Регион
Курти: Триесет вооружени лица продолжуваат со нападите врз косовската полиција

Косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека продолжуваат нападите врз косовската полиција, како и дека во нив учествуваат 30 вооружени лица.
„Како што многупати кажав, нападите врз косовската полиција продолжуваат, има најмалку 30 тешко вооружени луѓе, војска и полиција, кои се опколени од косовската полиција и кои ги повикувам да се предадат на нашите сили“, рече Курти на вонредна прес-конференција, пренесе „Еуроњуз“.
Тој го обвини официјален Белград дека ги финансира и раководи со нападите.
„Нашите полицајци, откако беа попречени на патот, беа нападнати со различно оружје, вклучително и рачни бомби. Денеска е тежок ден за нашата земја. Го осудуваме овој терористички напад. Злосторството е финансирано од официјален Белград. Ние го штитиме и спроведуваме законот и независно Косово“, додаде Курти.
Тој рече и дека сторителите и поттикнувачите на нападот ќе бидат фатени и казнети.
„Ги повикувам граѓаните да останат смирени и да покажат разумност дозволувајќи им на институциите да си ја вршат работата“, додаде тој.
Претходно беше објавено дека еден косовски полицаец бил убиен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шпанците запленија еден тон кокаин што дошол од Балканот: „Овој картел е најактивен во Европа“

Шпанската национална полиција во заедничка акција со царинските службеници во јужното пристаниште Алгесирас заплени речиси еден тон кокаин скриен во контејнери доставени од Јужна Америка, а дрогата припаѓала на балканскиот картел, објави полицијата на својата веб-страница.
„Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво“, се наведува во соопштението.
Полицијата тврди дека групи од Латинска Америка испраќаат кокаин скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со брод во шпанските пристаништа. Акцијата почна по дојава за пристигнување на контејнер со „значително количество кокаин“ во Алгесирас, едно од најголемите пристаништа во Шпанија, во провинцијата Андалузија.
Агентите кои подолго време ги истражуваат активностите на балканскиот картел имале и информации дека и оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин. Истовремено, од Колумбија добиле предупредување дека брод од Еквадор, кој се закотвува во Колумбија, има намера да транспортира кокаин до пристаниште во Шпанија.
Агентите го идентификувале бројот на бродот, а кога тој запловил во Алгесирас, истражителите ги отвориле контејнерите и пронашле 415 килограми од дрогата. Врз основа на новите информации дознале дека во Алгесирас пристигнува уште еден контејнер со дрога, па во него пронашле дополнителни 500 килограми кокаин, се наведува во соопштението.
„Тешкотијата во истрагата за членовите на овие организации лежи во нивната мобилност. Тие се способни да патуваат илјадници километри за да одржат состанок“, извести шпанската полиција.
„Истрагата продолжува со цел да се идентификуваат сите членови на мрежата и да се уапсат“, се додава.
Засега не се знае дали некој е уапсен при откривањето на контејнерот со кокаин. Портпаролката на полицијата не се јавила на телефон во неделата наутро.
Регион
Нов земјотрес во Србија: „Мајка ми го држеше телевизорот да не падне“

Републичкиот сеизмолошки завод објави дека денеска во 9 часот и 47 минути е регистриран земјотрес во околината на Крагуевац.
Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала.
Според очевидци, земјотресот го почувствувале жителите на Јагодина, Пожаревац, Крагуевац, Свилајнaц, па дури и во Белград, пишува „Блиц“.
„Се почувствуваа два кратки удари по ред“, вели жител на Петровац на Млави.
„Креветот се нишаше само малку, неколку секунди“, „Слабо тресење на кратко траење!“
„Овој земјотрес ме разбуди, мама го држеше телевизорот да не падне“, вели друг жител на Петровац на Млави.
„Се нишаше лустерот“ – вели белграѓанка.
И вчера имаше земјотрес во Србија, со јачина од 3,2 степени.
Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.