионерите во Атина
Во Атина се одржаа големи протестни демонстрации на пензионерите. Сакаат добро здравство и повисоки пензии.
„Сакаме достоинствени пензии“, скандираа пред парламентот стотици грчки пензионери кои на протестот пристигнаа од целата земја. На дел од плакатите беа испишани нивните барања – пристојни пензии, бесплатни лекови и ниски цени, барем за основните потреби.
Демонстрантите за медиумите изјавија дека сакаат и да се отстранат голем дел од пензиските одбитоци и да се плати голем попуст за струја, како и во другите европски земји.
Големиот проблем со кој се соочуваат пензионерите се недостатоците во здравствениот систем – немање доволно специјалисти во државните болници и скапите лекови. И грчките пензионери побараа бесплатни празнични ваучери за сите пензионери.
Пензионерите на протестите скандираа „Стоп за војната во Украина и Газа, не убивајте млади луѓе“.
Голем број млади се приклучија во поддршка на протестот на пензионерите.