Регион
Одложен почетокот на судењето на Додик

Почетокот на судењето на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ, кој беше најавен за среда, е одложен за 6 декември, потврди Судот на Босна и Херцеговина денеска. Одбраната на Додик побара одложување на почетокот на судењето со образложение дека тој утре треба да отпатува за Унгарија.
Тврдеа дека поканата за тоа патување ја добил пред рочиштето да биде закажано за 22 ноември, а судот го прифатил тоа образложение. Додик и директорот на „Службен весник на РС“, Милош Лукиќ, се обвинети за кривично дело неисполнување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, за што, во случај на осуда, им се заканува казна, која се движи од шест месеци до пет години затвор.
Ако бидат осудени, тоа ќе значи и автоматска забрана на должностите што ги извршуваат. Измените во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина по кои им се суди на Додик и Лукиќ ги наметна сегашниот висок претставник Кристијан Шмит на 1 јули, истовремено кога ги укина законите со кои парламентот на Република Српска се обиде да го блокира спроведувањето на неговите одлуки, како и пресудата на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Иако Шмит ги поништи спорните закони врз основа на неговите овластувања, Додик сепак го потпиша указот за нивно стапување во сила, а Лукиќ ги објави во „Службен весник“ на субјектот, па и двајцата го прекршија законот.
И двајцата на прелиминарното рочиште во Судот на Босна и Херцеговина се изјаснија за невини, а нивната одбрана се заснова на тврдењето дека Шмит не бил легитимно избран висок претставник и покрај тоа што е избран според пропишаната процедура, па според нивното толкување, тој не можел ниту да наложи измени на Кривичниот закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Опозицијата се судри со обезбедувањето, пратениците запалија факели: хаос во Собранието на Албанија

Во Парламентот на Албанија повторно дојде до судир меѓу опозицијата и собраниското обезбедување, а дел од пратениците запалија и димни ракети.
На денешната седница треба да биде усвоен буџетот за 2024 година, но пратениците на Демократската партија, актуелната која ја поддржува Сали Бериша, најпрвин со своите тела го блокираа пристапот до говорницата, а кога се обидоа тоа да го направат со столчиња, имаше конфликт со собраниското обезбедување, пренесува „Албанска пошта“.
Во пресрет на седницата, шест пратеници беа исклучени од работата на тоа тело на 10 дена поради нередот што го направија на седницата одржана на 4 декември, а меѓу нив е и Бериша, пренесува Балкан веб.
Претседателката на Собранието Љиндита Никола го исклучи од седницата претставникот на Демократската партија бидејќи, како што изјави, фрлал цигари во салата, а потоа ја затвори седницата за јавноста.
Регион
Избоден маж на автобуска станица во Белград

Белградската полиција трага по маж кој во вторникот вечерта на автобуската постојка во Борча го избодел Д.Р. (39).
Според зборовите на избодениот, тој чекал автобус кога напаѓачот му пришол и по кратка дискусија извадил нож и почнал да го боде.
Д.Р. бил примен во Ургентниот центар во тешка состојба.
Констатирани му се повреди по рацете и телото.
Истрагата е во тек.
Нападот се случил на автобуската постојка на патот за Зрењанин, пишува Телеграф.
Регион
Вучиќ: Постои можност Охридскиот договор да стане услов за прием во ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека постои можност Охридскиот договор да стане дел од преговарачкото поглавје 35, а со тоа и услов за прием на Србија во Европската унија.
Сепак, Вучиќ истакна дека јасно кажал што не може да прифати.
„Прво, да видиме што ќе биде, бидејќи не можат да игнорираат нешто за кое разговарале со мене, јас по секоја нивна посета, после самиот Охрид, излегував и јасно кажував што прифаќаме, а што не, бидејќи дури и мојата вербална експлицитна изјава е став на државата и не може да се отфрли“, вели Вучиќ во интервју за НИН.