Регион
Голем пожар во Пула

Голем пожар ја зафати Пула. Според информациите на хрватските медиуми изгорени се повеќе куќи, а поголем дел од градот е без електрична енергија откако пожарот зафатил трафостаница.
Поради пожарот затворени за сообраќај се голем дел од патиштата во регионот. Нема информации за жртви и приведени.
Пожарот го гасат педесетина пожарникари со 20 возила и со три канадери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Бугарија фатен шверцер со 106 килограми хероин вреден околу 5 милиони евра

Бугарската царина запленила 106 килограми хероин во вредност од околу 5 милиони евра пронајден во автомобил управуван од 38-годишен маж со француско и турско државјанство.
Со пријавениот Х.А во автомобилот биле неговата сопруга, нивните две малолетни деца, како и нивните две кучиња.
Според методот „анализа на ризик“, автомобилот е пренасочен на детален царински преглед.
Цариниците пронашле вкупно 210 пакети сокриени во подот под предното седиште и во резервната гума на автомобилот. Од нив 209 содржеле прашкаста материја со светло беж боја која при тестирање со наркотест на терен реагирала на хероин, додека супстанцијата од последното пакување на хашиш.
Човекот е приведен, а како што соопштија бугарските обвинители, тој може да заврши зад решетки до 20 години поради трговија со дрога.
Регион
Сопственикот на автобусот кој се преврте во Бугарија доби 99 прекршоци и казна од 30.000 евра

Во врска со сообраќајната несреќа што се случи на автопат во Бугарија на 14 август, во која учествуваше автобус од Србија и кога беа повредени 28 српски државјани, припадници на сообраќајната полиција на МВР, по наредба на министерот за внатрешни работи Александар Вулин извршиле надзор над правното лице – сопственик на возилото, како и претприемачот кој е корисник на автобусот според договорот за закуп, јавува „Танјуг“.
Прекршоци од Законот за работно време на екипите на возилата во патниот превоз и тахографите се констатирани кај правното лице – сопственик на возилото, за што се изготвени 99 прекршочни налози за што е изречена глоба во вкупен износ од 3.510.000 динари (околу 30.000 евра), а едно барање за поведување прекршочна постапка согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
При надзор на корисникот на возилото по договор за изнајмување, кој вообичаено има важечка лиценца за превоз на патници, утврдени се прекршоци од Законот за работното време на екипите на возилата во патниот превоз и тахографите, па се донесени четири прекршочни наредби за кои е предвидена вкупна глоба од 420.000 динари, а поднесено е и барање за поведување прекршочна постапка по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Регион
Курти: Имаме јасна визија, сакаме членство во НАТО

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел изјави дека Косово сака членство во воената алијанса НАТО.
„Имаме јасна визија. Сакаме членство во НАТО. Ова ќе ни овозможи да го обезбедиме она што мирните и демократски држави и нации го обезбедија и сè уште го обезбедуваат за нашата земја и граѓаните. Во оваа смисла, членството во програмата на НАТО „Партнерство за мир“ би било поддршка“ – рече Курти по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На заедничката прес-конференција со Столтенберг, Курти изјави дека институциите и граѓаните на Косово имаат причина да бидат претпазливи поради, како што рече, „деструктивниот пристап на северниот сосед“ кон Косово и „регионот воопшто“, како дел на „рускиот план штетен за Европа и Балканот“.
Тој додаде дека владата на Косово и тој како премиер се посветени на тоа политиката на Косово да биде целосно усогласена со НАТО и додаде дека Косово е подготвено да учествува во секој проект на НАТО во полн капацитет.
Курти се заблагодари на НАТО алијансата за досегашниот ангажман во Косово.
„Придонесот на НАТО во формирањето, развојот и професионалноста на Косовските безбедносни сили е примерен успех“, изјави Курти.