Регион
„Гардијан“ за вооружениот конфликт во Косово: Доколку се докаже дека Вучиќ е вмешан, тоа може да доведе до санкции против Србија

Косово ја обвини Србија дека стои зад воената група, која во неделата нападна полициска патрола и се судри со косовските сили.
Властите во Приштина покажаа низа модерно оружје што го користела групата, вклучително и два оклопни автомобила од српско производство и фрлач на гранати заедно со документ што наводно покажува дека фрлачот гранати, произведен од „Застава Армаментс“, бил испорачан од српската армија, пишува британски „Гардијан“.
Косовската влада исто така тврди дека водачот на групата бил истакнат политичар од косовски Срби, лојален на српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека еден од тројцата борци убиени во неделата бил поранешниот телохранител на Александар Вулин, шефот на српската разузнавачка служба, кој е санкциониран од САД за корупција.
„Оваа група дојде од Србија, тие се обучени во Србија, финансирани и опремени од српската армија и нејзината полиција. Дел од оружјето е земено од армискиот магацин и предадено на терористите што дошле во Косово од Србија“, изјави за „Гардијан“ косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свеќља.
Свеќља рече дека неговото министерство ги споделило доказите со западните амбасади и агенции.
„Тие сакаа да ја окупираат територијата на Косово и да отворат нов канал за комуникација, нов пат од Србија до Косово“, рече тој и додаде дека крајната цел е поделба на земјата.
Српската влада негира вмешаност во вооружената група, но одржа официјален ден на жалост за тројцата загинати.
Косово вели дека групата била предводена од Милан Радоичиќ, заменик-претседател на партијата Српска листа поддржана од Белград, која доминира во политиката во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово.
Свеќља рече дека разузнавачката служба на неговата земја верува дека Радоичиќ, кој е санкциониран од САД и Велика Британија, е ранет и закрепнува во главната воена болница во Белград. Тврдењето не можеше да се потврди независно.
Радоичиќ не се огласи во јавноста, но министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, тврди дека снимката на која се гледа Радоичиќ меѓу припадниците на паравојската е измама.
Конфликтот се случи во време кога преговорите со посредство на ЕУ за нормализација се во застој, при што Вучиќ вети дека никогаш нема да го признае Косово, а косовската влада одбива да воспостави полуавтономна асоцијација на српски општини.
САД ги поддржуваат преговорите и досега застанаа на страната на Европа бидејќи најголем дел од вината за нивниот неуспех ја префрлаа на косовскиот премиер Аљбин Курти. Но, администрацијата на Бајден ја истражува вмешаноста на Белград во паравоената единица и се обидува да ја открие нејзината мисија.
Доколку се утврди дека Вучиќ бил вмешан, тоа би можело да го промени пристапот кон преговорите на САД и ЕУ, кои законодавците од двете страни на Атлантикот ги критикуваа како пристрасни кон Белград. Ова може да доведе и до санкции против Србија.
„Сè појасно е дека имало сценарио да се предизвика конфликт, српската војска да влезе да го заштити српскиот народ на север и на тој начин да ја изврши поделбата на Косово. Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија што Западот не може да ја толерира. Ваквата ситуација Курти не ја провоцира, како што коментира мнозинството во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионализам“, изјави Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.
Во брифинг-документ за ЕУ косовската влада соопшти дека „група од десетици маскирани вооружени лица отвориле оган врз рутинска полициска патрола“ на 24 септември во селото Бањска во близина на границата со Србија.
Во судирите загинаа еден косовски полицаец, тројца членови на воената група, а неколкумина беа повредени. Српската група потоа се повлекла со оклопни автомобили во манастир во близина на селото, што довело до судири. Пред косовската полиција да успее да ја преземе контролата врз манастирот, рече Свеќља, некои од паравоените групи успеале да побегнат и да преминат во Србија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен го осуди нападот врз косовската полиција и рече: „Сторителите на ова злосторство мора да одговараат преку транспарентен истражен процес“. Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било активности или реторика што може дополнително да ги подгрее тензиите“.
Блинкен повика на „враќање на дијалогот со посредство на ЕУ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Од 94 милиони евра за гасоводот Србија-Бугарија, 50 милиони се подарок од Европската Унија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека од 94 милиони евра колку што чинат изградбата на гасоводот Србија-Бугарија, односно интерконектор до бугарската граница, речиси 50 милиони евра се подарок од Европската Унија, а уште 25 отсто се најповолните кредити од Европската инвестициска банка.
Вучиќ изјави дека остатокот, околу 20 милиони евра, се финансирани од буџетот на републиката.
Како што истакна, поврзувањето преку интерконекторот со Бугарија ќе обезбеди дополнителен гас за Србија, а преку него ќе може да се закупи и дел од азербејџанскиот гас, како и гасот од Александрополис.
„Ќе има поголема можност за добивање гас од територијата на Бугарија, Грција и други земји. Ова ќе овозможи сигурност во снабдувањето и подобри цени“, рече Вучиќ.
Тој најави дека утре, по пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Србија-Бугарија, ќе има демонстрација на можностите на падобранот и специјалните единици, на која ќе присуствуваат и претставници од Бугарија и Азербејџан.
Регион
Силен земјотрес во Романија

Романија попладнево ја погоди земјотрес со јачина од четири степени според Рихтеровата скала, јавува Европскиот медитерански сеизмолошки институт.
Земјотресот се случил на 52 километри северозападно од градот Бузау, кој се наоѓа на истокот на Романија.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 136 километри.
Регион
Ужас во центарот на Белград: судир на трамвај и такси

Вечерва околу 17 часот дошло до судир на трамвај и такси на улицата Караѓорѓева, во близина на белградската автобуска станица.
Според извештаите, таксито удрило во трамвајот.
Не се знае моменталната состојба на учесниците, како и причината за несреќата.
На оваа делница од патот има голема гужва.
Истрагата е во тек.