Регион
Во Србија, поради обилните врнежи од снег, илјадници луѓе останаа без струја

Обилните снежни врнежи предизвикаа многубројни комунални и сообраќајни проблеми во Србија за време на викендот, една третина од електроенергетскиот систем во моментот не работи, 17 лица беа завеани на планината Маљен, а поради комуналниот хаос во Белград, некои опозициски партии бараат оставка на градската администрација, јавуваат медиумите во регионот.
Обилен снег, скршени гранки и паднати дрвја пресекоа далноводи и оставија илјадници луѓе без струја во некои села во западниот и југозападниот дел на Србија.
Вонредна состојба е прогласена во општините Ивањица, Лучани и Нова Варош, каде што наносите во некои села се високи над еден метар, а затворени се две локални училишта.
На планината Маљен снежно невреме погоди 17 лица, меѓу кои и две деца. Успеале да се сместат во колиба без вода и струја, а планинарската спасувачка служба ги лоцирала и испратила свои екипи.
Министерката за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, изутринава во Обреновац, каде што е седиштето на клучната термоелектрана „Никола Тесла“, изјави дека во моментот 30 отсто од вкупниот капацитет на електроенергетскиот систем е надвор од функција, а се очекува стабилизација во следните два дена.
Сите магистрални и патни правци што имаат приоритет се проодни, но патниците имаа полни раце работа во текот на ноќта меѓу неделата и понеделникот.
Нарекувајќи ја ситуацијата колапс, неколку опозициски партии денеска побараа смена на градоначалникот Зоран Радојчиќ.
Државниот метеоролошки завод (РХМЗ) за следните два дена најавува жолт метеоролошки аларм и ниски температури од минус осум до еден Целзиусов степен во поголемиот дел од Србија, со исклучок на југоистокот од земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Пожар во Хвар, едно лице загина

Околу 12:45 часот избувнал пожар во густа борова шума помеѓу населбите Врбањ и Дол на Хвар. На терен излегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво Јелса, Стари Град и Хвар.
Како што јави Далмација Данас, маж загинал во пожар додека се обидувал да спаси имот од пожарот.
– На местото на настанот ќе се врши увид за да се утврдат сите факти и околности на настанот – потврди за Далмација Данас Јерко Куревија од ПУ на Сплит-Далмација.
Според неофицијални информации, загинал маж кој се обидел да го спаси багерот од пожарот, но потоа се случила трагедија, пишува Индекс.хр.
Во 13 часот и 40 минути во близина на Застражишче избувнал пожар, а пожарникарите побарале помош од тројца Канаѓани кои пред неколку моменти пристигнале на терен и учествуваат во гаснењето.
Регион
Косово ја прогласи за персона нон грата руската новинарка Дарија Асламова

Руската новинарка Дарија Асламова е прогласена за „персона нон грата“ на Косово, објави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља.
Во соопштението се наведува дека и е забранет влез во Косово во траење од пет години.
„ Секој кој со одредени цели или директиви ќе ја прекрши или ќе се обиде да ја дестабилизира нашата земја, без сомнение ќе се соочи со силата на законите на Република Косово“, напиша Свечља.
Асламова вчера беше уапсена на северот на Косово, при влез од Србија.
Регион
Првите проблеми во истрагата: Уништен е тахнографот и не може да се прочита брзината на возење на полскиот автобус

Уништен е тахографот на полскиот автобус, кој вчера излета од автоптот А4 кај Загреб при што загинаа 12 лица, објави „Јутарњи лист“. Поради тоа не е можно да се извлечат податоците од него.
„ Тоа значи дека нема да може да се утврди со која брзина возел автобусот во моментот на несреќата, иако таа треба да биде 100 км/ч. Меѓутоа, во тахографот имало две дигитални возачки картички (возачка и совозачка), што покажува дека полскиот превозник правилно ангажирал двајца возачи за толку долго патување. Според податоците од картичките, двајцата возачи до моментот на сообраќајната незгода немале сторени прекршоци во однос на работните активности, а по одреден број часови возење правилно се менувале“, изјави машинскиот инженер Зоран Калауз.
Професионалните возачи имаат цела низа правила кои пропишуваат кога можат да започнат со работа или да возат, колку долго можат да работат или да возат континуирано, колку долго можат да работат или возат во една смена, во една седмица итн. Им се пропишуваат задолжителни паузи по одреден број часови возење, пропишани се часови минимален дневен одмор како и часови минимален неделен одмор што секој возач мора да ги има во рок од една календарска недела.
Одредени правила се разликуваат во зависност од тоа дали возачот е сам во возилото или дали во возилото се двајца возачи. Има речиси триесет правила и разни исклучоци од правилата кои секој професионален возач мора добро да ги знае за да не направи прекршок на пат.
Тахографот ги евидентира сите активности и дали возачот ги почитува правилата што важат во ЕУ, но, за жал, вообичаени се и манипулациите со тахографот.