Регион
Масовниот убиец од Србија призна вина, семејствата дојдоа на суд облечени во маици со порака
Обвинетиот за масовно убиство во две села во близина на Белград во мај 2023 година, Урош Блажиќ, денеска, на главната расправа пред Вишиот суд во Белград, целосно ја призна вината велејќи дека ги разбира сите наводи во обвинението.
На 4 мај минатата година, тогаш 21-годишниот Блажиќ, со истрели од автоматско оружје и пиштол уби девет и рани 14 лица во селата Дубона и Мало Орашје на територијата на белградската општина Младеновац. Тој беше уапсен еден ден подоцна и оттогаш е во притвор.
Блажиќ, претходно, на прелиминарното рочиште на 26 јули, кое беше затворено за јавноста, речиси целосно ја призна вината велејќи дека не знае што го опседнало за да изврши такво кривично дело, потврдија тогаш неговите полномошници за српските медиуми.
Таткото на Блажиќ, Р. Б., кој во овој случај беше обвинет за недозволено поседување оружје, муниција и експлозивни материи, ја негира вината тврдејќи дека не знаел од каде син му го набавил оружјето со кое го извршил масакрот.
На денешното рочиште син му се обиде да го заштити од одговорност за делото.
„Ќе одговорам само на прашањата на мојот адвокат. Мислам дека е срамота да се навратам на тие детали, одземањето млади животи… Можам да кажам за себе – јас сум виновен и подготвен сум да одговорам. Но, јас не сум за тоа невин човек да одговара само затоа што е мој татко“, рече Блажиќ, според извештајот на белградските медиуми по судењето. Тој изјави и дека е свесен оти сѐ што ќе изјавува пред судот ќе предизвика уште поголем гнев.
„Ја завршив кариерата, но нема потреба татко ми да страда за тоа што јас го направив… Виновен сум и подготвен сум да прифатам секаква казна“, изјави Блажиќ на рочиштето во Вишиот суд во Белград.
И синот и таткото изразија сочувство до семејствата на жртвите.
Со оглед на тоа што Урош Блажиќ во времето кога го извршил делото сè уште немал 21 година, максималната казна што може да му биде изречена е 20 години затвор. Денешното судење го организира локалниот суд во Смедерево од безбедносни причини во зградата на Специјалниот суд во Белград.
Семејствата на загинатите изутринава почнаа да пристигнуваат пред зградата на Специјалниот суд. Биле видени како носат идентични маици со фотографии од жртвите и порака „Живеете“ и датумот на масакрот.
Судницата на Специјалниот суд во Белград, каде што се одвива судењето, е најголемата судница и е поделена на три дела. Во првиот дел седат судијата, обвинителите, адвокатите и семејствата на жртвите. Од Блажиќ беа одвоени со решетки и стакло. Третиот дел од судницата е наменет за публиката, а медиумите ќе го следат судењето од целосно посебен медиумски центар преку видеопренос.
Како што објави српски „Блиц“, родителите биле видно потресени. Некои во очај се фрлале на стаклото, а некои викале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Италија покренува истрага за „воени туристи“ кои пукале во цивили во Сараево
Обвинителството во Милано покрена истрага за италијански државјани кои наводно платиле огромни суми пари на српските паравоени сили за да пукаат во цивили за забава за време на опсадата на Сараево од 1993 до 1995 година. Таканаречените „викенд снајперисти“ учествувале во брутален „лов на луѓе“ во градот во кој биле убиени 11.000 граѓани, објавија италијанските дневни весници „Ил Џорно“ и „Ла Република“, пренесува „Анса“.
Според италијанските медиуми, станува збор главно за крајно десничарски фанатици и ентузијасти за оружје кои им плаќале на српските војници да учествуваат во опсадата и да пукаат во жителите на главниот град на Босна и Херцеговина. За да се идентификуваат овие „воени туристи“, во Милано е покрената истрага за утврдување на нивниот идентитет.
Случајот го отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за убиство со умисла со особено сурови и подмолни мотиви. Истрагата моментално се води против непознати лица, а е покрената врз основа на жалба поднесена од новинарот и писател Ецио Гавацени, со помош на двајца адвокати и поранешниот судија Гвидо Салвини.
Според сведоштва собрани низ цела северна Италија, „викенд снајперистите“ се собирале во Трст, од каде биле однесени во ридовите околу Сараево. Таму, откако им платиле на паравоените сили на босанските Срби предводени од Радован Караџиќ, можеле да пукаат врз жителите на опколениот град. Досието вклучува и извештај за „богати странци кои се занимавале со нехумани активности“, кој до обвинителството го испратила поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ.
