Европа
НАТО: БиХ наскоро би можела да стане цел на Русија, тоа е нов тип војна

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, предупреди дека Русија може да се обиде да ја нападне критичната дигитална инфраструктура на Грузија и Босна и Херцеговина, како што направи кога ја нападна Украина, пишуваат агенциите.
Џоана изјави дека Грузија и Босна и Херцеговина наскоро би можеле да станат мета на Русија. Тој прецизираше дека нападот може да биде на пример во форма на голем кибернапад.
Тој додаде дека НАТО ја засилува својата поддршка за двете земји за да ги зајакне своите одбранбени способности, вклучително и оние против кибервојната.
Како што објасни Џоана, Украина докажа „колку е важно зајакнувањето на кибербезбедноста со помош на НАТО за одбрана и одвраќање“, и отиде дотаму што го нарече „приоритет на НАТО“, пишува „Кликс“.
Тој укажа на големи кибернапади врз украинската влада и војска, како и друга критична инфраструктура на денот на руската инвазија, заклучувајќи дека кибернападите, заедно со дезинформациите и дигиталната шпионажа, се дел од новиот тип на војување.
Медиумите потсетуваат дека Русија на 24 февруари почна инвазија на Украина која ја промени безбедносната ситуација во Европа, ги обедини сојузниците и укажа на потребата од зајакнување на заедничкиот безбедносен чадор на Европа.
Босна и Херцеговина, заедно со Грузија, често се споменува како особено ранлива точка, место каде што Москва би можела да се обиде да ги оствари своите интереси преку марионети локални политичари, стои во написите. Затоа, веднаш по инвазијата на Украина, НАТО соопшти дека е подготвен да понуди дополнителни безбедносни гаранции и да ја зајакне соработката со земјите каде Русија би можела да се обиде да го прошири своето влијание.
Слична е ситуацијата и во другите делови на Европа. Шведска и Финска, традиционално воено неутрални земји, одлучија да аплицираат за членство во НАТО поради страв од руска агресија, се потсетува во новинарските извештаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Песков: „Русија има план доколку НАТО се прошири“

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руското Министерство за одбрана има планови за безбедноста на земјата доколку НАТО се прошири.
Песков денеска изјави дека Русија прави напори да ја обезбеди својата безбедност, особено во контекст на можното распоредување на оружје на НАТО во Финска и Шведска.
„Таквите опции се разгледуваат, а тоа не го прави Кремљ, туку Министерството за одбрана. Веќе кажавме дека имаат соодветни планови и се прават напори за да се обезбеди нашата безбедност“, изјави Песков на прашањето дали Русија разгледува опции за одговор на евентуалното формирање на базата НАТО во Финска недалеку од руската граница, пренесува ТАСС.
Прашан за коментар за процесот на приклучување на Финска и Шведска во НАТО, Песков рече дека претседателот Владимир Путин веќе ја разјаснил својата позиција „и нема што да се додаде“.
Шефовите на дипломатиите на Финска и Шведска и амбасадорите на 30 членки на НАТО рано денеска ги потпишаа протоколите за пристапување во алијансата.
Тие ќе можат да влезат во НАТО откако сите членки ќе ги ратификуваат документите.
Европа
Шолц: Мораме да се подготвиме дека оваа ситуација нема да се промени во догледна иднина

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги подготвува граѓаните на Германија за натамошни поскапувања.
„Актуелната криза нема да помине за неколку месеци – порача социјалдемократот (СПД) на почетокот на таканаречената „заедничка акција“ со највисоките претставници на работодавачите и синдикатите, во кабинетот на канцеларката. Војната на Русија во Украина и нарушените синџири на снабдување поради пандемијата на корона создадоа општа неизвесност. Мораме да се подготвиме за фактот дека оваа ситуација нема да се промени во догледна иднина“, рече Шолц. „Германија се соочува со „историски предизвик“, додава тој.
Целта на овој прв од серијата состаноци е да се најдат инструменти за потиснување на растот на цените. Резултатите ќе бидат познати дури наесен, пишуваат тамошните медиуми.
„Како држава, добро ќе ја поминеме оваа криза само ако се обединиме, ако заеднички, рака под рака, изнаоѓаме решенија“, нагласи Шолц.
„Пораката што ми е важна е да се држиме заедно“, рече канцеларот.
Претседателот на работодавците Рајнер Дулгер исто така гледа темни облаци на хоризонтот.
„Земјата се соочува со најтешката економска и општествено-политичка криза од обединувањето. Тоа може да се надмине само со заеднички напори. Постојаниот економски раст, како што е забележан пред пандемијата на корона и почетокот на војната во Украина, веќе не е нешто што се зема здраво за готово. Пред нас се тешки години“, рече тој.
Европа
Рускиот министер за одбрана: Воспоставуваме поморски коридори за извоз на жито

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Русија воспоставува два хуманитарни поморски коридора во Црното и Азовското Море за да го олесни извозот на жито.
„Преземаме сет на мерки за да овозможиме безбедна пловидба во водите на Црното и Азовското Море. Опасноста од мини во пристаништето Мариупол е целосно елиминирана“, рече Шојгу, а пренесе руската новинска агенција РИА Новости.
Русија постојано повторува дека не го попречува извозот на украинско жито.