Регион
„На училиштата им е потребна дополнителна безбедност“: Пленковиќ по убиството во Загреб

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ попладнево одржа вонреден состанок со градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ и надлежните министри по нападот што утрово се случи во основното училиште „Пречко“ во Загреб, пренесува „24сата.хр“.
По средбата, Пленковиќ и се обрати на јавноста. Тој на почетокот изрази сочувство.
„Во овој момент сакам да им се заблагодарам на сите вработени во полицијата, здравството и другите служби кои од утрово се активни во овој случај. Изненадени сме и згрозени од вакво тешко кривично дело. Во овој момент не можеме да кажеме дека се работи за настан што е идеолошки обоен или дека има терористички елементи, мислиме дека е настан кој настанал поради здравствени нарушувања, но ваквиот настан отвора низа прашања поврзани со безбедноста во училиштата“.
Тој ги откри мерките што итно ќе ги воведе Хрватска. Тој најави зголемена безбедност во сите образовни институции.
„Затоа денеска решивме во овие неколку дена, додека се празниците, да видиме што дополнително можеме да направиме во однос на безбедноста, од задолжителното заклучување на сите училишни институции и техничките подобрувања, во однос на типот на вратите во училиштата, како и да се предвиди во систематизацијата на училиштето едно место за лица кои би биле квалификувани со посебни знаења поврзани со безбедноста. Ќе преземеме мерки за подигнување на нивото на безбедност во училиштата“, додаде Пленковиќ.
Утрово 19-годишно момче влегло во училиштето и изболо наставник и неколку ученици. Седумгодишно дете загина, пет лица се повредени, меѓу кои три деца и двајца возрасни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Газа загина бугарски државјанин, вработен во Обединетите Нации

Бугарски државјанин, вработен во Обединетите нации, е убиен денеска во Појасот Газа, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на првични информации.
Министерството извести дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе добијат известување за исходот од истрагата за околностите на инцидентот спроведена од надлежните органи.
Шефот на бугарската дипломатија телефонски разговарал со својот израелски колега Гидеон Сар, кој им изразил сочувство на роднините на загинатиот Бугарин, објаснувајќи дека според досегашните податоци на израелските одбранбени сили, трагичниот инцидент во Газа не е поврзан со нивните акции на копно, воздух или вода.
Обединетите нации повикаа на истрага за нападот на две локации на ОН во Газа, за кој ОН соопштија дека уби еден од персоналот, а рани пет други.
„Генералниот секретар најостро ги осудува сите напади врз персоналот на ОН и повикува на целосна истрага. Тој нагласува дека сите конфликти мора да се водат на начин кој гарантира почитување и заштита на цивилите“, изјави заменик портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак на прес-конференција.
Регион
Брнабиќ: Рокот за формирање нова влада е 18 април на полноќ, констатирана е оставката на Вучевиќ

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека рокот за формирање нова влада почнува утре, 20 март, и изјави дека, според законот, новата влада треба да биде формирана до 18 април на полноќ.
Брнабиќ рече дека доколку до 18 април на полноќ не се формира нова влада, претседателот е должен да го распушти парламентот и да распише парламентарни избори.
Таа на прес-конференција во српското Собрание, по седницата на која беше констатирана оставката на премиерот Милош Вучевиќ, рече дека со констатацијата на оставката во парламентот и официјално е завршен мандатот на владата.
„Српскиот парламент, во согласност со член 132 од Уставот, ја призна оставката на премиерот, а со тоа и официјално заврши мандатот на Владата на Милош Вучевиќ. Од утре, 20 март, почнува рокот за формирање нова влада“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека, според Уставот, процедурата сега ја презема претседателот на Републиката, кој треба да предложи нов мандатар.
„Крајниот рок за формирање нова влада е 18 април на полноќ. Вучиќ треба да предложи мандатар, а мандатарот на Собранието да ги предложи програмата на новата влада и предлогот на членовите по што пратениците ќе се изјаснат за своите ставови“, изјави Брнабиќ.
Таа посочи дека доколку до тој рок не се избере нова влада, претседателот е должен да го распушти Собранието и да распише избори.
Како што наведе таа, изборите треба да се одржат од 45 до 60 дена од денот на распишувањето, што во овој случај би било почетокот на јуни.
Регион
Пленковиќ: Можеме да обезбедиме дополнителна помош доколку македонските пријатели проценат дека им е потребна

„Најпрвин да изразиме сочувство до семејствата и до Македонија за оваа голема трагедија во Кочани. Досега пет пациенти се префрлени од Северна Македонија во Хрватска“, рече премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Како што рече, остануваат подготвени и може да помогнат да обезбедат дополнителна помош доколку македонските пријатели проценат дека им е потребна.
„Попладнево, во Загреб ќе престојува и министерот за надворешни работи и заедно со министерот Хрстиќ ќе ги посети пациентите“, додаде Пленковиќ.