Регион
Лондон тврди дека имало руски заговор за убиство на Ѓукановиќ
Русија планирала да ги убие поранешниот црногорски премиер Мили Ѓукановиќ и да ја собори неговата влада минатата 2016 година, пишува британскиот весник The Daily Telegraph, повикувајќи се на извор во владата на Велика Британија.
Во прилогот што во неделата го пренесе црногорскиот јавен сервис РТЦГ, се наведува дека државниот удар на денот на парламентарните избори кога било наводно планирано заземање на зградата на Скупштината (црногорскиот парламент) и убиството на деценискиот челник на Црна Гора уште од периодот на Слободан Милошевиќ, кој последните години се претставува како прозападно ориентиран, а сето тоа според изворот на британскиот весник го воделе руски разузнавачи со „благослов“ на Москва, за да се саботирал планот за членството на Црна Гора во НАТО.
Главните раздори во Црна Гора се по тоа што владејачкото мнозинство, прозападно ориентирано инсистира ратификувањето на одлуката земјата да влезе во НАТО треба да се води во парламентот, додека просрпската, или проруска опозиција, бара за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум.
Натаму The Daily Telegraph наведува дека планот бил спречен само неколку часовите пред да биде спроведен на дело, а требало да предизвика крвопролевање и земјата да ја воведе во безредија во пресрет на нејзиното зачленување во НАТО.
Како еден од наводните аргументи се наведува дека додека тоа се случувало русиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини НАОТ дека е „институција на Студената војна“, чие проширување кон истокот последните 30 години води кон тензии без преседан во Европа.
„Обидот за државен удар во Црна Гора е планиран за 16-ти октомври минатата година несомнено е пример на растечка агресивна кампања на мешање во работите на Западот“, изјавил за британскиот весник неименуваниот извор од британската влада.
Шефот на британската дипломатија Бориз Џонсон и неговиот американски колега Рекс Тилерсон, според написот, минатата седмица разговарале на својот прв состанок за настаните во Црна Гора. The Daily Telegraph потсетува дека на потерницата на Интерпол се ставени двајца руски државјани, за кои црногорските власти тврдат дека стојат зад планираните напади.
„Тие двајца со месеци ги надгледувале регрутирањата и опремувањата на мала група српски националисти, кои преоблечени како полицајци, требало да ги извршат нападите на зградата на црногорскиот парламент и да го убијат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ“, пишува натаму весникот.
Се наведува дека Кремљ ја негираше секаква својата вмешаност, а црногорскиот обвинител не ги обвинуваше руските власти, туку за сето тоа ги обвини руските националист, како и дека „проруската опозиција“ во Црна Гора тврди дека целиот случај е лажиран.
The Daily Telegraph пишува и дека британските и американските разузнавачки агенции се повикани да им помогнат на властите на Црна Гора да го расветлат целиот случај и собраните податоци, наводно упатувале дека во тоа се вмешани високи руски функционери.
„Телефонски разговори заштитени со шифра, преписки преку електронска пошта и искази на сведоците соработници сега се дел од истрагата во чии рамки е обвинето 21 лице за обид за тероризам и уривање на државниот поредок на Црна Гора“, пишува уште британскиот дневен весник
Министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, за The Daily Telegraph рекол дека „нема сомневање дека сето тоа го организирале и финансирале руски разузнавачки функционери заедно со локални радикални елементи“.
Изворите на британскиот весник рекле дека се’ било планирано наводно така што ќе требало да бидат обвинети одметнати руски агенти и националисти, но доказите покажале дека е незамисливо планот да немал поддршка од високи нивоа.
„Зборувате за заговор да се наруши или собори влада на некој начин. Незамисливо е сето тоа некој да не го одобрил“, рекол уште еден неименуван извор на The Daily Telegraph.
Се наведува дека поединостите од планот се обелоденети откако британскиот министер за одбрана Мајкл фолон предупредил на „промени на потезите“ во мешањето Кремљ во западните земји во текот на минатата 2016 година, Фолон кон крајот на октомври предупреди дека Русија „очигледно ги тестира НАТО и Западот барајќи начини да го прошири своето влијание, дестабилизира држави и да ја ослаби Алијансата“.
Во текстот на The Daily Telegraph се наведува и дека Москва минатата година во повеќе наврати порачала дека Црна Гора треба да се откаже од членството во НАТО и дека Русија сака државата која има 600.000 жители да остане неутрална или во нејзината сфера на влијание, а и во минатото силно лобирала за пристап на пристаништата на Јадранското Море, пренесува РТЦГ./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија во нов изборен круг: Осми избори за пет години, Радев се смета за фаворит
Бугарите денес излегуваат на осми парламентарни избори во последните пет години, а се очекува коалицијата на поранешниот претседател Румен Радев да победи, поттикната од ветувањата за борба против корупцијата. Најсиромашната членка на Европската Унија е во политичка криза од 2021 година, кога масовните антикорупциски протести ја урнаа конзервативната влада на долгогодишниот лидер Бојко Борисов.
Радев, поранешен генерал на воздухопловството кој се залага за обновување на врските со Русија и ја критикува воената помош за Украина, девет години беше претседател на државата. Во јануари се повлече од функцијата за да ја предводи новоформираната левоцентристичка групација „Прогресивна Бугарија“, а анкетите пред гласањето покажуваат дека блокот би можел да освои околу 35 проценти од гласовите, пишува „Индекс“.
