Регион
Курти: На Косово нема српски општини

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека на Косово нема српски општини и дека договорот за формирање Заедница на српски општини го прекршил претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Има општини каде Србите се мнозинство, но нема албански, српски или турски општини. Општините се општини на граѓаните. Значи, општините немаат национална припадност“, изјави за новинарите Курти, пренесува „Радио Ким“.
Тој додаде дека Уставот на Република Косово не дозволува здружување врз основа на етничка припадност.
„Здружение на општини или разни други организации може да имате само по различна основа, било да е тоа економска, економска, социјална, здравствена или образовна, но не и на етничка основа. 33-те договори што беа потпишани во Брисел пред да дојдам на власт се распоредени хоризонтално, немаат хиерархија. Не можете да кажете дека овој договор е поважен од другите. Сите тие договори се еднакви и тие ќе бидат третирани во нашите преговори, кои во основа го имаат овој последен предлог на Европската Унија, кој доби поддршка особено од Франција, Германија и САД. Значи, сите тие претходни договори се во тој предлог. Сега не можете да земете еден од вашите договори и да кажете дека тоа е единствениот договор што е важен. Има 33 договори“, рече тој.
Косовскиот премиер додаде дека „кога ќе дојде време“ и врз основа на овој предлог од Европската унија „ќе ги разгледа сите тие договори“.
„Нема договор што може да биде предуслов и нема договор што може да влезе во центарот на иден договор. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија мора да има взаемно признавање во центарот“, смета Курти.
Според него, претседателот на Србија „го прекршил својот најценет договор“.
„Не заборавајте дека на 10 декември минатата година тој договор за Заедница на општините беше потпишан на 19 април 2013 година од поранешните премиери Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, а претседателот на Србија го прекрши кога испрати писмо до пет земји од ЕУ кои не го признаваат Косово. Претседателот на Србија потпиша писмо против барањето на Косово за членство во Европската унија. Со тоа го прекрши својот најценет договор, бидејќи во точката 14 од тој договор се вели дека Косово и Србија нема да си создаваат пречки меѓусебно во однос на патот кон европската интеграција“, рече Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Полицијата нуди 100.000 евра за информации за напаѓачите на телевизијата во Тирана

Албанската полиција понуди награда од 100.000 евра за информација што ќе помогне да се идентификуваат сторителите на нападот на ТВ „Топ чанел“.
Во нападот беше убиен вработен во телевизијата.
Ноќта меѓу неделата и понеделникот непознати напаѓачи пукале од автоматско оружје кон зградата на ТВ „Топ чанел“, при што загинал 61-годишен чувар. Возилото на сторителите е снимено од безбедносните камери.
По нападот, сторителите се упатиле во Драч, од каде што дошле, а возилото подоцна било пронајдено запалено на автопатот Драч – Рогожина. Во автомобилот биле пронајдени две автоматски пушки. Албанската пошта наведува дека „ренџ ровер спорт“, што го користеле сторителите, бил украден во јули 2020 година во село кај Љеш, од лице од Косово и Метохија, кое било на одмор.
Регион
Додик за ЛГБТ-заедницата: Имате острови во светот, преместете се таму

Милорад Додик, претседателот на РС, денеска дури им порача на припадниците на ЛГБТ-популацијата да одат на островите.
„На ЛГБТ-активистите ќе им се забрани влез во образовните институции, да не ги пропагираат овие работи, да ги бришат таквите работи од учебниците. Мислам дека тоа ги загадува јавниот простор и општествениот живот и дека треба да се елиминира. Јас сега одлучувам за тоа, можеби утре тие ќе ја преземат власта, па тие нека одлучуваат“, рече Додик.
„Имате места, острови, ова е нашиот начин на живеење, одете таму“, рече Додик.
Регион
Вучиќ: Србија ќе спроведе сè што е договорено, се стремиме кон членство во ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија се стреми кон членство во Европската Унија, дека ќе продолжи со реформите и ќе работи на подобрување на човековите права, како и дека „ќе го спроведе сето она што е договорено“.
По средбата со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, Вучиќ, одговарајќи на прашањето на грчкиот новинар зошто ништо не се променило во последните 20 години на патот на Западен Балкан кон ЕУ, рече дека тој пат не зависи само од Србија, но и на односите во самата Унија.
„Голем дел од она што се очекува од Србија е поврзано со дијалогот со Приштина. Исто така, она што се чини дека секогаш сме го прифаќале со радост се реформите, се гордееме на реформата во судството што ја спроведуваме од јануари минатата година и се надеваме дека во мај Европската комисија ќе го покаже во извештајот. Имаме уште многу да направиме во развојот на демократијата, човековите права и слободи, но познавам некои земји од ЕУ што не се пред нас во ова, напротив“, рече Вучиќ, пренесе „Н1“.
Тој посочи дека европскиот пат на Србија зависи и од разни блокови и интереси во самата ЕУ.
Тој се осврна на фактот дека Србија била обвинета дека сака да ги наруши односите во регионот по наредба на Путин, а кога се покажало дека тоа е лага, никој не се извинил.
Додаде дека Србија сочинува 50 отсто од економиите на Западен Балкан и дека оваа разлика ќе биде поголема, а освен тоа, Србија верува дека може да помогне во својот сериозен пристап кон европските прашања, притоа почитувајќи ја повелбата на ОН.
„Тоа што кажавме дека ќе го спроведеме – ќе го направиме, ѝ кажав и на претседателката на Грција што е подготвена Србија да направи, а што не е, не го криевме тоа од никого, а европските претставници знаат дека зборот на Србија е многу поважен од туѓиот збор или, се осмелувам да кажам, нечиј потпис“, рече претседателот на Србија.
Тој посочи дека целта е да се забрза европскиот пат, да се продолжи со привлекување инвестиции и да се намали разликата во однос на развиените земји.
Сепак, како што додаде, тој е загрижен за ситуацијата во светот, која Ноам Чомски ја карактеризира како „никој не може рационално да разговара за решението на проблемот“, но дека, како што наведе, „тој е мал лидер на мала земја“ и се надева дека „големите луѓе“ подобро ќе знаат како да ја проценат и решат ситуацијата.