Регион
Владата на Црна Гора донесе одлука за стекнување државјанство без знаење на МВР
Владата на Црна Гора на денешната електронска седница без знаење и претставници на МВР ја усвои предлог-одлуката за изменување и дополнување на одлуката за критериумите за утврдување основ за стекнување црногорско државјанство со прием.
Документот предвидува дека 10 години престој се сметаат за пет години привремен плус пет години постојан престој во Црна Гора, додека претходниот правен услов за прием во црногорско државјанство беше 10 години постојан престој во земјата.
На тој документ МВР работеше повеќе од една година, но по протестот на опозицијата беше повлечен.
Пред донесувањето на одлуката, планот беше Комисијата за сеопфатна изборна реформа да го разгледа работниот документ на МВР, а дури кога ќе се усвои заедничко мислење во Собранието да се испрати до Владата на усвојување.
Сето тоа е направено затоа што парламентарното мнозинство побара одлуката за црногорско државјанство да оди на собраниска Комисија.
Владата во април минатата година под притисок на опозициските партии и делови од парламентарното мнозинство и во ситуација на зголемени идентитетски тензии одлучи да го одложи донесувањето на амандманот на одлуката за начинот на добивање црногорско државјанство со прием.
Дополнително, Владата беше обврзана да пристапи кон донесување на вакви значајни одлуки со должно внимание и со претходни анализи кои вклучуваат поширок социјален дијалог.
Тогаш беше договорено промените во начинот на стекнување државјанство да се направат во пакет и со прецизирање појасни услови за стекнување т.н. почесното државјанство кое со години е едно од спорните прашања.
Во предлог-одлуката, на која работеше МВР, како што претходно беше соопштено, клучната измена е дека сите граѓани „кои во Црна Гора престојувале 10 години во паузи ќе се стекнат со право на стекнување државјанство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.