Регион
Нема одговор на две клучни прашања во случајот со убиството на Данка Илиќ
Истрагата за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ од Бор привршува, а сѐ уште не се знае дали Вишото јавно обвинителство во Заечар собрало доволно докази против осомничените работници на ЈКП „Водовод“ од Бор, Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ.
Истрагата ја кочи и тоа што до ден-денес нема одговори на две прашања – каде е телото на детето и како е можно на местото на злосторството да не се пронајдени ДНК-траги на Данка.
Данка Илиќ исчезна на 26 март, а за нејзиното убиство беа уапсени работниците на ПУК „Водовод“. Осомничените се обвинети дека кобниот ден го удриле девојчето со службено возило, а потоа нејзиното тело го ставиле во автомобилот.
Според полицијата, девојчето во еден момент се освестило, а потоа еден од осомничените наводно ја убил Данка. Иако осомничените првин во полиција признале дека го сториле делото и детаљно објасниле што се случило, тие потоа во Обвинителството го повлекоа признанието тврдејќи дека биле принудени.
Токму овие околности ги доведоа во прашање доказите што досега ги прибра Обвинителството.
Како што неофицијално објави „Нова.рс“, истрагата за убиството на детето е при крај, речиси сите вештачења пристигнале во Вишото јавно обвинителство во Заечар, а се поставува прашањето дали ќе биде поведено обвинение против осомничените.
Дефинитивната истрага е отежната од фактот што сѐ уште нема одговори на две клучни прашања. Една од нив е каде е телото на Данка Илиќ и како е можно да не е пронајдено речиси пет месеци по исчезнувањето.
Досега е претресено цело Бањско Поле, села во околината на Бор, но не се појави ниедна трага што би означувала каде е телото на девојчето. Реонот се пребаруваше со денови, а по исчезнувањето на Данка, во Бањско Поле имаше стотина полицајци.
Депонијата, каде што наводно осомничените првин го скриле телото, била претресувана неколкупати, но не биле пронајдени траги што би укажале дека Данка навистина била таму.
Друго неодговорено прашање е како е можно да нема ДНК-траги од девојчето на местото на злосторството, односно во автомобилот што го возел осомничениот критичниот ден. Имено, досега се анализирани повеќе од 500 траги и на ниедна не е пронајден биолошки материјал од девојчето.
Биолошкиот материјал на девојчето е клучен за истрагата бидејќи недвосмислено би ги поврзал осомничените со местото на злосторството. Така, Обвинителството би имало цврст доказ дека детето е убиено во возилото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Легендарниот рокер Бора Чорба погребан со хитот “Погледај дом свој анџеле“
Легендарниот рокер, фронтмен на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ (72) денес е погребан. Семејството, колегите, но и бројни пријатели и обожаватели се собраа на Градските гробишта во Чачак за да го кажат последното збогум и да се простат од него.
Хорот на гимназијата од Чачак по црковниот обред го испеа најголемиот хит на Бора „Погледај дом свој анџеле“, а овој момент расплака многумина и тоа беше најтажната сцена од гробиштата.
Рокерот Бора Ѓорѓевиќ (72) почина во средата на 4 септември во Љубљана по тешко боледување.Легендарниот рокер ќе почива во родниот Чачак, што му беше и последна желба.
Роден е на 1 ноември 1952 година.
Регион
Маж од Албнија вооружен со мачета се заканувал на полицајци во западна Германија, извикувал „Алах акбар“
Маж од Албанија вооружен со мачета бил совладан и уапсен откако рано утринава се заканил дека ќе убие полицајци во полициска станица во западна Германија, соопшти обвинителството.
Инспекторите рекоа дека веруваат дека тој имал исламистички, екстремистички мотив, пренесе АП.
Албанскиот државјанин (29) околу 02.40 часот пристигнал во полициската станица во гратчето Линц на Рајна, меѓу Кобленц и Бон.
Обвинителите рекоа дека тој извикувал „Алаху акбар“ – „Господ е голем“ на арапски – и рекол дека сакал да ги убие полицајците.
Дежурните полицајци ја заклучиле вратата од полициската станица и влезот во внатрешниот двор.
Осомничениот се обидел, но не успеал да ги натера да го отворат влезот, се вели во соопштението на обвинителот.
На местото на настанот биле повикани специјалци кои го совладале со пиштол за шокирање.
Инцидентотследи по нападот со нож на 23 август во западниот град Солинген, во кој осомничен екстремист од Сирија беше обвинет за убиство на три лица.
Регион
Сопругата на Бора Чорба се прости од рокерот со трогателни зборови: „Твоето срце ќе чука со нас засекогаш“
Легендата на рокот, Бора Ѓорѓевиќ, почина на 72 години, на 4 септември, а последен поздрав преку некролог во весник денеска му испратија сопругата Дубравка и другите членови на семејството.
Во Чачак, денеска, 6 септември, беше прогласен ден на жалост, а во Центарот за култура беше отворена книга на жалоста.
„Погребот ќе се изврши в сабота, 7.9.2024 година, во 14.30 часот, на градските гробишта во Чачак. Црковниот обред е во 14 часот. Сочувство ќе се прима од 13 часот. Драг наш, твоето срце ќе чука засекогаш со нас. Твоите песни засекогаш ќе бидат дел од нас… Ни подари грст спомени преку кои ќе те паметиме“, пишува во последниот поздрав на сопругата на Бора и семејството.