Регион
„Зидојче цајтунг“: Вучиќ постојано покажува дека повеќе се грижи за Русија, отколку за ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ помина низ многу политички трансформации, но иако сега се колне во Европската унија, со секој негов потег покажува дека не следи таква политика и дека сепак многу повеќе се грижи за Русија, пишува германски „Зидојче цајтунг“.
Дневникот оценува дека „врската со Русија е една од најсилните константи во животот на Александар Вучиќ, иако во исто време тој тврди дека сака да ја одведе Србија во ЕУ“.
Весникот потсетува дека Вучиќ неодамна во Белград се сретнал со претставникот на чеченскиот претседател Рамзан Кадиров, кој се смета за одговорен за воените злосторства и во Русија и во Украина, и рекол дека „руско-српските односи не можат да бидат уништени под никаков притисок“.
„Педесет и двегодишниот Вучиќ претрпе бројни политички метаморфози – од министер за пропаганда во времето на српскиот автократ Слободан Милошевиќ и упорен националист, до наводен реформски политичар, а сега повторно во неонационалистички популист“, пишува ЗЦ.
Според весникот, Вучиќ повеќе од десет години ја одредува политиката на Србија и владее авторитарно како Виктор Орбан во Унгарија, а во Србија „дури и најголемите скандали ги објавуваат само мал број независни медиуми“.
„Ако Вучиќ навистина сакаше членство во ЕУ, пристапните преговори, кои се одолговлекуваат од 2012 година, веројатно би оделе малку подалеку. Но, во ЕУ, Вучиќ би морал да ја ограничи својата моќ. Како и разговорите со Брисел без резултати, така и разговорите со Косово заглавуваат“, велат оттаму.
Сепак, се наведува дека политиката на Вучиќ се потпира на Русија.
„Таа е поврзана со Србија не само со историјата и религијата, туку и со контролата врз српските рафинерии и компаниите за нафта и гас. До војната во Украина; ЕУ ги држеше двете очи на неа. Сега Вучиќ со месеци е под притисок да се приклучи на санкциите на ЕУ против Москва“, пишува весникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Европската Унија бара oд Босна и Херцеговина да воведе визи за граѓаните на Русија

Европската Унија бара од Босна и Херцеговина како земја кандидат да воведе визи за граѓаните на Русија, потврдија за порталот „Радиосарајево.ба“ од Делегацијата на Европската Унија во Сараево.
Фердинанд Коениг, портпаролот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, истакна дека Делегацијата на ЕУ очекува Босна и Херцеговина да ги почитува надворешната, безбедносната и визната политика на ЕУ.
„Последниот извештај објавен во октомври кажува многу за усогласувањето на надворешната политика“, додава Коениг.
Откако БиХ стана кандидат за членство во Европската Унија, прашањето за усогласување со визната политика на ЕУ доби важност и Делегацијата на ЕУ очекува тоа прашање да се најде на дневен ред.
БиХ има безвизен режим и со Турција, Азербејџан, Бахреин, Кувајт, Катар и со Оман.
Регион
Дачиќ: Ставот на Србија за француско-германскиот предлог е многу јасен и одговорен

Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека официјалниот став на Србија во однос на француско-германскиот предлог за решавање на косовското прашање е многу јасен и одговорен. Вели дека Србија сака дијалогот да продолжи, да учествува во него и дека за сето тоа треба а сде дискутира врз основа на овој план.
Дачиќ, одговарајќи на новинарски прашања во Белград, рече дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јасно кажал кои се црвените линии, односно што е неприфатливо за Србија, а тоа е членството на Косово во Обединетите нации.
„Ова е многу важно затоа што имав можност да ја слушнам оценката во Брисел дека Вучиќ се однесувал конструктивно и одговорно за разлика од Приштина и мислам дека е многу важно да се трудиме да ги зачуваме нашите државни и национални интереси, но и да ја зачуваме Србија од разни закани, уцени, можни санкции и сè што може да ја загрози иднината на граѓаните“, рече Дачиќ.
На прашањето што очекува од денешната посета на европратеникот Владимир Билчик на Србија, Дачиќ потсети дека за време на неговата посета на Брисел оваа недела имал можност да разговара со претставници на Европскиот парламент.
Тој изјави дека денешната посета е една од вообичаените посети на претставници на Европскиот парламент, особено на оние што ја следат состојбата во одредена земја.
„Имаме многу спорни точки со нив и Европскиот парламент е институција чии одлуки не се обврзувачки за европските тела, но во секој случај е многу важно да реагираме на сè што не е точно во нивните извештаи, но без разлика на тоа, мислам дека Србија има свој европски пат“, рече Дачиќ.
Тој денеска во Белград присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот.
Регион
Таткото на Ѓоковиќ по инцидентот: Денешниот натпревар ќе го следам од дома

Срѓан Ѓоковиќ, таткото на Новак, зборуваше за случувањата на Австралија опен.
По средбата на српскиот тенисер и Андреј Рубљов, тој беше фотографиран во друштво на навивачи што имаа руски симболи, а еден од присутните беше облечен во маица со симболот „З“.
Срѓан излезе со соопштение и најави дека вечерашниот натпревар нема да го следи од трибините.
„Тука сум само за да го поддржам мојот син. Немав намера да предизвикувам такви наслови и немири“, најави Срѓан Ѓоковиќ.
„Бев надвор со навивачите на Новак, како и по секој натпревар кога ги славам неговите победи и се фотографирав со нив. Не ми беше намерата да се вклучам во сето ова. Моето семејство помина низ ужасот на војната и сите ние само сакаме мир. Ќе го гледам натпреварот од дома“, додаде тој.
Срѓан Ѓоковиќ на крајот изјави дека се надева на одличен натпревар и дека како и секогаш – ќе го бодри својот син.
Новак ќе игра со Томи Пол в петок од 9.30 часот.