Регион
Ердоган ги спореди израелските напади во Газа со геноцидот во Сребреница
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска по разговорот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека Израел ќе одговара за злосторствата во Газа, споредувајќи ги со геноцидот во Сребреница.
„За жал, денес во Газа и на окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен пред очите на целиот свет во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Ердоган, кој денеска го прими Беќировиќ во Истанбул.
Тој додаде дека Израел ќе биде кривично гонет за убиствата на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучително и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен на Западниот Брег минатата недела.
„Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција ја спонзорирала Резолуцијата на ОН за осуда на геноцидот во Сребреница и дека таа земја се залага за стабилноста на Босна и Херцеговина. Тој ги повика властите во БиХ да се приклучат во борбата против движењето ФЕТО, сметајќи дека таа организација е терористичка.
Фето е движење на Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, а сега противник на претседателот Ердоган, кого го смета за виновен за обидот за воен удар во јули 2016 година. Беќировиќ рече дека пријателството меѓу Босна и Херцеговина и Турција е нераскинливо.
„Република Турција е докажан пријател на Босна и Херцеговина и една од најсилните членки на НАТО алијансата и затоа, меѓу другото, нејзината поддршка за Босна и Херцеговина е исклучително важна“, нагласи Беќировиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Амра од Јабланица го спасила синот од поплавите во БиХ: „Го ставив на компресорот и пливав“
„Добив повик од Амра велејќи: Гаро, помош Гаро, помош, водата е до плафон“, раскажува пожарникарот Един Дрежњак, кој интервенираше во Јабланица и учествуваше во спасувањето на имамот Семиро Јахиќ и неговото семејство.
Го зедовме гумениот брод на раменици и го носевме четири километри по пругата“, изјави тој за ТРТ Балкан. „Водата дојде до покривот. Не видов никого, ме фати паника. Не знаев дали се живи“, додал тој.
Тој рече дека ситуацијата е исклучително тешка бидејќи водата повеќе не била само вода, туку мешавина од кал, дрвја и отпад.
„Таму беше невозможно да се плива, едвај се пробивавме со чамец“.
„И се јавив на мајка ми и и велам – мамо, треба да искочиме за 10 минути, нема помош за нас“, раскажува Амра Јахиќ, која скокнала од куќата и пливала со својот четиригодишен син.
„Во тој момент, претпоставувам дека го испратил милиот Бог, се појави тој компресор кој се уште се гледа на покривот на џамијата“, додаде нејзиниот сопруг Семир.
Амра го ставила синот на компресорот, но момчето паднало во вода. „Со едната рака го држев детето, а со другата компресорот“, раскажа таа.
„Размислував, ако го изгубам моето дете, за мене живот нема. Не можам да гледам како го губам своето дете“, рече таа.
„Сите се обидовме да го извлечеме детето. Не само јас, сите ние“, додаде Амра.
Тие биле спасени околу 6:15 часот.
„Тогаш членовите на планинската спасувачка служба не евакуираа на безбедна површина“, се сеќава Семир.
Регион
Дино Бегиќ ја загуби бремената сопруга Ајла во катастрофалните поплави во БиХ: „Ќерката виде се“
Областа на Јабланица, Фојница, Кисељак, Крешево беше зафатена од страшни поплави во кои животот го загубија повеќе луѓе, а по некои се уште се трага. Трагедија ги погоди Дино Бегиќ и неговото семејство кога неговата бремена сопруга загина во поплава.
Иако потресен, тој за босански „Аваз“ раскажа што се случило таа кобна ноќ.
„Татко ми и јас излеговме околу полноќ да го исчистиме просторот за да не ни се поплави куќата, бидејќи нормално се создаваат потоци при силен дожд. Се боревме со поројот час или два, а потоа влеговме во куќата“, ја започнува својата приказна Бегиќ.
Вели дека влегле бидејќи дождот малку се смирил, но повторно излегле да продолжат да чистат.
„Во одреден момент слушнав удари од големи камења или што и да беше. Му реков на татко ми да се засолни под големата гаража, жената и ќерката нека останат во куќата мислејќи дека таму ништо нема да им се случи“, вели Бегиќ.
Снемало струја, вели, ѕидовите паѓале, се наоколу паѓало и му рекол на татко му дека е готово.
„Не знам, добро, не ги ни видов кога истрчаа, сепак таа го зеде детето и се обиде да побегне. Дрвото падна врз неа и ја згмечи. Ќерка ми беше спасена, а само Господ знае како“, рече Бегиќ.
Неговата сопруга, 28-годишната Ајла била бремена, а во декември требало да добијат уште една ќерка. Нивната 5-годишна ќерка Далал за чудо преживеала.
„Претпоставувам дека е добро. Се се случи на метар од неа, виде се. Ништо не прашува, знае што се случило, но не прашува“, изјави Бегиќ.
Моментално престојуваат кај неговата тетка, која ги чува бидејќи од нивната куќа не останало ништо, како што вели, сè е срамнето.
Регион
Брод со четири лица се преврте на реката Уна во БиХ, две лица испливаа
Денеска околу 7:15 часот полицијата во Сисак добила пријава од граничната полиција на БиХ дека чамец со четири лица се превртел на територијата на Босна и Херцеговина кај градот Вриоци.
Две лица допливале до брегот на Уна на територијата на Босна и Херцеговина, а потрагата по две лица се уште трае.
На местото на настанот излегле припадници на ХГСС со пловен објект, кои со помош на полицијата интензивно трагаат по исчезнати лица.