Тој изјави дека сака да ја ослободи земјата од „олигархискиот модел на управување“ и ги поддржа антикорупциските протести кон крајот на 2025 година, кои доведоа до пад на владата поддржана од конзервативците.
Партијата ГЕРБ на Борисов, која ја водеше и последната влада, според анкетите би можела да заврши на второто место со околу 20 проценти од гласовите, пред либералната коалиција ПП-ДБ. Гласачките места беа отворени во 7 часот по локално време, а се затвораат во 20 часот.
„Целта на Радев е Бугарија да има иднина. Дојдовме до точка кога ја доведуваме во прашање самата иднина на сопствената земја“, изјави Лазар Лазаров, 28-годишен професор по филозофија, за АФП на последниот предизборен митинг на Радев во Софија.
„Радев се докажа како претседател и државник. Тој е најприфатлив за ЕУ, САД, Русија, па дури и за Кина“, додаде тој.
Радев остро ја критикува политиката на ЕУ за зелена енергија, која во „свет без правила“ ја смета за наивна, како и напорите на Бугарија да испраќа оружје во Украина, која се бори против руската инвазија од 2022 година, иако нагласи дека нема да користи вето за блокирање на одлуките на Брисел.
Залагајќи се за обновување на врските со Русија, тој го осуди и десетгодишниот одбранбен договор меѓу Софија и Киев, потпишан минатиот месец, што дополнително ги засили обвинувањата на противниците дека е премногу благ кон Москва.
Поранешниот претседател предизвика реакции и кога на митинг прикажуваше фотографии од средби со светски лидери, вклучително и со рускиот претседател Владимир Путин. На социјалните мрежи, проевропските гласачи масовно ги споделуваа тие снимки како доказ дека Радев стои на страната на Кремљ.
На самиот настан, во најголемата затворена арена во Бугарија, неговите поддржувачи го пречекаа со овации, кои тој ги прекина со воена команда „на место одмор!“, предизвикувајќи смеа кај публиката.
„Мораме да ги збиеме редовите“, рече тој пред околу 10.000 поддржувачи, претставувајќи ја својата партија како некорумпирана „алтернатива на перверзниот картел на старите партии“.
Борисов, кој речиси една деценија ја водеше земјата, ги отфрли тврдењата дека Радев носи нешто „ново“. На митинг на својата партија изјави дека ГЕРБ „ги остварил соништата од 1990-тите“, посочувајќи го влезот на земјата во еврозоната како пример.
Радев вети дека по изборите нема да влезе во коалиција со ГЕРБ, ниту со Делјан Пеевски, лидер на ДПС, кој е под санкции од САД и Велика Британија поради корупција. Наместо тоа, рече дека цели кон апсолутно мнозинство во парламентот од 240 пратеници.
Ниската доверба во политиката досега влијаеше на излезноста, која на изборите во 2024 година падна на 39 проценти. Сепак, со оглед на тоа што Радев успеа да мобилизира дел од гласачите, аналитичарката Борјана Димитрова од институтот „Алфа Рисрч“ очекува поголема излезност.
Политичките партии ги повикаа граѓаните да излезат на гласање и со тоа да го намалат влијанието на купувањето гласови. Во последните недели полицијата, во засилени акции, заплени повеќе од еден милион евра и приведе стотици лица, меѓу кои и локални советници и градоначалници.
Регион
Израел ја користи војната за проширување на територијата, смета Турција
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го обвини Израел дека ја користи војната на Блискиот Исток како изговор за проширување на територијата.
„Израел не сака само да ја обезбеди својата безбедност, туку сака уште територија. Владата на Нетанјаху ја користи безбедноста како изговор за окупација“, изјави Фидан на дипломатски форум во Анталија.
Според него, покрај палестинските територии, Израел се обидува да ја прошири својата доминација и кон делови од Либан и Сирија.
„Ова е континуирана окупација и експанзионизам. Ова мора да престане“, рече Фидан.
Тој додаде дека конфликтот на Блискиот Исток ги оттурнал во втор план напорите за решавање на војната меѓу Русија и Украина.
Регион
Почина еден од основачите на бендот „Дивље јагоде“
Еден од основачите на рок-групата „Дивље јагоде“, Нихад Јусуфходжиќ, почина во средата во Бихаќ.
Музичарот имаше 73-години, а во последните неколку месеци се лекувал во Кантоналната болница во Бихаќ. За него претходно биле организирани и акции за дарување крв.
Веста за неговата смрт потресе бројни колеги, а од него се прости и пејачот Анте Јанковиќ.
„Денес ме затекна вест која тешко се прифаќа. Замина мојот пријател Нихад Јусуфходжиќ, човек со кој не делев само сцена, туку и дел од животот низ ‘Дивље јагоде’. Заедно свиревме, се смеевме и минувавме низ сè што музиката и вистинското пријателство можат да донесат. Тие спомени засекогаш ќе останат со мене. Ти благодарам за сè што беше и што остави зад себе. Почивај во мир, пријателу“, напиша Јанковиќ на социјалните мрежи.
Јусуфходжиќ, заедно со Сеад Липовача и Јанковиќ, ја основал групата „Дивље јагоде“, со која учествувал во снимањето на првите четири сингл-плочи и дебитантскиот албум од 1978 година.
