Регион
Захарова: Србија отсекогаш била верна на себе и на Русија, Западот никогаш нема да ѝ прости

Колективниот Запад не може да ѝ прости на Србија што во текот на историјата секогаш им била верна на своите принципи и на себе, како и што не се откажала од врските со Русија, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, на редовен брифинг.
На брифингот, на прашањето на новинарската редакција на „РТ Балкан“ како Русија реагира на тоа што српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини Западот за извршување на обоената револуција во Србија, Захарова одговори дека слични факти веќе се забележани во историјата, а што се однесува до конкретни детали, таа изјави дека тоа е сè уште прашање за српскиот лидер, кој единствено располага со информации.
„И Балканот и самата Србија, во која било конфигурација, било да е Србија или Југославија, го иритираа колективниот Запад во врска со неговиот културно-историски идентитет, историската положба, сопствениот став, мирниот поглед на развојот на состојбите на Балканот, Европа и светот во целина“, истакна Захарова.
Таа исто така забележа како Западот се обидува да ја преобликува и промени волјата на гласачите по секои избори, а исто така промовира разни невладини организации и активисти, кои го истакнуваат западниот контекст на интеграцијата на Србија.
„Гледаме како провоцираат луѓе, кои протестираат во сопствената држава борејќи се за своите граѓански права, долеваат масло на огнот, ги провоцираат да преминат од демократски акции на антидржавни акции. Присутни се разни работи“, истакна портпаролката и оваа појава ја карактеризира како универзален клуч на Западот.
Поставена е задача, додаде Захарова, дека Белград со хаосот и горенаведените методи се лишува од слободната волја да се откаже од нормалните, пријателски, историски односи со Русија, да ја предаде Русија, а Москва го забележува сето тоа.
Зборовите за пријателство што се слушаат од двете страни имаат голема вредност, се разбира, затоа што зад нив има и конкретни акции, но тие не се само големи зборови, поради нив страдаат Србите“, оцени таа.
Захарова изјави дека посебните, пријателски односи меѓу две земји и двата народа, Западот ги доживува како коска во грлото.
Таа додаде дека има чувство, врз основа на историски факти, дека колективниот Запад, кој ги поддржуваше нацистите и подоцна им помогна да се скријат, не може да ѝ простат на Србија за нејзината принципиелна позиција во текот на историјата.
„Србија и српскиот народ не станаа олицетворение на таа расна омраза и дехуманизација и како да не може да ѝ го простат тоа. Не може да ѝ простат што во 90-тите години од минатиот век Србите бранеа работи кои им беа суштински важни, што не се откажаа од својата култура, историја и религија“, рече портпаролката.
Според неа, Србија во текот на историјата привлекувала многу луѓе од Западот, кои сакале таму да воспостават свој поредок, а од тоа доаѓа и продолжението на она што се случува и сега.
„Оттука, и монструозниот стремеж и желбата на Западот да ја вовлече Србија во својата прегратка, која секако не е пријателска – пријателите не се однесуваат така, пријателите не изневеруваат така, пријателите не мамат така“, оцени портпаролката и изјави дека оваа желба произлегува од желбата да се користи, како што се справуваат многу други земји.
Според неа, Западот многупати се обидел да ја поттикне Србија на самозалажување и многупати бил блиску да поверува во лажните ветувања на западните земји, но никогаш не успеал.
„Секојпат Србија останува верна на себе“, заклучи таа.
Захарова рече дека Русија е секогаш солидарна со пријателска Србија, со спротивставување на тие надворешни штетни непријателски влијанија, со независност во надворешните и внатрешните работи на земјата и верува дека никој не се сомнева во тоа, пренесува „Спутник“.
Претходно, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во Србија има обид за обоена револуција и дека веќе нема сомнеж во тоа додавајќи дека зад сето тоа стојат странски инструктори од Запад, според медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Познат идентитетот на убиените во БиХ: полицијата насилно влегла во станот каде што ги пронашла телата на мајката и детето

Маж во текот на ноќта ги убил сопругата и 13-годишниот син во Калесија, Босна и Херцеговина, а полицијата трага по него, потврди за Кликс.ба Адмир Арнаутовиќ, портпарол на кантоналното обвинителство во Тузла.
„Кликс“ објави дека убиената е Инела Селимовиќ, која на последните локални избори беше кандидат на партијата Народ и правда (НиП) за Советот на општина Калесија.
„Кликс“ исто така пишува дека осомничен за двојното убиство е Емир Селимовиќ.
Додаваат дека мажот работи како доставувач во супермаркетот во зградата во која живеело семејството.
Не е познато дали е вооружен.
Според неофицијални информации, се сомнева дека Селимовиќ ги убил сопругата и детето со задушување.
„Синоќа, полициски службеници од Управата на полицијата на кантонот Тузла, ПС Калесија, по пријава и одобрение од кантоналниот обвинител и судијата на Општинскиот суд, насилно влегле во стан во Калесија, каде пронашле безживотни тела на жена и дете“, изјави Аднана Спречиќ, портпаролка на полицијата во кантонот Тузла.
Регион
Маж во Босна и Херцеговина ги убил сопругата и 13-годишниот син: во бегство е

Маж во текот на ноќта ги убил сопругата и 13-годишниот син во Калесија, Босна и Херцеговина, а полицијата трага по него, потврди за Кликс.ба Адмир Арнаутовиќ, портпарол на кантоналното обвинителство во Тузла.
Безживотните тела се пронајдени во станбено-деловен објект, а како што неофицијално дознава порталот, мажот и жртвата формално се разведени, но живееле заедно.
„Повеќе детали ќе се знаат подоцна“, изјави Арнаутовиќ.
Регион
Црногорците ги бојкотираа продавниците, го намалија нивниот промет за 30 отсто

Поради бојкотот на продавниците во саботата на 8 февруари, петте најголеми трговски синџири во Црна Гора забележаа пад на прометот од 30,23 отсто во однос на 1 февруари, покажуваат податоците на Даночната управа, јавува Анадолија.
Како што јави црногорската агенција МИНА, продавниците на 8 февруари оствариле промет од 2,96 милиони евра, додека на 1 февруари, кога немало бојкот, прометот изнесувал 4,24 милиони евра.
Податоците на Даночната управа покажуваат дека прометот најмногу паднал во централниот регион на земјата и тоа за 35,86 отсто.
Во северниот регион е забележан пад на прометот за 30,62 отсто, додека во јужниот регион има 21,5 отсто помалку пари во касите на супермаркетите.
За 18,15 отсто помал е бројот на издадени фактури.