Регион
Вучевиќ: Блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност

Претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност и истакна дека поради блокадите на раскрсниците, изборите нема да бидат распишани.
„Некој мисли дека ако блокираат 50 раскрсници, Вучиќ ќе распише избори. Изборите нема да бидат распишани поради тоа. Добро е осмислено, со овие груби, навидум ненасилни дејства, тие се мешаат во нормалното функционирање на граѓаните. Најодвратно е што уживаат во фактот што некој не може да се движи слободно, што ја малтретираат и исцрпуваат полицијата“, рече Вучевиќ за ТВ „Информер“.
Вучевиќ изјави дека главната цел на сè што прават е соборување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а со тоа и уништување на земјата.
„Тој е нивна пречка, нивна главна цел. Нивните цели се јавните пари да завршат во приватни џебови. Потоа ние да бидеме геноцидна нација и тие да ја завршат работата за Косово, за да биде завршено. Исто така, Србија да добие марионетска влада“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ изјави дека оние што блокираат работат на уништување на економијата и спречување на граѓаните да живеат нормално.
Вучевиќ истакна дека блокадите си играат со нервите на мнозинството во Србија бидејќи 15-20 илјади луѓе малтретираат шест и пол милиони луѓе мислејќи дека ќе ги постигнат своите политички цели.
„По ова, никој нема сомнение дека ова се обиди за шарена револуција. Ги молам сите граѓани за трпение. Државата нема да запре. Издржавме агресија на НАТО, санкции, многу полоши работи. Ќе го сториме и ова. Економијата сигурно страда, луѓето се нервозни и немирни“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ им честита на полицијата, БИА и на другите безбедносни агенции за нивната професионална работа.
„Им симнувам капа на сите што работеа. Тие ги консолидираа своите редови. Тие разбираат и го информираат државниот врв за она што ни се подготвува. Полицијата ја врати довербата на граѓаните. Врската помеѓу судството и Обвинителството сè уште не е доволно силна. Постојат тактики, некои се отворени за револуција“, рече Вучевиќ.
Според него, ниедно собирање на оние што протестираат не е легално, исто како што не е легална ниту блокадата на раскрсниците и железниците.
„Не е легално да се тепаат новинарки, да се линчува, прогонува и таргетира некого, не може да биде легално кога ја напаѓате полицијата“, рече Вучевиќ.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
На охридското крајбрежје откриена можеби најстарата населба во Европа на езеро

Археолозите велат дека пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро на албанската страна од Охридското Езеро за која се верува дека е стара до 8.000 години.
Тим научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден макотрпно отстранувајќи дрвени столбови на кои биле потпрени куќите, објави „Ројтерс“. Археолозите исто така наоѓаат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детаљни резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпскиот и во медитеранскиот регион, но населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара датирајќи помеѓу шест и осум илјади години.
„Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, што ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе, што саделе“, рече Хафнер.
Неколку студии покажаа дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Македонија и Албанија, е најстарото езеро во Европа – повеќе од еден милион години.
Староста на наодите се утврдува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои прстените на дрвјата. Од локацијата се собрани повеќе од илјада примероци од дрво. Се верува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се протегала на околу шест хектари, а сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.
Регион
(Видео) Зебра избега од Зоолошката градина во Белград, повредени три лица

Од трите лица повредени вчера кога зебра избега од ограден простор во Зоолошката градина во Белград, две се однесени во Военомедицинската академија, но се пуштени на домашно лекување бидејќи повредите биле полесни, соопшти утрово Ургентниот центар на ВМА.
Зебрата удрила во маж и го прегазила, по што му биле констатирани полесни повреди, додека другата жена била донесена во ВМА без физички повреди, но во состојба на шок, изјавија за РТС.
Од Зоолошката градина во Белград вчера, зебра избегала од ограден простор и повредила вкупно три лица, од кои едно било дете, кое било пренесено во Детска клиника.
Регион
Три лица извлечени од морето во разни делови на Грција: меѓу нив и српски државјанин

Три лица, меѓу кои и еден српски државјанин, беа извлечени во несвест од морето во различни делови на Грција, соопшти крајбрежната стража.
Во раните утрински часови во среда, 88-годишен грчки државјанин беше извлечен во несвест од морето во областа Агиос Андреас Малаконтас во Еретрија, според Прототема.
Неколку часа подоцна, 69-годишен српски државјанин беше извлечен во несвест од морето во Олимпискиот брег во областа Пиерија.
Во трет инцидент, друг грчки државјанин (61) беше извлечен од морето во пристаништето Милина во општина Јужен Пелион.
За сите три инциденти, надлежните пристанишни власти спроведоа прелиминарна истрага и беше наредена обдукција.
Вчера сите беа шокирани од веста за смртта на 13-месечно бебе од Србија, кое се задуши додека беше на плажа со своите родители на Халкидики. Момчето се задавило со храна додека било во бар на плажа во областа Ормос Панагиас.