Регион
Дачиќ во Москва: Србија не прифаќа наметнати решенија за Косово и Метохија

Србија е конструктивна во дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ и сака компромис што ќе донесе мир и стабилност на долг рок, рече денеска во Москва претседателот на парламентот, Ивица Дачиќ, додавајќи дека Србија не прифаќа наметнати и еднострани решенија.
„Тие ни велат – откажете се од Косово и Метохија и патот кон ЕУ е отворен за вас. Тоа не го кажуваат партнерите еден на друг. Ние сакаме да влеземе во Унијата, работиме напорно на тоа и таа цел не ја менуваме, но ние не прифаќаме на тој пат пред нас да бидат поставени пречки што никогаш претходно не биле поставени пред никого, ниту пак може да се очекува такво нешто како признавање на незаконското отцепување од која било суверена држава“, рече Дачиќ.
Слично е и со санкциите насочени против Русија, рече Дачиќ обраќајќи им се на пратениците на Државната дума.
Тој рече дека Србија нема да воведе санкции кон Русија, наведувајќи дека и самата Србија била изложена на истиот механизам на притисок и многу добро знае колку тоа е неправедно.
“Русија е еден од најголемите економски партнери на Србија. Не постои економска гранка во која не бележиме огромен раст, почнувајќи од енергетика, патна и железничка инфраструктура, земјоделско производство, хемиска и дрвна индустрија”, тврди Дачиќ.
Според него постои уште простор што мора да се искористи во областа на економијата, пред се во заедничките аранжмани во високотехнолошките проекти.
Одиме во таа насока дури и кога станува збор за соработка во областа на медицинските науки. Дали има подобар пример за тоа од фактот дека Србија е првата земја во Европа што ја произведува вакцината „спутник В“ со одобрение од вашиот „ „Институт Гамалеја“, кој ја разви оваа одлична вакцина?“, запраша Дачиќ.
Тој потсети дека Србија е во самиот врв на Европа и светот според процентот на вакцинирано население, поради што се очекува наскоро да заврши и борбата против пандемијата.
Претседателот на Собранието на Србија исто така рече дека Русија е еден од столбовите на поддршката на Србија во современиот свет и дека тоа нема да се промени.
Дачиќ посочи дека Србија и Русија денес се многу повеќе од традиционални, историски пријатели и сојузници.
„Русија, исто како и Србија, е цврсто на мислење дека Косово и Метохија е неотуѓив дел од Србија и тоа е еден од нашите најважни политички столбови во борбата за нашите интереси на меѓународната сцена со децении“, додаде Дачиќ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Знаевме дека снајперистот е за мене, ама надлежните служби си ја завршија работата

„Знаеме дека ја кажуваше вистината затоа што луѓето забораваат, тој сега не е криминалец што може да лаже нешто за себе. Не смее да лаже, тој е обвинет соучесник. Тоа е единствената причина“.
Вака српскиот претседател Александар Вучиќ го коментира вчерашното сведочење на соработникот на обвинетиот Срѓан Лалиќ, кој на судењето на озлогласениот клан на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ изнесе тврдења во кои изјави дека Беливук и Миљковиќ му кажале дека Звицер обезбедил 5 милиони евра, а рече дека ќе има уште „колку и да е за убиството на српскиот претседател Александар Вучиќ“.
„Сите други смее да лажат и да кажуваат што сакаат, а тој е единствениот што не смее да лаже бидејќи, ако се согласи, ја губи можноста за соработка и договорот што го постигна со Обвинителството. И постигна договор да одлежи 18 години и вака ќе треба да лаже, не е старец, уште 45, 50 или 60 години. Се спасува кажувајќи ја вистината“, вели Вучиќ.
Друга работа, вели тој, е што ги урива сите лаги и невистини што некои ги кажуваа претходните години, а не само тоа.
„Ова покажува каква кампања и криминализација на власта се вршеше цело време, а колку невистини имаше. Што се однесува до мене, знаев дека е тој ден, знаевме и дека снајперистот е за мене, не беше тајна, а надлежните служби си ја завршија работата за разлика од тие што не го направија тоа во 2003 година“, рече Вучиќ.
Како што додава, интересна е уште една работа.
„Рече дека имало многу инволвирани од српските служби, а уште многу од црногорската АМБ и од нашите служби и Обвинителството ќе мора многу да се занимава со тоа“, изјави тој.
Регион
Маж од Малезија скокнал од Стариот мост во Мостар и не испливал

Синоќа, малезиски државјанин скокнал од Стариот мост во Мостар и не испливал. За ова била известена полицијата во Мостар, потврди Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, пренесува „Кликс“.
Портпаролот на МУП на ХНК, Људевит Мариќ, за Klix.ba вели дека полицајците веднаш по пријавата излегле на терен.
На местото на настанот дознале дека е малезиски државјанин, но не нашле никакви документи.
Од таму објаснуваат дека било ноќ и условите не дозволувале потрага, но дека денеска таа ќе може да се спроведе.
Регион
Турска воена база ракетирана во северен Ирак

Турската воена база Зилкан во областа Ниневија во северен Ирак денеска била погодена со ракети, соопштија претставници на полуавтономниот курдски регион во северен Ирак.
Според соопштението на антитерористичкиот оддел на курдскиот регион во Ирак, врз базата Зилкан биле лансирани најмалку осум проектили, од кои два ја погодиле целта, пренесува АП.
Одговорноста за нападот ја презеде Бригадата на исламскиот отпор – Ахрар ал-Ирак, организација која е составен дел на шиитските милиции поддржани од Иран.
Претставник на турското Министерство за одбрана, кој даде изјава под услов да остане анонимен, рече дека во нападот на базата Зилкан нема жртви или штети.
Од 2019 година Турција спроведува воени операции во северен Ирак, каде што се бори против Курдистанската работничка партија (ПКК), која има упориште во овој регион. Анкара изгради неколку воени бази на северот на Ирак, што предизвика големо незадоволство кај официјален Багдад, кој ги смета овие бази за незаконски.