Регион
Забележана зголемена вулканска активност на популарниот грчки остров Санторини

Вулканската активност е зголемена на популарниот туристички остров Санторини во Грција.
Зголемената вулканска активност во грчкото туристичко жариште Санторини го натера министерот за цивилна заштита да свика состанок со локалните власти и службите за одговор при катастрофи.
Министерството за климатски кризи и цивилна заштита објави дека сензорите откриле блага сеизмичко-вулканска активност во кратерот на вулканот Санторини. Слична активност на тој простор имаше и во 2011 година, која траеше 14 месеци и заврши без никакви проблеми.
Научниците што го надгледуваат грчкиот вулкански лак, кој се протега од Пелопонез во јужна Грција преку островите Киклади, забележале зголемување на активноста на централната линија на раседот во северниот дел на кратерот на вулканот Санторини, се вели во соопштението, пренесе „Бета-АП“.
„Според научниците, врз основа на моментно достапните податоци нема причина за посебна загриженост“, нагласуваат од Министерството.
Островот Санторини е една од најпопуларните туристички дестинации во Грција привлекувајќи посетители од целиот свет со своите варосани куќи покрај работ на карпата на поплавениот вулкански кратер, кој сега е море.
Тоа беше место на една од најголемите вулкански ерупции во историјата на човештвото, во бронзената доба, околу 1620 година пр. н.е., уништувајќи голем дел од островот и давајќи му ја на Санторини сегашната форма.
Иако сè уште е активен, вулканот на Санторини ја имаше својата последна значајна ерупција во 1950 година.
„Вулканот на Санторини произведува многу големи експлозии на секои 20.000 години“, изјави Ефтимиос Лекас, сеизмолог и шеф на Научниот комитет за следење на грчкиот вулкански лак, за грчката државна телевизија ЕРТ во четвртокот. „Поминаа 3.000 години од последната експлозија, така што имаме многу време пред да се соочиме со голема експлозија“, вели тој.
Лекас рече дека вулканската активност се зголемува и намалува и може да предизвика мали земјотреси: „Вулканот е жив организам“, рече тој додавајќи дека нема да се соочиме со голема експлозија, туку со блага, постепена активност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мајка и очув во Србија малтретирале 7-годишно девојче, гаселе цигари од неа

Маж и жена се уапсени во белградското предградие Палилула под сомнение дека извршиле насилство врз седумгодишно девојче.
„Нова.рс“ јавува дека надлежното обвинителство наредило С. Д. (24) и К. А. (36) да се задржат во притвор поради сомнение дека заедно извршиле семејно насилство. Набргу ќе бидат слушнати, а српските медиуми утринава објавија дека тие се мајка и очув на малтретираното девојче.
Насилството го пријавила мајката, а кога полицијата пристигнала во нивната куќа, го затекнала девојчето во многу лоша психичка и физичка состојба. Таа имала повреди на целото тело, од кои некои наводно биле предизвикани од гасење цигари на кожата.
Родителите се уапсени на самото место, а детето е пренесено на Ургентниот центар во Белград, каде што му биле констатирани тешки физички повреди, по што е пренесено во Заводот за мајка и дете. Истрагата е во тек.
Регион
Ученичка во хрватско училиште се заканувала со масакр, направила список: „Ќе добиеш куршум во челото“

Во Славонија се појави видео на кое се гледа како ученичка од осмо одделение се заканува дека ќе ги убие своите соученици и составува список на ученици, кои биле цел, дознава „24 седам“.
Здравствениот инспекторат на Министерството сѐ уште го разгледува досието на напаѓачот во загрепското училиште.
Ученичката се фотографирала со пиштол, се заканувала на социјалните мрежи, децата ги нарекувала „Непалци“ и се заканувала со крвопролевање. Наводно било иритирана што тој ден некои луѓе ја задевале во автобусот на пат кон училиште.
Училиштето ги известило надлежните, а полицијата обезбедила патрола. Ученичката е привремено суспендирана од настава на седум дена.
Неофицијално, девојчето потекнува од семејство под надзор на Центарот за социјална работа. Училиштето и полицијата сѐ уште немаат официјално соопштение, а во тек е итен состанок на надлежните одделенија.
Регион
Во Софија илјадници луѓе им оддадоа почит на загинатите во Кочани

Неколку илјади луѓе синоќа со едноминутно молчење во центарот на Софија, оддадоа почит кон жртвите од трагедијата во Кочани. Тие се собраа пред Судската палата, пренесе БГНЕС.
Кочани денеска им кажува последно збогум на своите деца кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март. 59 млади луѓе, повеќето на возраст од 14 до 25 години, загинаа во најголемата трагедија во градот.
Најголемиот дел од починатите се од Кочани, а останатите од Чешиново-Облешево, Штип, Скопје… Кочани го обзема целосен молк додека жали за својата изгубена иднина.
Илјадници македонски граѓани од целата земја со мирни собири изразија сочувство за тагата на семејствата.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна во раните утрински часови на 16 март. Загинаа 59 лица, а над 160 се повредени. Најтешко повредените се лекуваат во странство.