Регион
Никој не сака да го преземе телото на тројниот убиец од Градачац

Телото на тројниот убиец Нермин Сулејмановиќ се уште се наоѓа во Комеморативниот центар во Тузла, а до денес никој нема поднесено барање за негово преземање. Ова денеска го изјави директорот на Комеморативниот центар во Тузла, Фарук Латифагиќ, пишува Аваз.
Телото на Сулејмановиќ, кој на 11 август ја уби својата невенчана сопруга Низама Хеќимовиќ и се` пренесувашр во живо на Инстаграм, е во фрижидер повеќе од еден месец. По стравотното злодело, роднините се откажале од него, а никој од пријателите не се нафатил да организира погреб.
Инаку, неодамна, поради настаните во Градачац, со решение на полицискиот комесар на СВТ ТК Џевад Корман, беше разрешен началникот на полициската управа Градачац, Зехрудин Хасиќ. По смената Хасиќ бил преместен на друга позиција во МУП ТК.
Разрешен е и неговиот заменик. На местото на Хасиќ беше назначен командантот на полицискиот оддел во Сребреник, Един Кариќ.
Промената настана, како што е познато, поради одредени проверки кои се вршеа во врска со Сулејмановиќ. Претходно беше суспендирана полицајката Џенана Селимовиќ, а против неа беше поведена дисциплинска постапка.
Во моментот кога беше објавена веста дека полудениот убиец Сулејмановиќ се самоубил, ќерката на началникот на полицијата на Градачац на социјалните мрежи објави фотографија со убиецот со порака: „Ова беше нашето последно кафе“.
Ќерката на Хасиќ му била пријателка на Сулејмановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Стано за Косово: Мора итно да се дојде до деескалација, излезот мора да се најде преку дијалог

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, повтори дека Унијата го осудува инцидентот што се случи во Бањска и порача дека ситуацијата мора да деескалира и дека излезот од постојаните кризи на Косово мора да се најде со дијалог.
„ЕУ е многу јасна – ние сме посредникот. Двете страни сакаат да влезат во ЕУ, а нивниот пат е преку дијалог. Дека не треба да се справуваме со опасни кризи како оваа што ја имаме сега, туку да им помогнеме да напредуваат кон нормализација и помирување. Сето тоа многу јасно стои во соопштението на членките на ЕУ – како мора да се однесуваат за да влезат во ЕУ“, рече Стано на прес-конференцијата во Брисел.
На прашањето на новинарите дали постои можност за воведување мерки, Стана рече дека истрагата сè уште е во тек и дека сè уште се испитуваат сите факти за тоа дело.
На прашањето дали високиот комесар за безбедност и надворешна политика, Жозеп Борел, планира уште една средба на високо ниво со Белград и Приштина, Стано рече дека тоа е дел од дијалогот.
Регион
Државјанин на Србија уапсен во Црна Гора за наводно воено злосторство во Косово

Црногорските службеници на Секторот за борба против криминалот за воени злосторства врз цивилното население го уапсиле српскиот државјанин М. В.
Одделението за безбедност на Плав и Секторот за безбедност Беране, во соработка со секторот за борба против криминалот, како дел од меѓународна целна потрага, го лоцирале и уапсиле српскиот државјанин М. В. (61) кого УНМИК го бара за наводни воени злосторства врз цивилното население.
М. В. бил баран од НЦБ Интерпол Унмик со цел да се обезбеди негово присуство во кривичната постапка што против него се води поради, како што се наведува, основано сомнение дека сторил кривично дело воени злосторства врз цивилното население, соопшти Управата на полицијата на Црна Гора.
Според информациите, М. В. е осомничен дека наведеното кривично дело го сторил во текот на 1999 година на подрачјето на општина Пеќ.
По апсењето, тој е ставен во екстрадициски притвор во Бјело Поље.
Регион
Зарацин: Неопходно е да се најде решение за имплементација на Охридскиот договор

Специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Зарацин, денеска изјави дека е неопходно да се постигне напредок во изнаоѓање решение за имплементација на Охридскиот договор.
Тој пред новинарите во Приштина изјави дека безбедносната ситуација на северот е многу сложена и дека одговорот на такво нешто треба да биде јасен, пренесува „Економија онлајн“.
На прашањето како да продолжи дијалогот, Зарацин рече дека нема никакви информации, но дека двете страни мора да се потрудат.
„Се обидуваме да дадеме сè од себе, на крајот да покажеме дека сме пријатели на Западен Балкан, сакаме да им помогнеме на патот на сите шест земји од Западен Балкан кон Европската Унија, а ова е патување што ќе биде водено од мојот канцелар (Олаф Шолц), кој беше јасен за време на посетата на Приштина пред една година и три месеци, но, се разбира, политичката култура и политичките одлуки не може да се направат од Германија, ние можеме само да ги поддржиме нашите пријатели во преземањето на овие чекори“, изјави Зарацин.