Регион
Додик за пресудата за Станишиќ и Симатовиќ: Сила, ароганција и неправда

Дел од Бошњаците и српските политичари во БиХ во врска со пресудата против поранешните водачи на српската Служба за државна безбедност, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, го повикаа Белград да ја признае одговорноста за воените злосторства, а други тврдеа дека таа беше повеќе од неправедна.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, во изјава за новинарите рече дека е јасно оти пресудата со која Станишиќ и Симатовиќ беа осудени по 15 години затвор е последната потврда дека Србија е вмешана во злосторствата извршени од разни српски сили во Босна и Херцеговина за време на војната од 1992 до 1995 година.
Тој најави дека ќе инсистира да се почитуваат пресудите на највисоките судови на ОН, со кои се потврдува геноцидот врз Бошњаците и да се почитува фактот што соседните земји се обиделе да ја поделат БиХ преку војна.
Меѓународната заедница и БиХ, како што рече, сега имаат обврска да побараат ревизија на учебниците по историја со цел во нив да се вградат пресудите на судовите на ОН, како и гонење на сите оние што ги величат воените злосторници и казнувањето на сите преостанати извршители на воени злосторства, кои сè уште не се кривично гонети.
„Сметаме дека и по изрекувањето на денешната пресуда, политичарите од соседните земји, како и некои од Босна и Херцеговина, мора да сфатат дека политиката на агресија и геноцид не се исплати“, рече Беќировиќ.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, речиси во исто време очекувано се обиде да ја минимизира важноста на казната изречена против Станишиќ и Симатовиќ опишувајќи ја како само уште една во низата антисрпски пресуди.
„Сила, ароганција, неправда“, им рече Додик на новинарите во Бања Лука, каде што беше во друштво на рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухова, тврдејќи дека МИКТ нема докази против Станишиќ и Симатовиќ.
Во средата жалбената комисија во Хаг им ги зголеми затворските казни на поранешните шефови на Службата за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Френки Симатовиќ, од 12 на 15 години, за кривични дела извршени од српските сили на територијата на поранешна Југославија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Лукашенко испрати писмо со поддршка до Додик

„Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се грижи за својата татковина и народ и ги штити националните интереси и покрај надворешните притисоци“, се вели во писмото на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, до претседателот на РС.
Лукашенко му изрази искрена благодарност на Додик за топлите и срдечни зборови што претседателот на РС му ги упатил по повод неговиот роденден.
„Многу сум задоволен што ги слушам тие зборови од човек што се грижи и за својата татковина и народ и ги штити националните интереси, без оглед на разните невидени надворешни притисоци“, рекол Лукашенко, пренесува „Срна“.
Лукашенко истакна дека целосно го дели мислењето на Додик за неопходноста од натамошен развој на билатералните односи, како и за постигнување повисоко ниво на квалитет на односите меѓу РС и Белорусија.
Белорускиот претседател ја потврди подготвеноста на Минск да помогне на сите начини.
„Со задоволство се сеќавам на нашата средба и отворен конструктивен дијалог. Задоволство ми е што повторно ќе ве угостиме, почит кон вас“, додал Лукашенко во писмото.
Регион
Жена во Младеновац го претепала својот зет, па ги изгребала и ги гризнала полицајците кога дошле да ја приведат

Полицијата во Младеновац ја уапси Ј. В., која вчера во Младеновац под дејство на алкохол го претепала својот зет З. М.
Таа при приведувањето изгребала и гризнала еден полицаец за раката, а друг за дланката.
Сите повредени мажи се примени во Здравствениот дом во Младеновац, каде што им се констатирани полесни физички повреди.
На Ј. В. за семејно насилство и напад врз службено лице одреден ѝ е полициски притвор до 48 часа.
Истрагата ја води Основното јавно обвинителство Младеновац.
Регион
Ослободени четворица Срби осомничени за вооружен конфликт во Бањска

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека во вторник ослободило четворица осомничени за случајот во Бањска во Звечан бидејќи според нив немало доволно докази за нивната вмешаност во случајот, објави приштинска „Коха“.
Како што соопштија од Обвинителството, осомничените се уапсени далеку од местото на настанот.
„Ве информираме дека четирите лица, кои беа уапсени за време на акцијата на косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан, далеку од местото на настанот, вчера беа ослободени од Специјалното обвинителство на Република Косово во отсуство на докази од косовската полиција“, соопшти во средата Обвинителството, пренесува „Коха“.
Косовската полиција уапси осум лица во врска со вооружениот напад што се случи во неделата во Бањска во Звечан, каде што беше убиен наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку.