Регион
Косовска влада: Војската на Србија тргна од три правци кон Косово

Владата на Косово вечерва соопшти дека внимателно и будно ги следи последните случувања во врска со движењето на воените единици на вооружените сили на Србија во правец на линијата кон Косово.
Во соопштението се додава дека движењата на српската војска биле извршени од три различни правци.
„Единиците на Втората бригада на српските вооружени сили се движеа од правец на Рашка кон северната граница на нашата земја, единиците на Третата бригада на вооружените сили на Србија се движеа од подрачјето на Ниш кон североисточната граница на нашата земја, а единиците на четвртата бригада се движеа од подрачјето на Врање кон источната граница на Република Косово“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Како што додаваат, воените единици на српските вооружени сили вчера ги распоредиле своите воени и жандармериски капацитети во 48 напредни оперативни бази, кои се наоѓаат долж линијата со Косово, на неколку километри длабоко во територијата на Србија.
Ова распоредување, како што се вели, вклучува и распоредување на противвоздушни системи и тешка артилерија.
„Многу пати изразивме загриженост за постоењето на овие 48 напредни бази на српската војска и жандармерија и го потенциравме веќе докажаниот факт дека овие бази служат како поддршка за можна воена агресија врз Косово. Владата на Косово е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со оваа сериозна закана од Србија, а реакцијата на САД на ваквиот агресивен пристап на Србија беше итна и директна“, посочуваат од косовската влада.
Тие го повикуваат претседателот Вучиќ и институциите на Србија веднаш да ги повлечат сите воени трупи од граничната линија со Косово и да затворат и демилитаризираат 28 напредни воени бази и 20 бази на жандармеријата кои претставуваат постојана закана.
Во соопштението се нагласува и дека институциите на Косово, во координација со меѓународните партнери, се „порешителни од кога било да го заштитат територијалниот интегритет, да го зачуваат суверенитетот, уставниот поредок, јавниот ред и животот на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.
Регион
Вучиќ: Лавров во Скопје ја кажа вистината кога е Србија во прашање

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје кажал сè вистинито кога е Србија во прашање.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека Лавров зборувал за многу поважни работи за Србија и за српскиот народ од оценката дека Србија нема да отвори ново поглавје во преговорите со Европската унија доколку не воведе санкции кон Русија.
„Во основа, Лавров кажа сè вистинито. Зборуваше и за многу поважни работи за Србија и како функционирала од 2013 година, како ја мамеле нашата земја по Бриселскиот договор за да постигнат нешто што требало да се исполни, а кога тоа не се исполнило, на Србите им кажувале – па ете десет години не е исполнето, па сега ќе добиете дупло помалку од што баравте. Тоа е вистина, тоа се случува“, изјави Вучиќ.
Посочи дека се поставува прашањето што може Србија да промени, за да немаме војни и државата да напредува економски.
„Вистината е дека нашите раце се прилично врзани и ги држиме своите многу подобро отколку што некој би очекувал во однос на зачувување на независноста, суверенитетот, зачувување на границите и донесување одлуки. Но, фактот дека ситуацијата е тешка, сигурно е дека ќе биде и уште потешка, го потврдуваат и одлуките во кои некои сметаат дека би било добро Европската комисија да го вклучи Охридскиот договор како дел од преговарачкото поглавје. “ изјави Вучиќ.
Регион
ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

Европската унија (ЕУ) формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел.
Во нацрт-заклучоците, на кои Радио Слободна Европа умаше увид се вели дека „Советот бара од Комисијата и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“.
Овие заклучоци ќе ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември.
Истите заклучоци потоа ќе ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.
Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.
ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.
Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите.
На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.
Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување затоа што тоа одби да го направи српскиот претседателАлександар Вучиќ.
Според изјавата на високиот претседател на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, договорот се смета за правно обврзувачки за двете страни.
ЕУ веќе најави дека и овој договор ќе биде вклучен во пристапниот процес на Србија, за да се потврди правно обврзувачкиот карактер на тој документ, пишива Радио Слободна Европа.