Регион
Македонци, Грци и Срби заедно ги вадеа автомобилите од морето
Во поплавените подрачја во грчките летувалишта денеска туристите го минаа денот така што со заеднички сили со надлежните служби ги вадеа потопените автомобили од морето, пишува „Блиц.рс“.
„Во Метаморфозис луѓето од Србија им помагаа на Грците да ги извлечат своите автомобили, а во Никити прв кој дојде да им помогне на луѓето чијшто автомобил заврши во морето, пред да пристигнат полицијата и пожарникарите, беше човек од Македонија“, наведува сајтот „Грчка инфо“ на својата „Фејсбук“ страна.
Покрај Метаморфозис и Ормос Панагиас, Никити беше најпогоден од вчерашното невреме и тука е причинета најголемата материјална штета, а грчките служби од утрово ги чистеа улиците, плажите, продавниците и куќите.
Голем број локали и продавници работат нормално, а туристите од неколку хотели и вили се евакуирани во други сместувања.
Според моменталните прогнози, доколку врнежите престанат, Никити ќе биде доведен во нормална состојба за најмногу два до три дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Еден од загинатите управувал со едрилицата во моментот на судирот, јавуваат хрватските медиум
Во истрагата за тешката поморска несреќа кај Сплит, во која загинаа четворица чешки државјани, се појавија нови неофицијални информации според кои во моментот на судирот со катамаранот, на кормилото на едрилицата наводно не бил скиперот, туку еден од загинатите патници.
Според хрватските медиуми, полицијата ќе ги испита сите преживеани од едрилицата, како и членовите на екипажот и патниците од катамаранот кои би можеле да имаат информации за околностите на несреќата.
Неофицијално, француски државјани кои се наоѓале на блиска едрилица го снимиле моментот на судирот, а снимката би можела да биде важен доказ во истрагата.
Според досегашните информации, двете пловила се движеле во правец кон Хвар, а едрилицата непосредно пред несреќата наводно го сменила правецот на движење.
Наредени се токсиколошки анализи за скиперот на едрилицата, како и за командантот и првиот офицер на катамаранот. Исто така, ќе биде извршена обдукција на загинатите и дополнителни вештачења за утврдување на причините за несреќата.
Потонатата едрилица, која се наоѓа на длабочина поголема од 50 метри, ќе биде извлечена за детална техничка проверка.
Регион
Вучиќ: Нема да владеам ниту еден ден без легитимитет
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги отфрли шпекулациите во дел од медиумите дека по евентуално поднесување оставка планира да ја преземе функцијата премиер преку реконструкција на Владата.
За време на официјалната посета на Грузија, Вучиќ изјави дека такво сценарио нема да се случи, нагласувајќи дека не се плаши од избори и не сака да владее без легитимитет.
„Веднаш да ви кажам – тоа нема да биде случај. Не се плашам од избори и не сакам да владеам ниту еден ден без легитимитет“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека неговите политички противници и дел од опозициските медиуми се занимаваат со, како што рече, „математички политички инженеринг“ и шпекулации за можни политички сценарија.
„Една од теориите што денес ја пласираа нема да биде така“, изјави Вучиќ, додавајќи дека најважно е што ќе одлучат граѓаните на изборите.
Регион
Извлечено и четвртото тело од потонатата едрилица кај Сплит, следува вадење на пловилото
Надлежните служби во Хрватска продолжуваат со истрагата за тешката поморска несреќа во Сплитските Врата, во која загинаа четворица чешки државјани, додека паралелно се подготвува сложена операција за вадење на потонатата едрилица од морското дно.
Хрватските нуркачи денеска ја пронајдоа олупината на едрилицата на длабочина поголема од 50 метри, а во нејзината кабина било пронајдено и четвртото тело по кое се трагаше. Телото е извлечено, а надлежните институции продолжуваат со собирање докази и утврдување на околностите на несреќата.
Капетанот на Сплитската капетанија, Жељко Куштера, изјави дека вадењето на едрилицата претставува технички сложен зафат кој бара детални подготовки и координација со сите надлежни служби.
Несреќата се случи вчера околу 11:38 часот во Сплитските Врата, меѓу островите Шолта и Брач, кога се судрија катамаранот „Крило Еклипс“ на компанијата „Капетан Лука Крило“ и едрилица под француско знаме на која се наоѓале осум чешки државјани.
По судирот едрилицата потонала. Четири лица го загубија животот, а четворица биле спасени од морето и пренесени во Клиничкиот болнички центар во Сплит. Според досегашните информации, нивната состојба е стабилна и се надвор од животна опасност. Во моментот на несреќата на катамаранот имало 118 патници и седум членови на екипажот.
По несреќата се огласи и компанијата „Капетан Лука Крило“, која изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека активно соработува со надлежните институции во истрагата.
Точните причини за судирот сè уште не се утврдени. Истрага спроведуваат полицијата, државното обвинителство и Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај, а според хрватските медиуми, во постапката би можеле да се вклучат и чешки истражители бидејќи жртвите се чешки државјани.
