Регион
Грција со ограничувања за лицата над 60 години што не примиле трета доза

На сите граѓани над 60 години во Грција, кои не примиле трета доза вакцина против Ковид-19, ќе им биде забранет влезот во затворени простории почнувајќи од понеделник. Ова се однесува на лицата што пред седум месеци ја примиле втората доза. Според новите мерки, од февруари се намалува и важноста на потврдата за прележан Ковид-19 од шест на три месеци.
Промените се однесуваат на сите што се наоѓаат на грчка територија и за двете мерки, што значи дека се опфатени и туристите.
Сертификатите за оние над 60 години што примиле втора доза вакцина пред седум месеци или повеќе, но не зеле трета доза, автоматски ќе истекуваат. Ќе се воведе забрана за јадење во затворени простории, забава и за спортување. Ќе им треба брз тест за пазарење, но и за и патување со авион, брод или воз.
Станува збор за мерка што погодува најмалку 150.000 лица постари од 60 години што не примиле трета доза во последните седум месеци по втората, соопшти грчкото Министерство за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Курти нападнат од Албанците: „Нè предаде!“

Опозицијата во Косово е незадоволна од постигнатото во Охрид. Средбата меѓу Курти и Вучиќ предизвика реакции во Приштина.
Во Охрид беше постигнат договор за имплементација на договорениот прв дел од договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, рече дека партиите се обврзале да ги почитуваат сите членки и да ги спроведат своите обврски експедитивно и со добра волја.
Приштина, меѓу другото, се обврза веднаш да почне со имплементација на членот 7, кој се однесува на самоуправување на Србите, а спроведувањето на договорот е поединечно вклучено како обврска во преговарачките поглавја за пристапување во ЕУ и за Србија и за Косово.
Албанците му скокнаа на Курти поради овој договор. Иако нема барање за референдум и избори, се најавуваат протести и се бара негова оставка. На опозицијата најмногу ѝ пречи немањето меѓусебно признавање во Охрид, а дополнително, Косово презеде обврска веднаш, како што толкуваат, да формира ЗСО.
Со ист тон и пратеничката на движењето „Самоопределување“, Фитора Пацоли, доцна синоќа изјави дека самоуправувањето не е ниту „заедница ниту здружение, а ниту самоуправа ниту автономија“.
Претседателот на Социјалдемократската партија, Дардан Молиќај, најави дека неговата партија на 25 март ќе организира протест, на кој ќе побара оставка од премиерот на Косово, Албин Курти, поради постигнатиот договор во Охрид.
Регион
Борел: Договорот од Охрид ќе биде составен дел на европскиот пат меѓу Србија и Косово

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Јозеп Борел денеска изјави дека постигнатиот договор во Охрид ќе биде составен дел од европскиот пат на Србија и Косово.
„По долги разговори од 12 часа, успеавме да најдеме договор кој ќе биде составен дел од европскиот пат на Косово и Србија“, рече Борел при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што се одржува денеска во Брисел.
Тој додаде дека документот ќе биде дел од преговарачките поглавја на Унијата со Србија, како и дека ќе биде дел од условите што треба да ги исполни Приштина.
Регион
Се преврте чамец во Дунав, се трага по тројца мажи

Три лица се исчезнати во водите на Дунав во Белград, откако во саботата се превртел чамец со четворица мажи.
Според информациите, едниот од нив успеал да исплива и бил веднаш пренесен во болница, додека за другите тројца започната е потрага која се уште трае.
Несреќата се случила во саботата вечерта на Ада Хуја под Панчевачки мост во Белград. Началникот на Полициската станица за безбедност на реките за РТС изјави дека во потрагата се вклучени повеќе служби.
Тој откри дека е пронајден еден појас за спасување, но се уште се проверува дали има врска со исчезнатите.
Како што пишуваат српските медиуми, исчезнатите мажи се во доцните триесетти години.