Регион
Вучиќ за апсењето на косовските специјалци: Не кажуваат што правеле таму, велат дека не знаеле оти ја преминале границата
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и’ се обрати на јавноста по апсењето на тројцата косовски специјалци кои, како што рече, во полна воена опрема упаднале на територијата на Србија.
„Важни се неколку работи, за да се избегнат шпекулациите, сега сме на крстосница дали ќе имаме мир или не затоа што има еден човек кој сака да предизвика војна, а тоа е Аљбин Курти, во тоа не се сомневам. Се плашам дека враќањето во нормала ќе биде тешко“, рече тој.
Кажа дека информацијата за апсењето на тројца вооружани членови ја добил околу еден часот, а еден или двајца од нив кажале дека не знаат како да го користат ГПС системот што е пронајден кај нив.
„Курти вели ‘имаме сомневање дека српската војска извршила киднапирање на специјалците’ или како и да ги нарекуваат. Овие луѓе немаат што да бараат на тој простор без одобрение на КФОР со долги цевки. Сакате да убивате луѓе? Дали за сето тоа го известивте КФОР? Имаме докази дека не сте го направиле тоа“, објасни тој.
За изјавата на МУП дека станува збор за терористички чин, Вучиќ рече дека секако кога некој ќе ја нападне вашата територија со вакво оружје, пред се’ треба така да се гледа на ситуацијата.
Рече дека е можно лицата да имале некои посериозни планови оти кај нив пронашле списоци на Срби.
„Има одредени информациидека чекале некои луѓе – дали поради ликвидација или поради потенцијално апсење, тоа е сосема небитно и тоа е апсолутно неприфатливо“, рече Вучиќ.
Нагласи дека целата ситуација ќе биде претставена пред претставниците на ЕУ и на Квинтата наутро.
„Не знам што се случува на територијата на Косово и Метохија, бидејќи немаме право да влеземе според резолуцијата 1244 без одобрение на НАТО и тоа го почитуваме. Гарантираме дека ниту еден српски војник или припадник на српскиот МУП не влегол преку административна линија, никој! Ги апсиме на 1,8 км од административната линија, на делницата Орахово-Гњилица, која е многу далеку од Тресава. Курти вели дека е на 300 метри од линијата, а и да е 300 метри, што барате на 300 метри без дозвола на КФОР. Нашата армија е стационирана на 5,1 километар од административната линија по воздушен пат, а по копно и се потребни речиси 20 километри“, рече Вучиќ.
„Нашата армија беше оддалечена 20 километри од местото на апсење, тоа е лесно проверливо. Што правеа таму, дали бркаа некого, не ни кажаа. Тие само рекоа дека не знаеле дека ја преминале границата. Подготвени сме да ги дадеме сите информации, ние сме сериозна земја, овие луѓе не беа тепани или малтретирани како Србите што ги уапси полицијата на Курти“, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за Курти, тој рече дека премиерот на Приштина сака војна. Знаел дека се одржуваат состаноци во Брисел, и вчера сакал да предизвика немири, направил се’ за да дојде до војна и да каже дека Србија е виновна.
„Курти фантазира да биде Зеленски, да има воена биографија. Јас би сакал да избегнам да ја има таа биографија. Луѓето од КиМ се во страв, но луѓето треба да знаат дека ние не учествувавме во ескалацијата, туку дека работиме на деескалација. Но, имате луѓе кои копнеат да прават инциденти секој ден. Сакаат да провоцираат, сакаат конфликти, да внесат немир меѓу Србите до нивното конечно протерување од северно Косово“, рече тој.
Зборувајќи за забраната за увоз на српски стоки што беше воведена денеска, Вучиќ рече: „Не можете да забраните увоз на српска стока според прописите што постојат денес, не можете и не смеете. Второ, покажувате дека сакате да го изгладнете народот на северот на Косово, да ги оставите без лекови, основна храна, леб, млеко. Ова ја покажува нивната намера засекогаш да го избркаат српското население од северот на Косово“, рече Вучиќ, пренесе „Блиц“.
Косовските специјалци Рифат З., Беќир С. и Мустафа Ш. биле уапсени откако антитерористичката единица на МУП на Србија ги разоткрила на околу еден километар од административниот премин, во општина Рашка.
Тие биле уапсени во полна воена опрема, со муниција, мапи и ГПС. Како што истакна на денешната прес-конференција, генералниот секретар на МВР, Жељко Бркиќ, со возило „Дачиа“ стигнале до административниот премин, го оставиле возилото и продолжиле пеш, а потоа биле лоцирани и приведени.
Косово тврди дека биле киднапирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ бара наследник на функцијата претседател, се споменуваат четири имиња
Речиси е сигурно дека Александар Вучиќ повторно ќе се кандидира за премиер на Србија, но кој ќе биде кандидатот на Српската напредна партија за претседател останува главната непозната. Соговорниците на белградскиот портал „Данас.рс“ се согласуваат дека СНС нема доволно харизматична личност сама да ги добие претседателските избори, поради што Вучиќ наводно планира да ги одржи парламентарните и претседателските избори на ист ден.
Дури и самата Српска напредна партија не знае со сигурност кој е фаворит на Вучиќ за негов наследник. Иако за тоа не се дискутира на партиските состаноци, низ ходниците се шири приказната за желбата на сегашниот претседател жена да го наследи на таа позиција, слично како што Ана Брнабиќ еднаш го наследи како премиер.
