Регион
Мајката на убиеното момче во „Рибникар“: Зошто го уби мојот син единец?; Коста: Се чувствував отфрлено
Во зградата на Специјалниот суд во Белград денеска продолжува судењето на Милјана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето Коста, кое уби девет ученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“. Момчето убиец и денеска продолжува да дава исказ во постапката. Со оглед на тоа дека за време на масакрот имал 13 години, нема да сноси кривична одговорност за своето дело.
Денеска му поставуваат прашања родителите на убиените деца. Судењето е затворено за јавноста, пренесуваат тамошните медиуми.
„Мајка ми секогаш бараше да бидам најдобар. Се лутеше и викаше кога не бев најдобар. Бидејќи секогаш бараше повеќе од мене, јас ѝ се лутев. Тоа нејзино однесување влијаеше да го направам тоа што го направив. Да го немав пиштолот на татко ми, немаше да го сторам ова“, изјави денеска пред судот Коста К., пренесуваат српските медиуми.
Кога Сузана Станковиќ-Чикиќ, мајката на убиениот Андрија Чикиќ, го прашала зошто ѝ го убил синот единец, тој одговорил: „Се чувствував отфрлено“. Во тој момент речиси сите во судницата плачеа, пишува „Телеграф“.
Огњен Божовиќ, адвокатот на семејствата на оштетените, зборуваше за постапката пред судењето.
„Денеска, треба да продолжи сослушувањето на малолетниот убиец, имаме можност да поставиме дополнителни прашања. Ќе се обидеме да разбереме како се случија настаните, да ги разгледаме темите, кои биле мотивите и што сакал да постигне. Се надевам дека дополнително ќе утврдиме одговорност и ќе разјасниме зошто тоа се случило, верувам дека одиме кон осуда, неговото сведочење не е пресудно во таа смисла, но мислам дека е значајно“, рече адвокатот и додаде:
„Се надевам дека денеска ќе добиеме повеќе дополнителен материјал, кој ќе го потврди нашиот став. Разбирам дека постои легитимен интерес на јавноста и уште од првиот ден ја застапував тезата дека судењето треба да биде отворено за јавноста, но со оглед на судската одлука за изземање, сметам дека секое истекување информации треба да се истражи и санкционира. Со тоа се создава амбиент во кој ние како адвокати не можеме да ги коментираме насловите во порталите и весниците, а во јавноста завршуваат разни детали. Ова ја отежнува нашата работа“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Не ја напаѓам ЕУ, туку ја штитам Србија, нема да бидеме понижени
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека е сигурен дека Србија ќе најде решение и ќе го забрза патот кон ЕУ, додавајќи дека не ги бојкотира членовите на Европскиот парламент, туку дека тие покажале големо непочитување кон земјата.
„Ја повикувам претседателката на Собранието повторно да го отвори дијалогот со невладиниот сектор, да разговараме за сè што е добро за земјата. Секако, не правете го она што директно е во спротивност со интересите на Србија, и тоа е мое барање“, изјави Вучиќ за „ТВ Пинк“.
„Мојот повик до г-ѓа Брнабиќ е да го повтори тој процес, да ги вклучи сите во тој процес“, додаде Вучиќ и нагласи дека се надева дека ќе се најде решение.
Запрашан за европратениците кои рекоа дека доаѓаат во Србија, иако разговорите со српските претставници не беа соодветно најавени, Вучиќ рече дека го бојкотира само Тонино Пицула.
„Ниту нè прашаа дали се добредојдени, ниту ни ги соопштија датумите, ќе беше убаво да прашаа дали претседателот е тука, а пред еден месец го закажаваа тоа. Не направија ништо од тоа, туку рекоа „тогаш ќе стигнеме“, а јас сè се договорив во Давос пред пет месеци“, истакна Вучиќ.
Во исто време, ги праша европратениците зошто не покажаа почит кон неговата земја, додавајќи дека тие, заедно со блокадерите, не сакаат дијалог.
„Ние сме на европскиот пат, но нема да бидеме понижени од некои европратеници, а моја работа е да го спречам тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека е единствениот од регионот што е почестен и дека е најавен на бизнис форумот во Давос на исто ниво како и светските лидери.
„Сите доаѓаат во Давос и сите сакаат да бидат слушнати, а пред сè сакам да слушам и да присуствувам на сите настани што се организираат. Обично само еден претседател е таму цел ден, а тоа сум јас, од рано наутро до вечер, бидејќи немаме пари да плаќаме за скапи хотели. Се наоѓаме на околу 20 километри од центарот на настанот“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Инцидент во хрватскиот парламент: пратеничка ја удри струја
За време на вчерашната парламентарна дебата во Хрватска, пратеничката Далија Орешковиќ ја „стресе“ струја.
Додека зборуваше членот на ХДЗ, Марко Павиќ, таа гласно вресна, а потоа почна да ја тресе раката.
„Извинете, колега Павиќ, дајте ми кратка пауза. Дали сте добро, колешке? Дали ви треба помош или нешто слично?“, прашал заменик-претседателот на Парламентот, кој во тој момент претседавал со седницата.
Орешковиќ одговорила дека сè е во ред, а се чини дека струјниот удар се случил кога се обидела да го вклучи полначот, пренесува Дневник.хр.
Регион
Oдиме на избори, рече Радев откако и третата партија го врати мандатот за состав на влада
„Алијансата за права и слободи“ (АПС) го прифати третиот мандат, но потоа го врати, што значи дека Бугарија оди на нови предвремени избори.
„Не случајно избрав да ви го врачам третиот мандат на вашата пратеничка група. АПС беше подложена на сериозен притисок“, изјави претседателот Румен Радев на почетокот од средбата.
Според шефот на државата, токму АПС најдобро ги разбирала пороците на актуелниот модел на владеење.
Хајри Садаков, претседател на пратеничката група на АПС, му се заблагодари на претседателот за довербата да им го врачи третиот мандат.
„Ние изодевме еден многу сложен пат“, нагласи Садаков, додавајќи дека АПС го слушнала гласот на луѓето од плоштадите. Тој истакна дека токму АПС први го кренале гласот против појавата што се наѕирала.
„Одиме на избори“, констатира Радев, откако и третиот мандат се покажа како неуспешен.

