Регион
Вучиќ и Курти на 18 август на средба во Брисел

Портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, потврди дека следната рунда од дијалогот меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 18 август во Брисел.
„Можам да потврдам дека откога високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ги покани двете страни во Брисел, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, ја прифатија неговата покана и ќе дојдат во Брисел на 18 август“, стои во писмениот одговор на Стано.
Тој вели дека српскиот претседател и косовскиот премиер ќе бидат примени од шефот на европската дипломатија Борел, како и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, со цел заеднички да разговараат за патот напред во дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Ова ќе е прва средба меѓу Курти и Вучиќ во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година. Последен пат тие се сретнаа во Брисел во јули 2021 година.
Откако Албин Курти е на чело на Владата на Косово, досега се одржани само две средби на највисоко политичко ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Курти: Барикадите на север не доаѓаат од Србите од Косово, туку од Белград

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барикадите на север за да се спротивстават на одлуките на Владата на Косово не доаѓаат од Србите, граѓаните на Косово, туку се поставени „одозгора“, односно од Белград.
„Знаеме дека барикадите кои често се поставуваат на север не доаѓаат одоздола, туку се поставени одозгора. Тие ниту ве претставуваат вас, нашите граѓани, ниту ве штитат, а од друга страна, косовската полиција и другите безбедносни институции се составени од наши граѓани без разлика и се во служба на нашите граѓани без разлика“ – рече Курти на седницата на Владата на Косово.
Тој рече дека има многу „лажни информации“ за одлуката за непризнавање документи издадени од Србија.
„Слушнав за лажни вести дека личните карти (на Србија) ќе бидат одземени на север во замена за влез-излезен документ. Ова не е вистина. Документот е додаток кој се обезбедува бесплатно. Ве повикувам внимателно да ги следите најавите на нашата Влада и надлежните органи“ – рече тој.
Регион
Пожар го опустоши Закинтос, наредена евакуација на селата во северниот дел

Наредена е евакуација во селото Мегала Алонија, во северниот дел на јонскиот грчки остров Закинтос, бидејќи шумски пожар ја загрозува областа.
Жителите на тоа село добиле порака преку телефонскиот број за итни случаи да се евакуираат кон селото Ано Волимес, пренесува „Катимерини“.
Од противпожарната служба во соопштението се наведува дека на гаснење на пожарот работат 24 пожарникари со 10 противпожарни возила, со помош на пет водни млаза и еден хеликоптер, пренесе „Телеграф.рс“.
Регион
Ужас во Загреб: велосипедист паднал кога тркалото му пропаднало во трамвајска шина, загинал на самото место

Маж загина во малку невообичаена несреќа што се случила вчера во Загреб.
Како што соопшти хрватската полиција, 69-годишен маж управувал велосипед „елопс“ во Медвешчак. Се движел по патот на Драшковиќ, каде што нема велосипедска лента, по источните трамвајски пруги по десниот раб на коловозот, во правец на север.
Свртел на десно и со последното тркало паднал во жлебот на трамвајската шина, изгубил контрола над велосипедот и паднал на асфалтот. Човекот починал на самото место, соопшти полицијата.
Од таму додаваат дека телото е пренесено во Институтот за судска медицина и криминалистика. Поради споменатиот настан, од 12:.5 до 14.30 часот трамвајскиот сообраќај бил во прекин.