Регион
Грција не престанува да се тресе: најсилниот земјотрес утрово со јачина од 4,9 степени, десетици семејства чекаат на пристаништето во Санторини

Утрово четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите се случиле меѓу 3 и 5 часот наутро, а сите четири сеизмички активности биле карактеризирани како слаби, јавуваат грчките медиуми.
Во последните три дена во регионот помеѓу Санторини, Аморгос и Иос се забележани 550 земјотреси, од кои сите биле посилни од 3 степени според Рихтеровата скала, а најсилниот бил со јачина од 4,9 степени.
Стравувањата од нови земјотреси предизвикаа паника кај жителите на Санторини, Аморгос и околните острови.
Многумина одлучија да ги напуштат островите, што доведе до голем метеж на пристаништата, а планирани се и дополнителни фериботи и воздушни линии за оние што сакаат да ги напуштат.
Од безбедносни причини училиштата на Санторини, Анафи, Иос и на Аморгос ќе бидат затворени до петок.
Исто така, за денеска е предвидена средба во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.
На состанокот ќе присуствуваат претставници на локалните власти, Противпожарната бригада, крајбрежната стража, вооружените сили и други надлежни органи.
Официјални лица процениле дека интензивната сеизмичност во регионот може да трае уште неколку дена, па дури и недели, а Манолис Скордилис, професор по сеизмологија на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, оцени дека ситуацијата на Санторини е исклучително сериозна и дека се можни земјотреси со јачина и над 6 степени.
Пристаништето на островот беше во состојба на хаос во мугрите бидејќи многу семејства чекаа да се качат на траектот за Пиреја. Фериботите „Кисамос“ и „Блу стар Парос“ сообраќаа на специјални линии.
Според последните податоци, над 9.000 луѓе (жители и туристи) го напуштиле островот, а в зори сликата од пристаништето Санторини била неверојатна бидејќи десетици семејства се подготвувале да се качат на бродот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Почнаа депортациите на граѓаните на БиХ: Шест лица осудени за кривични дела пристигнаа од САД

Во Бoсна и Херцеговина пристигна првата група граѓани на таа земја кои беа депортирани од американските власти откако претходно беа осудени за разни кривични дела, како дел од стратегијата на новата американска администрација за борба против криминалот и преполните затвори.
Според информациите на порталот „Репорт“, Ел Шаер Хани, Аладин Муминовиќ, Мухо Ахметовиќ и уште тројца осуденици биле депортирани во Босна и Херцеговина со авион.
Ел Шаер Хани е роден во Џеда, Саудиска Арабија, во 1983 година, но има и државјанство на Босна и Херцеговина. Тој беше осуден во Вашингтон за поседување нерегистрирано оружје со отстранет сериски број.
Според истиот извор, денеска се очекува да биде депортиран Аладин Муминовиќ, кој во 2019 година во Њу Хемпшир беше осуден за поседување нелегални супстанци. Во групата на депортирани е и Мухо Ахметовиќ, кој неколку пати бил осудуван во Кентаки и има вкупно четири пресуди.
Според податоците на властите во Босна и Херцеговина, вкупно 181 нивни државјанин треба да бидат депортирани од САД. Процесот на депортација се спроведува во координација со надлежните институции во Босна и Херцеговина, кои се одговорни за прием и понатамошен третман на депортираните лица.
Овие депортации се дел од пошироката стратегија на новата американска администрација, која одлучи да го забрза процесот на враќање на странските државјани осудени за злосторства. Американските власти нагласуваат дека целта на оваа мерка е да се намали криминалот и да се намали притисокот врз затворскиот систем во САД.
Регион
Студентите пристигнаа во Крагуевац: По четири дена пешачење колони влегуваат во градот од три правци

Студенти и групи граѓани денеска по 15 минути блокираа одредени патишта во Белград, Нови Сад и во некои други градови за да им оддадат почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад и да побараат одговорност, а во 16 часот започна блокадата на Плоштадот на Републиката во Белград, која заврши кај Републичкото јавно обвинителство.
Група средношколци во Ниш, нивните родители и професори се собраа на раскрсницата кај Основниот суд, а потоа тргнаа на протестна прошетка до Управата на училиштето, како поддршка на студентите кои ги блокираат факултетите, јавува Јуроњуз Србија, повикувајќи се на Танјуг.
Нешто пред 21 часот почнаа да пристигнуваат ученици од различни делови на Крагуевац.
Први пристигнаа оние на велосипеди, но и учесниците на „штафетниот маратон“ што почна околу пладне пред храмот Свети Сава во Белград.
Недолго потоа во Крагуевац пристигнаа ученици од три правци пеш – од Белград, Ниш, како и групи од Нови Пазар, Рашка, Ужице, Чачак, Краљево и Горњи Милановац.
Во Крагуевац беа пречекани од студенти и граѓани.
Регион
(Видео) Додека има разорни земјотреси на Санторини, возила пливаат во порои на Закинтос и Кефалонија

Во регионот на Јонското Море, kaj грчките острови Кефалонија и Закинтос, од вчера траат тешки временски услови кои предизвикуваат поплави, одрони и заробени граѓани. Најлошо влијание на лошото време има на Кефалонија, која моментално е во центарот на временските феномени.
Грчкиот број за итни случаи, 112, издаде итно предупредување за областите Кефалонија и Закинтос.
„Предупредување поради опасни временски појави од денеска до следните 24 часа. Ограничете го движењето и следете ги упатствата на надлежните органи“, се вели во пораката.
Граѓаните на Кефалонија со порталот newsit.gr ги споделија своите искуства за тешките часови низ кои поминуваат од вчера, кога обилните врнежи предизвикаа поплави и предизвикаа значителни штети. Особено проблематични беа одроните и карпите кои го блокираа поголемиот дел од патот меѓу Аргостоли и Порос, а најзагрозени беа населбите Каруза и Влачата. Со брза интервенција на вработените во Подрачната единица Кефалонија, сообраќајот делумно е обновен.
View this post on Instagram
Невремето сериозно ги оштети патиштата на релација Порос – Скала, особено мостот на раскрсницата Венетико во Трапезаки, како и областите Ператата, Калигата – Домата и Омала на патот Фагија. Во Ператати, во областа на манастирот Агиос Андреас Милапидија, обилните врнежи предизвикаа излевање на поток, што доведе до сериозни оштетувања. Пожарникарите се повикани да испумпуваат вода од домовите и другите објекти во погодените области.