Регион
Колинда за петгодишниот мандат го отплатила станбениот кредит и има 115.000 евра во банка
Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, и нејзиниот сопруг Јаков ги зголемија своите богатства за време на нејзиниот петгодишен мандат, пишува хрватскиот портал „Индекс“.
Крајот на нејзиниот мандат бил многу побогат за нејзиното семејство – бил отплатен кредитот за станот од 105 квадратни метри во Загреб, а нејзиниот сопруг Јаков, кој до 2015 година бил невработен, можел да најде дури две добро платени работни места и да присобере солидна заштеда.
Колинда, пак, на почетокот од својот мандат имала плата од 3.000 евра, а денес има 3.270 евра.

Хрватскиот портал ги анализира средствата на претседателката уште од претходната изборна кампања во 2014 година кога во нејзината имотна карта било официјално наведено дека нејзиното семејство поседува два стана во Загреб и два автомобила. Заштедата на семејството во тоа време изнесувала околу 170.000 евра, а четири месеци подоцна, кога станала претседател, ја пријавила имотната состојба и имала 35.000 евра помалку.
Речиси пет години подоцна, во 2019 година, сликата е сосем поинаква – семејната заштеда изнесува 108.132 евра и има уште една заштеда на име Колинда Грабар-Китаровиќ, која изнесува 115.000 евра, 675 долари и 1.176 евра, а кредитот е целосно отплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