На прашањето дали веќе има некои имиња во трка, соговорниците од СНС одговараат дека претседателот е тој што се грижи за сè. „Важно е да направиме добра кампања и да нема втор круг избори“, нагласуваат тие, избегнувајќи шпекулации за имиња.
Мирослав Паровиќ од Движењето за народна слобода тврди дека СНС разговара за кандидати. Според него, Вучиќ, како што му е стара навика, им ветил кандидатура на неколку лица.
„Еден од нив е Милош Вучевиќ, претседателот на СНС. Тука е и Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, бидејќи Вучиќ се обидува да ја протурка приказната преку одредени канали дека жена сега треба да биде претседател на Србија. Тој, исто така, му ветил на Никола Селаковиќ, сè за да може да продолжи да го напаѓа ТОК, но и Александар Вулин, кој сега почнува лажни приказни дека е потребно да се оди на референдум за непостоечкиот ‘српски свет’“, пишува „Данас.рс“.
„Ова се барем четири имиња за кои Вучиќ вети дека ќе бидат можни кандидати, но веројатно има некои луѓе во оптек кои од нигде никаде ќе се кандидираат, исто како што некогаш направи со Ана Брнабиќ“, смета Паровиќ.
фото/депозитфотос
Регион
Бугарската влада падна
Бугарскиот премиер Росен Жељазков денес поднесе оставка, по неколку недели улични протести поради економските политики на владата и неуспешната борба против корупцијата.
Жељазков ја објави својата одлука за оставка непосредно пред парламентот да гласа за доверба на владата, објави „Франс Прес“.
„Владата денес поднесува оставка“, изјави Жељазков за новинарите по состанокот на лидерите на владејачката коалиција.
Оставката доаѓа пред Бугарија да се приклучи на еврозоната на 1 јануари.
„Нашата коалиција се состана, разговаравме за моменталната ситуација, предизвиците со кои се соочуваме и одлуките што треба да ги донесеме одговорно“, рече Жељазков, објавувајќи ја одлуката на владата да се повлече.
„Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството“, рече тој, пренесува Ројтерс. „Моќта доаѓа од гласот на народот“.
Илјадници Бугари се собраа во Софија и десетици други градови во средата вечерта, со што го истакнаа јавното незадоволство од ендемската корупција и неуспехот на последователните влади да ја искоренат.
Минатата недела, владата на Жељазков го повлече својот буџетски план за 2026 година, првиот составен во евра, поради протестите.
Опозиционите партии и други организации изјавија дека протестираат против плановите за зголемување на придонесите за социјално осигурување и данокот на дивиденди за финансирање на повеќе владини трошоци.
И покрај повлекувањето на владата од буџетскиот план, протестите продолжија со несмалена сила во земјата што одржа седум национални избори во последните четири години – најновите во октомври 2024 година – во услови на длабоки политички и социјални поделби, пренесуваат медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Десетици илјади излегоа на улиците во Бугарија против корупцијата
Десетици илјади Бугари се собраа синоќа за да протестираат против малцинската влада во земјата и, како што велат, нејзиниот неуспех да се справи со корупцијата. Голем број западни медиуми, вклучувајќи ги „Вашингтон пост“ , „Ројтерс“ и „Ју-Ес њуз“, ги објавија масовните протести во земјата.
Протестите во главниот град Софија и десетици други градови се најновите во низата долготрајни демонстрации и доаѓаат во време кога Бугарија се подготвува да го усвои еврото на 1 јануари. Демонстрантите користеа ласери за да ги проектираат зборовите „Оставка“, „Мафијата надвор“ и „За фер избори“ врз зградата на парламентот во центарот на Софија.
„Мислам дека енергијата на луѓето постепено ќе ги принуди (владата) да поднесат оставка затоа што се потребни многу реформи“, рече Добри Лаков (64), жител на Софија.
„Прво на сите, судска реформа. Ако судскиот систем се поправи, сè друго ќе си дојде на свое место, апсолутно сè.“
Бугарскиот парламент во четврток ќе одржи гласање за недоверба на владата на премиерот Росен Жељазков , шесто такво гласање откако таа ја презеде функцијата на 15 јануари оваа година.
Минатата недела, владата го повлече својот буџет за 2026 година, првиот составен во евра, поради масовните протести. Опозициските партии и други групи изјавија дека протестираат против плановите за зголемување на придонесите за социјално осигурување и даноците на дивиденди за финансирање на повисоките државни трошоци.
И покрај повлекувањето на владата од буџетскиот план, протестите продолжуваат со полна сила во земјата која одржа седум национални избори во последните четири години – најновите во октомври 2024 година – во услови на длабоки политички и социјални поделби.
„Конечно е време Бугарија да се врати во нормалноста и да се ослободи од олигархијата, мафијата и силите што ги претставуваат“, рече Ангелин Бахчеванов, специјалист за информатичка технологија.
Бојко Борисов , поранешен премиер и лидер на владејачката партија ГЕРБ, изјави дека партнерите во владејачката коалиција се согласиле да не поднесуваат оставки пред Бугарија да се приклучи на еврозоната на 1 јануари. Сепак, Асен Василев од реформистичката опозициска партија „Продолжуваме со промената“, која беше меѓу организаторите на протестот во среда, рече: „Ќе влеземе во еврозоната дури и ако владата поднесе оставка“.
Фото: илустрација

