Регион
Вучиќ со Фон дер Лајен: Сѐ додека јас сум претседател, Србија ќе остане на европскиот пат
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека сѐ додека тој е претседател на државата, Србија нема да ги промени своите главни надворешнополитички цели, а тоа се европскиот пат и определбата за членство во ЕУ.
На заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во дводневна посета на Србија, Вучиќ рече дека европскиот пат е од клучно значење за напредокот на земјата, дека Србија посветено работи на тој пат и се надева на резултати.
Тој истакна дека имал многу долг, крајно отворен и искрен разговор со Фон дер Лајен и дека има работи за кои Европската Унија ја критикува Србија, но дека претседателот на ЕК секогаш бил подготвен да ја сослуша нивната страна.
Како што рече, разговарале за определбите на Србија.
„Јас ѝ го кажав истото тоа што ви го кажав вчера. Колку и да размислуваат поинаку некои луѓе, јас сум претседател на Републиката со највисок легитимитет во државата, избран директно од граѓаните двапати по ред во првиот изборен круг, што никогаш не се случило во нашата историја, а додека јас сум претседател, нема промена на главните цели на нашата надворешна и внатрешна политика. Тоа значи дека нашиот европски пат е и наше застапување за европска Србија и е од клучно значење за нашиот напредок, дека Србија ќе се посвети на работа на тој пат и дека се надеваме на резултати“, изјави Вучиќ.
Тој ѝ честита на Урсула фон дер Лајен за нејзиниот реизбор на функцијата претседател на Европската комисија и ѝ се заблагодари за поддршката што ѝ ја дала на Србија во претходниот мандат и додаде дека се надева оти тоа ќе продолжи да го прави и во овој мандат, пренесува „Танјуг“.
„Има една работа што луѓето во Србија многу ја почитуваат. Кога ни доаѓаат гости, речиси сите доаѓаат во Белград кога се во прашање високи делегации, официјални посети во нашата земја и двапати отидовме далеку од Белград, далеку од урбаните средини, а тоа е нешто што нашите граѓани, нашиот народ, исклучително го почитуваат и ценат, ви благодариме за поддршката и помошта што ни ја дадовте во претходниот период“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