Гавацени во својот извештај наведува дека досега има само „траги“, но дека постоел „ценовник“ за убиства: „децата чинат повеќе, отколку мажите (по можност во униформа и вооружени), а старите лица би можеле да бидат убиени бесплатно“. Тој, исто така, се повикува на документарецот од 2022 година „Сараево Сафари“ од режисерот Миран Жупаниќ, во кој се појавува и анонимен сведок.
Во наредните недели, се очекува обвинителот Гобис да спроведе детална истрага и да ги испраша лицата именувани од авторот во извештајот.
Иако истрагата се фокусира на Италијанците, некои извори споменуваат и Американци, Канаѓани и Руси кои биле подготвени да платат за да „играат војна“. Поранешен босански разузнавач изјавил дека клиентите биле „сигурно многу богати луѓе“ кои „можеле да си дозволат таков адреналински наплив“.
Босанското разузнавање веруваше дека зад сето тоа стои Српската служба за државна безбедност, користејќи ја инфраструктурата на поранешната српска чартер компанија „Авиогенекс“. Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се споменува како клучна фигура во операцијата.
Фото: ЕПА
Регион
Бугарија ја зголемува безбедноста во рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас пред преземањето
Бугарија ја зајакнува безбедноста на копно, вода и во воздух, вклучително и системот за заштита од дронови, во објектите на „Лукоил“ на своја територија пред планираното преземање на фабриката, објави денес бугарската влада.
Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) денес влезе во канцелариите на компанијата „Лукоил“ во земјата и во рафинеријата во Бургас и почна со инспекции, објави Бугарското национално радио (БНР).
Според соопштението на кабинетот, во Бургас се распоредени единици на воена полиција и системи против дронови, а Министерството за внатрешни работи спроведува зголемени контроли на сите возила што влегуваат во периметарот на објектот, вклучително и проверки за експлозивни направи.
Владата во Софија наведува дека мерките се исклучиво превентивни и имаат цел да ја зачуваат безбедноста на енергетските објекти означени како критична инфраструктура, објавува „Ројтерс“.
В петок бугарскиот парламент усвои измени на Законот за административното регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи, со кои се даваат вонредни овластувања на идниот специјален менаџер на компанијата „Лукоил“ во таа земја, пишуваат медиумите.
Врз основа на новите овластувања управителот ќе може да ја продаде рафинеријата во Бургас, а рускиот „Лукоил“, кој досега управуваше со рафинеријата, повеќе нема да има право на глас, ниту можност за жалба на одлуката за преземање.
Американските и британските санкции против руските енергетски гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“, воведени минатиот месец поради војната во Украина, извршија притисок врз владите на земјите членки на Европската Унија кои продолжуваат да зависат од руските деривати.
Бугарската рафинерија во Бургас е од стратешко значење за снабдувањето со гориво во регионот, а властите во Софија стравуваат од можни прекини во синџирите на снабдување доколку дојде до целосен прекин на работењето на „Лукоил“, според написите.
Министерот за економија Петар Дилов изрази верување дека Бугарија, како и Унгарија, ќе добие ослободување од американските санкции за рафинеријата „Лукоил“.
Според него, Бугарија, за разлика од Унгарија, не работи со руска нафта повеќе од една година.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Вучиќ ѝ се јавил на Дијана Хрка за да ја замоли да го прекине штрајкот со глад, таа вели дека не се чувствува добро
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово лично им се јавил на Дијана Хрка и на Угљеша Мрдиќ, двајцата активисти кои веќе неколку дена штрајкуваат со глад во Собранието.
„Разговарав на телефон со Дијана Хрка и со Угљеша Мрдиќ. Ги замолив да го прекинат штрајкот со глад и ја поканив госпоѓата Хрка во претседателството на состанок. Сите добри луѓе во Србија се загрижени за нивното здравје, се молам и се надевам дека ќе донесат одлука за прекин на штрајкот“, изјави Вучиќ.
View this post on Instagram
Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад веќе девет дена.
Во изјава за агенцијата „Фонет“, Хрка потврди дека не се чувствува добро и дека не е во состојба да коментира за повикот на претседателот. „Не можам да зборувам за тоа сега. Моментно лежам и не сум баш добро“, изјави таа.
Претходно, Хрка изјави дека нема да го прекине штрајкот со глад додека институциите не почнат да си ја работат својата работа.

