Регион
Вучиќ: Можевме да го внесеме возот на Косово, но ќе имаше мртви на двете страни
Српскиот премиер Александар Вучиќ, гостувајќи на српската телевизија Пинк изјави дека Србија, „благодарејќи на мудроста и желбата да избегне судир“ успеала да го направи тоа во врска со возот кој требаше да патува од Белград до Косовска Митровица, пренесуваат српските медиуми.
„Добар дел од Србите се лути поради тоа што не успеавме возот да го внесеме до Косовска Митровица, можевме тоа да го направиме но ќе имаше мртви на двете страни“, рекол Вучиќ.
Освен тоа, српскиот премиер навел дека во Србија се уште важи „губитничкиот синдром – дека ние сме воглавно криви и таму каде што реално нема вина“.
„Ние сме криви поради тоа што возот изгледаше така, дали тоа некој го сака или не. Чекајте, тие луѓе сакаа во УНЕСКО како независна држава, веројатно сакаат да се гордеат со тоа. Им сметаат фреските, или им смета нашето знаме, или пак тоа што Косово е Србија? Мене ништо не ми смета“, наведува Вучиќ.
Според него, штом „Србите започнат да дишат, тогаш тие сакаат да се тепаат со сите, иако за тоа нема потреба, а од друга страна, пак, го имаат тој пристап – дека Србите се криви“.
„Тоа е обичен воз, не е оклопно возило, не е тенк, не е авион, тоа е обичен воз кој пренесуваше обични патници и родители со деца. Навредува поради тоа што има фрески од манастири кои се на Косово и Метохија“, вели Вучиќ.
Според него, косовската власт во тој момент пратила специјални единици во чисто српска општина, односно во Долно Јариње, каде што воопшто нема Албанци.
„Тие ја запоседнаа железничката станица да го сопрат возот. Тачи и Мустафа излегоа од нивната седница и рекоа дека возот ќе застане по секоја цена. Тие потоа дојдоа со пушки“, истакна Вучиќ.
Според него, во српскиот дел е потребна дозвола од локалната заедница и НАТО, и дека „не знае дали имале дозвола на НАТО, но дозвола од Србите немале“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Македонски државјани изнудиле 40.000 евра од пензионерка во Хрватска со измама дека ќерка и’ е во болница: eдна приведена, по двајца се трага
Загрепската полиција уапсила 25-годишна државјанка на Македонија, дел од група од тројца измамници кои, претставувајќи се како лекари, измамиле 87-годишна жена и ѝ зеле 40.000 евра, пренесе Јутарњи лист.
Според полицијата, измамниците ја контактирале жената и ѝ кажале дека нејзината ќерка е во болница и ѝ е потребна итна операција. Еден од нив се претставил како лекар, а потоа жена глумела дека е нејзината ќерка, за да ја убедат да ги предаде парите.
Следниот ден, осомничената пристигнала со такси на адресата во Загреб и презела 40.000 евра.
Полицијата ја привела осомничената и поднела кривична пријава, додека по другите две лица, исто така државјани на Македонија, сè уште се трага.
Од полицијата апелираат граѓаните да бидат внимателни на вакви телефонски измами, особено кога непознати лица се претставуваат како лекари и бараат пари за итни интервенции.
Регион
Вучиќ му честита на Маѓар , очекува продолжување на соработката меѓу Србија и Унгарија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му упати честитка на новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, по повод неговата изборна победа.
„Честитки до Петер Маѓар за изборната победа. Уверен сум дека силната соработка меѓу Унгарија и Србија ќе продолжи да се развива. Исто така, сум му благодарен на Виктор Орбан што помогна да се овозможат такви односи.“, напиша Вучиќ на Икс.
Congratulations to Peter Magyar on his electoral victory. I am confident that the strong cooperation between Hungary and Serbia will continue to grow. I am also grateful to Viktor Orbán for helping make such relations possible.
— Александар Вучић (@predsednikrs) April 13, 2026
Тој во пораката изрази уверување дека билатералните односи меѓу двете земји ќе продолжат да се зајакнуваат, истакнувајќи ја и улогата на Виктор Орбан во досегашната соработка.
Регион
Турција стравува дека би можела да стане нова цел на Израел по Иран
Турција стравува дека би можела да стане нова цел на Израел по конфликтот со Иран, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Фидан рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не може политички да опстане без непријатели и дека постои можност Турција да биде означена како нов противник.
Тој додаде дека урамнотежената улога на Турција во регионот ја прави цел на израелски притисок и дека Нетанјаху има „комплекс“ кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Кога се гледа од перспектива на Сирија, Газа и Либан, екстремистичките политики што Израел ги прошири се целосно спротивни на турските. Затоа и ја таргетираат Турција“, изјави Фидан.
Тој повтори дека „по Иран, Израел не може да живее без непријател“ и дека постои можност Нетанјаху да се обиде Турција да ја одреди како следен противник.
Во меѓувреме, Ердоган го обвини Израел за злосторства врз Палестина и Либан и се закани со можна воена акција против Тел Авив.
„Мора да бидеме силни за да го спречиме Израел да ѝ го направи тоа на Палестина. Како што влеговме во Карабах, како што влеговме во Либија, така ќе направиме и со нив“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека ништо не ја спречува Турција да преземе такви чекори, освен потребата да биде доволно силна за тоа.
