Регион
Дачиќ: Полицијата не искористи ништо незаконски на протестот во саботата

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека Обвинителството ги истражува наводите дека на протестот на 15 март бил употребен звучен топ и нагласи дека полицијата не употребила ништо што е незаконско средство.
„Како човек што раководи со Министерството за внатрешни работи, можам да кажам дека несомнено е оти ние не користиме никакви незаконски средства, така што тоа е почетната точка на приказната што се однесува до нас, а сте слушнале дека и други државни органи го кажале приближно истото, дека српската полиција никогаш во историјата не користела таков тип на средства.
Што се однесува до звукот, нашата полиција има само уреди што се користат за погласни соопштенија на повици или предупредувања бидејќи, според законот, треба да предупредите некого пред да интервенирате кога станува збор за поголеми собири, тоа значи нешто како можеби погласен мегафон“, изјави тој за ТВ „Прва“. Додаде дека дури и тоа не било користено.
Дачиќ рече дека полицијата потоа соработувала со чуварите од Студентската блокада. Тој истакна дека никој од полицајците на терен не забележал ништо што се случило, освен она што подоцна беше соопштено, а кое е поврзано со наводна употреба на звучен топ.
„Имаше одредени дојави дека има луѓе со ножеви, пиштоли, дека е испукан топ, поради што луѓето во одреден момент се нервозни, но подоцна се смири. И тука полицијата ништо не забележала ниту, пак, снимила нешто што би покажало дека имало некој удар.
Од таа страна, уште еднаш ќе повторам дека немаме причина ништо да криеме“, рече Дачиќ.
Тој оцени дека проблемите треба да се решаваат со дијалог, дека е победа што сè заврши мирно во саботата и дека понатамошните чекори не зависат само од едната страна и дека сите заедно треба да видиме што ќе биде понатаму бидејќи, како што заклучи, блокадата на Србија не е решение, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ оди во Русија на прославата на Денот на победата, ќе се сретне со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека на 9 мај ќе отпатува за Москва, каде ќе присуствува на парадата за Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолија.
При гостувањето на ТВ Пинк, Вучиќ изјави дека „со гордост ќе ја претставува Србија“ на обележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Пред осум месеци реков дека ќе одам во Москва. Ќе одам во Москва“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека најверојатно сам ќе отпатува во руската престолнина и дека поради тоа „ќе ги прими сите удари на светот, и однадвор и од внатре“.
„Не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената. Сакам тој да има можност правилно да соработува со Европската унија и никој да не го обвинува за ништо. Тешко дека армијата ќе оди, бидејќи би била изложена на притисоци и санкции“, рече Вучиќ.
Тој најави дека со рускиот претседател ќе разговара за новиот гасен аранжман, како и за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е загрозена од американските санкции поради рускиот сопственички удел.
„Мораме да го потпишеме договорот за гас до 30 мај. Мора да го решиме прашањето за нафтената компанија. Мора да разговараме и за сите други теми“, рече Вучиќ.
Тој ја најави и посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Белград на крајот на април и изрази надеж дека ќе има можност да разговара со претставници на Републиканската партија и американското раководство пред да замине за Москва.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Регион
Пленковиќ: Моето семејство е длабоко трогнато од фактот што се сретнавме со папата во неговите последни часови

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ упати сочувство по повод смртта на светиот отец Франциско до кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска црква.
„Во името на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам длабоко и искрено сочувство за смртта на Светиот Отец Франциско, чиј животен и духовен пат оставија неизбришлива трага во современиот свет.
Хрватскиот народ, кој чувствува блискост и длабока почит кон папата Франциско од самиот почеток на неговиот понтификат, денес жали за загубата на човекот со вера, едноставност, понизност и сила.
Тој остави длабока трага не само на Католичката црква, туку и на меѓународната заедница. Неговиот постојан повик за солидарност, милост и блискост со исклучените, заборавените, сиромашните и болните инспирираше и поттикна милиони луѓе ширум светот на акција.
Имав особена чест да се сретнам лично со Светиот Отец вчера на Велигден, во Неговите последни часови, заедно со мојата сопруга и нашите три деца. Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување.
Република Хрватска и хрватските верници остануваат благодарни за сè што беше и направи папата Франциско – за Црквата, за светот и за секој од нас“, напиша Пленковиќ.