Регион
Вјоса Османи: Акциите на косовската полиција беа легитимни

Претседателката на Косово, Вјоса Османи денеска изјави дека дејствијата на косовската полиција против „нелегалните структури на криминалните групи на Вучиќ“ се легитимни и дека се во рамките на „исполнување на уставните должности и заштита на сите граѓани, без разлика“, пренесуваат српските агенции.
Коментирајќи го фактот дека САД ја осудиле интервенцијата на косовската полиција на северот на Косово, таа рече дека акциите биле во согласност со легислативата на Косово, повикувајќи се на уставот.
„Суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово се неповредливи, неотуѓиви и неделиви и се заштитени со сите средства дефинирани со устав и закон. Дејствијата на косовската полиција против нелегалните структури на криминалните групи на Вучиќ се легитимни, во исполнувањето на нивните уставни должности и во заштитата на сите граѓани, без разлика. Одржливоста, долговечноста и успехот на овие акции зависат и од координацијата со сојузниците кои беа и останаа гаранти на нашиот суверенитет и независност. Заедно сме посилни!“, напиша таа на својот Твитер профил, пренесе Танјуг.
Шефот на УНМИК, Каролина Зијаде, побара да се преземат итни чекори за намалување на тензиите на северот на Косово.
Постапките на косовската полиција денеска ги осудија американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер и американскиот сенатор Крис Марфи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Земјотрес од 4,8 степени ја погоди Атина

Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтер денеска попладне ја погоди атинската населба Перистери.
Според податоците на веб-страницата специјализирана за следење земјотреси во светот, EMSC, епицентарот бил во близина на центарот на Атина, додека длабочината на ударот била 17 километри.
Нема информации за материјална штета.
Регион
Албанија им предаде на Макрон и Шолц статут за формирање ЗСО на Косово

Албанскиот премиер Еди Рама објави денеска дека вчера им го проследил на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц нацртот за заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, пренесува Радио Слободна Европа.
„Тука сум да ве информирам за еден досега непознат факт. Вчера им го препратив нацртот за ЗСО на Шолц и Макрон за што ги информирав и Шарл Мишел (претседател на Европскиот совет) и американската страна“, рече Рама.
Тој додаде дека документот е доверлив и изрази уверување дека станува збор за „документ на највисоко меѓународно ниво, кој ги зема предвид сите причини за создавање на заедницата“ и дека ЗСО ќе биде дел од Косово.
Албанскиот премиер рече дека не се консултирал со премиерот на Косово, Аљбин Курти, за изработката на статутот за формирање ЗСО и истакна дека е многу загрижен за ситуацијата во која се најде Косово.
Заедницата на општини со српско мнозинство е договорена во 2013 година во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово.
Две години подоцна, двете страни се договорија за принципите врз основа на кои ЗСО треба да се формира, но Уставниот суд на Косово утврди дека некои од нив не се во согласност со законите во Косово. Иако беше заклучено дека принципите може да се согласат со Уставот на Косово, косовските властите сепак одбија да ја формираат ЗСО.
Потоа, на крајот на февруари, двете страни го прифатија договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ, а анексот за негова имплементација беше договорен во април.
Меѓу другото, овие документи предвидуваат ЗСО во Косово да добие одредено ниво на самоуправување, а европските и американските претставници потврдија дека тоа, всушност, е заедница на општини со српско мнозинство.
Потоа, на почетокот на мај, српската страна го претстави својот нацрт-статут за формирање ЗСО, кој беше отфрлен од Косово наведувајќи дека официјален Белград сака „уште една Република Српска“ (еден од ентитетите во БиХ).
Косовскиот премиер Аљбин Курти, од друга страна, ја претстави својата визија за обезбедување одредено ниво на самоуправување на Србите во Косово.
Инаку, формирањето ЗСО е еден од условите Србите да се вратат во косовските институции, кои ги напуштија во ноември минатата година.
Регион
Продолжен притворот на таткото на осомничениот за масакрот во Младеновац

На предлог на Вишото јавно обвинителство Смедерево судот му го продолжи притворот на 54-годишниот Р. Б. за нови 30 дена. Тој е татко на Урош Б., кој уби осум и рани 12 лица на територијата на Младеновац и Смедерево.
Притворот му е продолжен поради сомнение дека ќе се меша во постапката со влијание врз сведоците, чиј распит е во истрага, и дека ќе го повтори кривичното дело, како и поради вознемирување на јавноста.
Р. Б. на рочиштето негирал дека го сторил делото.
Обвинителството го сомничи за недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, а тој е приведен поради утврдување на фактите поврзани со потеклото на оружјето, со кое неговиот син го извршил кривичното дело.
При претрес на објектите што ги користел Р. Б. пронајдени се неколку стотини куршуми во различен калибар, патрони, по еден пиштол и еден револвер и други разновидни делови за огнено оружје.
Урош Б. е осомничен дека на 4 мај во вечерните часови со автоматско оружје убил осум лица, се обидел да убие уште 12 лица, а бегајќи од полицијата, првин украл автомобил по што му наредил на таксистот да вози и му се заканил со бомба.