Регион
Мицотакис: Европа треба да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја зголеми безбедноста

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска изјави дека Европа треба да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја зајакне својата безбедност во услови на војна во Украина и на Блискиот Исток.
Мицотакис изјави дека Европа треба да преземе поголема одговорност за својата безбедност во сегашните околности, објави “Фајненшл тајмс“.
Кирјакос Мицотакис предлага создавање европски финансиски инструмент вреден 100 милијарди евра, кој ќе може да ги финансира барањата на колективната европска безбедност надвор од националните буџети следејќи го моделот на позитивното искуство на Фондот за закрепнување и отпорност и во исто време предлага зголемена флексибилност во буџетските правила со цел да им се даде буџетски простор на земјите членки за одбранбени инвестиции.
На крајот, Мицотакис нагласува дека Грција како земја членка на првата линија и на ЕУ и на НАТО и како земја што се соочува со уникатни и непосредни безбедносни предизвици, особено во источен Медитеран, пред подолго време ја сфати критичната важност на одбранбените инвестиции.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, на 29 јануари рече дека дваесет и трите членки на ЕУ, кои исто така припаѓаат на НАТО, најверојатно ќе се согласат да ги зголемат трошоците за одбрана над сегашната цел од 2 отсто од БДП на самитот на алијансата во јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Млад маж и девојка загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска, имаа 19 и 18 години

Две лица на возраст од 19 и 18 години загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случи нешто по полноќ во општина Драганиќ, недалеку од Карловац, известија од полициската управа во Карловац.
Несреќата се случила 25 минути по полноќ кога патничко возило со карловачки регистерски таблички поради пребрзо возење излетало од патот и влегло во канал.
Загинале 19-годишниот возач и 18-годишната сопатничка во возилото, информираат од СВР Карловац.
Истрагата утврдила дека возилото слетало во земјен канал за атмосферска вода, а потоа се превртело на покривот и удрило во задниот дел на бетонски мост. Утврдено е и дека починатите не носеле појаси.
„За сообраќајната незгода ќе биде проследена пријава до надлежното државно правобранителство“, додаваат од полициската управа Карловац.
Регион
Судењето на Додик завршува денеска, тој се соочува со затвор

Денеска во Судот на БиХ ќе заврши едногодишното судење на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, под обвинение дека не ги спроведувал одлуките на високиот претставник, а Додик и неговите најблиски соработници се заканија со „радикални мерки“ доколку биде прогласен за виновен и осуден.
Завршното рочиште во постапката против Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ е предвидено за изнесување на завршните зборови на обвинителството и одбраната. Доколку тоа се заврши во текот на денот, судијата Сена Узуновиќ може да ја соопшти пресудата веднаш или најдоцна во рок од три работни дена, односно најдоцна до 25 февруари.
Додик и Лукиќ се обвинети дека овозможиле објавување во Службен весник два закони донесени од Парламентот на РС во 2023 година, иако високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништил.
Затоа Обвинителството на БиХ поднесе обвинение против нив во август 2023 година, а судењето започна во февруари 2024 година.
Во БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело за кое се казнува затворска казна до пет години, а пресудата во случајот на Додик би значело автоматско отстранување од функцијата претседател на РС.
Додик се состана со своите најблиски соработници зад затворени врати во понеделникот вечерта во Бања Лука за да одлучи што да прави доколку биде осуден.
По таа средба до медиумите беше доставено соопштение полно со заканувачки најави, во кое очекуваната пресуда против Додик беше означена како „државен удар“.
„Националното собрание, Владата и сите институции на РС ќе постапат на начин што ќе донесат радикални одлуки како одговор на каква било пресуда на Судот на БиХ. Исто така, сите претставници на српскиот конститутивен народ во РС на ниво на БиХ, како и сите вработени во органите на БиХ, ќе се повлечат од заедничките институции и ќе престанат со работа“, се вели во соопштението.
Регион
Петгодишно девојче се лизнало од жичара во Словенија: паднало од висина од пет метри

Несреќа се случила во словенскиот ски-центар Копе, кога петгодишно девојче од Хрватска се лизнало од жичара и паднало од висина од околу пет метри.
Таа била тешко повредена и со возило на Брза помош била пренесена во болница.
Нејзиниот живот не е во опасност, пренесува „24 часа“.
Девојчето се возело на жичара со уште две деца и едно возрасно лице кое ја придружувало. Додека се возела се лизнала под заштитната шина и паднала од висина од околу пет метри.
Полицијата прибира информации во врска со одговорноста на возрасното лице кое го ставило девојчето на жичницата, а се работи за сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Девојчето било дел од група деца кои го посетиле ски-центарот Копе организиран од спортски клуб.