Регион
Вучиќ: Некој мислеше дека насилно ќе ја смени власта, нема повеќе разговор
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово изјави дека нема општество во денешниот свет што не е поделено. Не е поинаку ниту во Америка, истакна тој, потсетувајќи дека во Србија биле организирани 24.000 нелегални или нерегистрирани собири.
Тој, во гостувањето на „Блиц ТВ“, спомена дека тоа е случај и во Србија поради што земјата изгуби многу, особено кога станува збор за обоените револуции.
„Без разлика која земја да ја покажете, насекаде е исто. Дали е поинаку во Америка? Во Англија? Најџел Фараж има 30 проценти поддршка, а конзервативците и лабуристите заедно немаат 40 проценти. Видете ја Шпанија, националистите и социјалистите. Видете ја Италија. Имаме луѓе на улиците, дел од граѓаните, веќе 12 години. Никој не е среќен поради тоа бидејќи скапо ја чинеше оваа земја. Поради ова, платите и пензиите ќе растат помалку, поради ова имаме помалку туристи и помалку пари во угостителската индустрија. Ова се случува во многу земји, особено во оние во кои е провоцирано однадвор“, рече Вучиќ.
Според него, проблемот е што некои луѓе мислеле дека може да користат насилство за да ја сменат владата, мислеле дека имаат пари од странство, а тоа се, како што вели, неверојатни суми пари што влегуваат во нашата земја.
„Видете колку пари инвестирале само во храна“, истакна тој.
На прашањето дали државните служби го проверуваат ова, Вучиќ одговори дека проверуваат, но дека кога ќе се објави, велат „тоа е напад врз невладини организации“, „поинакво мислење“.
„Некој мислел дека насилно ја менува владата“
Претседателот истакнува дека луѓето ги толкуваат работите поединечно, а не ги гледаат како целина.
„Кога зборувате за поделено општество, дали знаете како ќе биде поделена опозициската сцена? Ќе одат на избори со 5 или 10 листи, а не со една. Постојат поинакви политички интереси. Проблемот тука е што некои луѓе мислеа дека може да дојдат на власт преку насилство. Тие имаат многу пари. Парите доаѓаат, тоа се неверојатни суми што доаѓаат. Кога само ќе видете колку се потрошило за храна, а да не ги спомнуваме дневниците за моторџиите и другите“, рече претседателот.
Тој истакна дека се собрале 24.000 пати на криминален начин, нелегално – што не е во согласност со никакви закони.
„Неодамна, Ана (Брнабиќ) отиде во Брисел и никој таму никогаш не им кажа, беше шокирана, што таму не знаат дека сите овие собири не се регистрирани“, рече Вучиќ.
Истакнува дека по сите изговорени зборови, не е можно да се зборува.
„Крадец, криминалец. Јас не го кажав тоа за нив, па затоа закачија фотографии од моето дете, кое било дилер на дрога. И јас слушав и страдав и понудив да разговараме. И тие ми велат дека не може, вие нè нарековте блокатори. Но, што сте вие? Блокатори? Никогаш никого не нареков усташи или терористи. Секојпат осудувам остри зборови, но мора да разберете дека нешто се пресретнува со одговор.
Праша зошто, по 10 месеци, стотици факултети сè уште се заробени, а оние што сакаат да работат и да студираат не може поради блокадите.
Зборувајќи за нормализирањето на наставата на факултетите, тој вели дека не верува оти наставата ќе продолжи дури и по 3 ноември.
„Премногу пари беа вложени во нив. Како кога правиш нешто, го градиш, тоа пропаѓа на пазарот, а ти сè уште не разбираш, па нема да го продадеш поевтино“. Не може да го остават, иако сè пропадна. Веќе нема можност за обоена револуција. А вие прашувате за блокадата пред собранието? Не ве интересираат овие илјадници други. Јас, на пример, не му верувам на ректорот Ѓокиќ. Затоа што е лажливец. Јас му верувам на Мацут. Еве ќе чекаме на 3 ноември да видиме дали ја кажуваат вистината или не. Тие не направија ништо по своја слободна волја, само добиваа наредби“, нагласи претседателот.
Српскиот претседате исто така повика на дебата со официјалните претставници на студентската листа, кои, според медиумите, набргу ќе бидат познати, но оцени дека тоа нема да се случи.
„Нека официјално кажат кои се нивните претставници, а ние ќе имаме четворица, петмина против вас, нека одвојат повеќе време, јас немам проблем да разговарам и да ги наместам работите, но однапред велам, тоа нема да се случи затоа што знаат дека ја кажувам вистината и немаат аргументи“, рече Вучиќ.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

