Регион
Мал авион слета на автопат во Словенија

Помал авион принудно слетал на автопатот кај Брежје во правец кон Јесеница во Словенија, јавуваат словенечките медиуми.
Како што соопштила полицијата, во авионот имало две лица, кои не се повредени. Од таму додаваат дека е обезбеден делот од патот каде што е извршено принудното слетување.
Според Словенечката служба за безбедност и спасување, околу 14.30 часот добиле дојава дека авионот принудно слетал на автопатот. Според извештаите, авионот при слетувањето удрил во насип и се превртел. Луѓето што биле во авионот успеале сами да излезат од него.
На терен се пожарникари од Крање и Јесенице, како и членови на доброволната противпожарна служба од Радовлица.
Како што беше кажано на аеродромот во Леска, авионот полетал од нивната писта и сѐ било во ред додека не ја изгубиле комуникацијата со него. За време на летот, пилотот се приклучил на фреквенцијата на словенечката служба за контрола на летањето.
Според информациите до кои дошле локалните медиуми, авионот имал проблеми со моторот. Пилотот пријавил дека принудно слетал и тоа го направил на автопатот.
Понатамошната истрага ќе утврди дополнителни детали во врска со овој настан.
Засега е познато дека авионот летал на околу 300 метри надморска височина, на подрачје што не е контролирано од словенечката контрола на летање и каде што претежно летаат спортски авиони.
Сообраќајот на овој дел од автопатот се одвива по една коловозна лента, а метеж е создаден и во правец кон Јесеница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Захарова: Протерувањето на дипломат од Црна Гора – хибридна кампања на Западот

Москва го смета протерувањето на рускиот дипломат од Црна Гора како нова епизода од хибридната кампања што Западот ја започна против Русија, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.
„Тој чин на црногорските власти го доживуваме како уште една епизода од хибридната кампања на Западот и неговите послушници против Русија“, рече Захарова, пренесе ТАСС.
Според неа, Русија овој потег го доживува како неподготвеност и неспособност на официјална Подгорица да се оддалечи од политиката на механичко следење на деструктивната линија на штета на меѓународната безбедност и на сопствените национални интереси.
Захарова посочи дека Москва го задржува правото да преземе мерки во согласност со општо прифатената дипломатска практика.
Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Русија ќе возврати за протерувањето на уште еден руски дипломат од Црна Гора.
Црногорското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека дипломат на руската амбасада во Црна Гора е прогласен за персона нон грата, пренесе РТЦГ.
Во соопштението се прецизира дека рускиот дипломат е прогласен за непожелна личност „поради активности кои се во спротивност со членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи“.
Официјална нота за оваа одлука, во која е наведен рок од седум дена за напуштање на територијата на Црна Гора, е доставена до амбасадорот на Руската Федерација, Владислав Маслеников, се вели во соопштението.
Регион
(Видео) Големо невреме во Далмација, делови од Сплит под вода

Силно невреме зафати делови од соседна Хрватска.
Циклон се движи преку Јадранот, а најголем дел од врнежите во раните попладневни часови ја погодија централна Далмација.
Локално наврнале над 30 литри дожд пренесуваат медиумите.
Првиот силен дожд ова лето го зафати и Сплит. Големите врнежи за кратко време предизвикале порои во дел од градот.
Поројниот дожд на повеќе места го оштетил или го кренал асфалтот.
За возачите е издадено предупредување за внимателност.
Регион
„Стандард“: Полицијата преговара со Ненад Калуѓеровиќ да се предаде

Според неофицијални информации, наводно се водат преговори меѓу Ненад Калуѓеровиќ и полицијата за да се предаде, бидејќи тој го напуштил местото на настанот откако го застрелал Вук Бориуловиќ, напаѓачот од Цетиње, кој уби повеќе лица, меѓу кои и две малолетни деца, пишува црногорски „Стандард“.
За време на реконструкцијата на целиот настан крвавата пресметка траела од околу 45 минути до еден час, додека Бориловиќ убивал едно по едно лице со ловечка карабина.
Според очевидци, на полицијата и требало долго време да почне акција. Во размената на оган полицијата наводно успеала да го рани Бориловиќ, но тој го возвратил нападот, а тешко ранил и еден од полицајците.
Калуѓеровиќ, кој инаку е оженет и бил кум на една од жртвите, убиениот Милан Митровиќ, успеал да се приближи од другата страна каде теренот бил понепристапен и да го погоди веќе ранетиот пукајќи во него, пишува „Стандард“.
Во Кривичниот законик на Црна Гора, во член 10 од тој закон, е наведено дека дејствието извршено во самоодбрана не е кривично дело и дека одбраната е неопходна доколку од сторителот се бара да одбие истовремен или неизбежен незаконски напад од неговиот имот или имотот на друг.
Во овој член се додава дека сторителот кој ги надминал границите на потребната одбрана може да биде поблаго казнет, а доколку прекршокот го сторил поради силна иритација или страв предизвикан од нападот, може да биде ослободен од казната.