Регион
Вучиќ: Србија не сака да влезе во НАТО, но љубоморно ја чува својата воена неутралност

Седницата на Собранието на Србија, на која се расправа за Косово продолжи со вербални пресметки, а српскиот претседател Александар Вучиќ упати низа навреди кон претставникот на Клубот на зелените Роберт Козма, јавуваат тамошните медиуми.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска на седницата на српскиот парламент дека Србија не е во атлантските интеграции и не сака да влезе во НАТО, туку љубоморно ја чува својата воена неутралност.
„Србија е на европскиот пат, а што се однесува до атлантските интеграции, Србија не сака да влезе во НАТО. Србија сака љубоморно да ја чува својата воена неутралност и да ја зајакне. Има разлика меѓу евроинтеграциите и атлантските интеграции“, нагласи претседателот на Србија, а пренесе Радио телевизија на Србија.
За време на седницата, Козма рече дека Александар Вучиќ се бори за лични интереси, а граѓаните на северот на Косово живеат во „владеење на стравот“.
„Десет години преговарате и постојано преговарате за останување на власт, а за граѓаните на Косово има се поголема неизвесност“, рече Козма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ердоган го постави својот портпарол за шеф на државната разузнавачка служба

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го назначи својот портпарол Ибрахим Калин за шеф на Националната разузнавачка агенција (МИТ).
Ова го соопштија од кабинетот на Ердоган.
Калин е долгогодишниот доверлив човек на Ердоган, кој од 2014 година е портпарол на претседателството и советник за надворешна политика на Ердоган.
За министер за надворешни работи, наместо Мевлут Чавушоглу, е назначен поранешниот шеф на МИТ, Хакан Фидан, кој беше на таа функција од 2010 година.
Турскиот претседател одлучи на функцијата министер за финансии во новата влада повторно да го именува Мехмет Шимшек, како и за министер за одбрана Јашар Ѓулер, кој од 2018 година е началник на турскиот Генералштаб.
Регион
НАТО испраќа засилување во Косово, 500 војници пристигнуваат од Турција

Во Косово почна зајакнувањето на мировните сили на НАТО по минатонеделните немири на северот на земјата, соопшти Алијансата.
Насилството избувна кога косовските власти назначија градоначалници етнички Албанци на позиции во северните општини кои беа избрани со излезност од само 3,5 отсто, бидејќи Србите ги бојкотираа локалните избори.
Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили на НАТО познати како КФОР и 52 српски демонстранти.
„Околу 500 војници од турската 65-та механизирана пешадиска бригада ќе го сочинуваат најголемиот дел од засилувањата“, напиша на „Твитер“ портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, пренесе „Индекс“.
#NATO reinforcements have started to arrive in Kosovo following last week’s violence which injured 30 @NATO_KFOR peacekeeping troops. Around 500 🇹🇷service members from Türkiye’s 65th mechanized infantry brigade will make up the bulk of the reinforcements.https://t.co/vAho8N0hbb pic.twitter.com/Z7NQ5FqV23
— Oana Lungescu (@NATOpress) June 5, 2023
Како одговор на кризата, НАТО одлучи да испрати дополнителни 700 мировници на Косово, со што ќе го засили својот контингент од 4.000 војници, а генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, во четвртокот рече дека е подготвен да испрати уште.
„НАТО ќе биде во состојба на готовност. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна средина, но и да ги намалиме тензиите“, изјави тој за новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.
Регион
Убиецот во Љубљана најден мртов, локалните жители се соменеваат дека убиствата биле поради долгови

Во реонот на љубљанската област Фужина попладнево се случи пукање во кое две лица загинаа, а човекот за кој се верува дека е сторителот подоцна е пронајден мртов, соопшти словенечката полиција, пренесува агенцијата СТА.
Според засега достапните информации, двете лица починале на лице место како последица на тешки прострелни рани.
Убиството било извршено во познат локал во областа.
Очевидци за СТА изјавија дека жртвите биле во барот кога насилникот им се приближил. Тие се повлекле од терасата до детското игралиште кое се наоѓа веднаш до шанкот, а таму напаѓачот извадил пиштол и пукал во нив.
Според локалните жители кои ги познавале жртвите, може да се работи за долгови, пренесува СТА. Полицијата се уште не го открива мотивот за нападот.
Сторителот побегнал од местото на настанот, а полицијата подоцна соопшти дека на пошироко подрачје пронашла мртов маж за кој, според досега познатите информации, се верува дека е сторител на делото.
Неофицијално, напаѓачот си го одзел животот, пишува „Јутарњи“.